Македонија
АВРМ откри обиди за измама преку програмите за самовработување
Агенцијата за вработување информира дека се појавени случаи на обиди за измама на апликантите што учествуваат во програмата за самовработување, со цел изнуда и незаконско стекнување финансиска корист.
До Агенцијата за вработување се обратиле странки, кои рекле дека им се јавило непознато лице од непознат телефонски број, кое им барало извесна сума (процент од грантот), со ветување дека со сигурност ќе им бидат доделени финасиските средства.
„Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП МК) се оградуваат од овие постапки и ги охрабруваат странките за вакви и слични случаи веднаш да ја известат Агенцијата за вработување“, се наведува во соопштението.
Од АВРМ велат дека случајот е пријавен пред надлежните органи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бракоразводна постапка и пријава за насилство – вонреден надзор во Центарот за социјални работи по трагедијата во Карпош
Министерството за социјална политика, демографија и млади изрази длабоко сочувство до семејството и блиските на мајката и детето кои го загубија животот во трагичниот настан.
Од Министерството информираат дека, согласно законските надлежности и принципот на должно внимание, веднаш бил извршен вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи – Скопје, со цел целосно и непристрасно утврдување на фактичката состојба и начинот на постапување на институцијата.
Според првичните информации од инспекторите, починатата заедно со сопругот за првпат била евидентирана во Центарот на 7 октомври 2025 година, по барање на Основниот граѓански суд во врска со постапка за развод на брак.
Во однос на пријавено насилство, од Министерството наведуваат дека допис од Министерството за внатрешни работи бил примен и заведен во Центарот на 2 февруари 2026 година, а се однесувал на настан од 19 декември 2025 година, за сторен прекршок против јавниот ред и мир, односно физички напад на сопругот врз сопругата.
„Министерството има јасен и недвосмислен став: секое евентуално пропуштање, ненавремено постапување или непочитување на законските обврски мора да биде целосно утврдено, а одговорност мора да има согласно закон“, се наведува во соопштението.
Од таму додаваат дека заштитата на жртвите на насилство и превенцијата од семејно насилство се врвен приоритет и дека нема да дозволат институционални слабости да останат неадресирани.
Инспекцискиот надзор е во тек, а по неговото завршување Министерството најавува дека транспарентно ќе ја информира јавноста за наодите и за понатамошните мерки, како и дека будно ќе го следи случајот и ќе преземе сè што е во негова надлежност за да се обезбеди целосна одговорност и зајакнување на системот на заштита.
Македонија
Државните нафтени резерви се стабилни и обезбедуваат сигурност, уверуваат надлежните
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини со посебно внимание ја следи состојбата со актуелната енергетска ситуација, особено во контекст на нафтените пазари и потенцијалните геополитички ризици, истакнуваат од оваа институција.
Министерството информира дека Агенцијата за задолжителни нафтени резерви постојано ги следи и одржува државните резерви на нафта и нафтени деривати, обезбедувајќи сигурност на снабдувањето, стабилност на пазарот и подготвеност за навремена реакција во случај на какво било нарушување на увозот или снабдувањето.
„Агенцијата за задолжителни нафтени резерви МАКОРА има законска обврска да ги формира и одржува државните резерви на нафта и нафтени деривати во согласност со европската регулатива, односно со Directive 2009/119/EC, која пропишува задолжителна минимална покриеност во одреден број денови просечна потрошувачка или увоз.
Овие државни резерви претставуваат стратешка сигурност на системот. Тие се чуваат како безбедносен механизам и не се користат во редовни пазарни услови, туку исклучиво со одлука на Владата, во случај на прогласување енергетска криза или сериозно нарушување на снабдувањето“.
Во моментов, како што е посочено, увозот на нафтени деривати е целосно либерализиран и се одвива непречено, без ограничувања или застои.
Како Министерство, додаваат од таму, внимателно ја следиме состојбата на меѓународните пазари, особено во контекст на актуелните геополитички случувања и воениот конфликт на Блискиот исток.
Потенцираат дека доколку се појави евентуален недостиг или прекин што би можел да го загрози снабдувањето, Владата ќе реагира навремено и соодветно, во интерес на граѓаните и стопанството.
„Во овој момент, државните резерви се стабилни и според расположливите информации нашата земја стои меѓу најподготвените во регионот во однос на покриеноста и сигурноста на снабдувањето.
Како превентивна мерка, доколку утре се појави евентуален проблем на пазарот, државата располага со резерви од сите видови нафтени деривати и тоа:
· Еуродизел – 138.877.053 литри
· Еуросупер БС-95 – 32.098.680 литри
· Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 10.772.342 литри
· Мазут М-1 НС – 5.287.794 килограми.
Покрај стратешките резерви, редовната набавка на нафтени деривати се одвива повеќепати во текот на годината, а резервите се дополнуваат континуирано и соодветно, согласно динамиката на потрошувачката и законските обврски. Со тоа обезбедуваме стабилност, предвидливост и сигурност во снабдувањето на граѓаните и економијата.
Нафтените резерви се безбедно складирани кај овластени трговски друштва – складиштари и тоа во ОКТА – Рафинерија на нафта, Макпетрол АД Скопје, Лукоил Македонија ДООЕЛ и Супер Трејд ДООЕЛ“.
Овие капацитети, информираат од министерството, се редовно мониторирани и контролирани од страна на надлежните државни органи, со цел да се обезбеди целосна безбедност, техничка исправност на складиштата и навремена достапност на резервите доколку се појави потреба.
Појаснуваат дека доколку се појави евентуален проблем со увозот од какви било причини – затворање на граници, прекини, штрајкови или блокади – државата има обезбедено и дополнителен сигурносен механизам. „Во функција е продуктоводот Солун–Скопје, кој преку поврзувањето со Солун обезбедува алтернативен и непречен доток на сите видови на нафта и нафтени деривати, што значително ја зголемува стабилноста на системот и ја намалува зависноста од други транспортни правци.
Истовремено, Агенцијата континуирано ја следи и дневната потрошувачка на нафтени деривати, со цел државните резерви да се одржуваат согласно законски пропишаното ниво и реалните потреби на пазарот.
Системот е поставен превентивно, со повеќеслојна заштита – преку стратешки резерви, алтернативни транспортни коридори и постојан мониторинг на потрошувачката – со што се гарантира енергетска сигурност и стабилност.
Иако актуелните случувања во Блискиот Исток можат да предизвикаат нарушувања во снабдувањето со нафтени деривати на светско ниво, Република Северна Македонија како држава има обезбедено сигурен проток и увоз на деривати од повеќе различни извори и земји. Со оваа диверзификација на снабдувачите, комбинирано со стратешките државни резерви и функционирачкиот продуктовод Солун–Скопје, се обезбедува непречено и стабилно функционирање на пазарот на нафтени деривати.
На овој начин се гарантира дека граѓаните и стопанството нема да почувствуваат недостиг, а државата останува целосно подготвена да реагира навремено доколку се појави какво било нарушување на снабдувањето“.
Македонија
СДСМ за трагедијата во Карпош: Законот обврзува итна реакција на полицијата по пријава, без да чека одобрение од институциите
СДСМ изразува длабока тага и сочувство за трагичниот настан во Скопје, во кој животот го загубија мајка и ќерка, опишувајќи го како уште една болна последица на семејно и родово базирано насилство што ја потресе целата јавност.
„Овој трагичен случај повторно ја отвора суштинската дилема: дали институциите реагираат навреме, координирано и соодветно кога постои очигледна опасност по животот и безбедноста на жртвите?
СДСМ потсетува дека семејното насилство е кривично дело и итен случај.
Полицијата има законска обврска да постапува веднаш по пријава, без да чека одобрение од други институции. Не постои правна или институционална основа за одложување на полициска интервенција во случаи на семејно насилство.
Истовремено, Министерството за труд и социјална политика и Центрите за социјална работа имаат клучна улога во обезбедување социјална заштита, кризно сместување и психосоцијална поддршка, како и во предлагање долгорочни заштитни мерки. Нивната улога е паралелна и комплементарна, но не смее да биде изговор.
Борбата против родово базираното насилство не смее да биде декларативно, туку и преку ефективна примена на законите, институционално делување, континуирана едукација на сите вклучени служби и силен фокус на превенцијата“, велат од СДСМ.

