Македонија
Агелер: Граѓаните да им дадат до знаење на политичарите дека сакаат да бидат дел од ЕУ, не е мое да зборам за уставните измени
Американската амбасадорка Анџела Агелер при посетата на граничниот премин Богородица, заедно со министерот Оливер Спасовски, истакна дека соработката со МВР и Владата има позитивни резултати за граѓаните.
Прашана за нејзин став во однос на уставните измени, Агелер истакна дека не е нејзино да зборува за тоа, но дека граѓаните треба да им дадат до знаење на политичарите дека тие сакаат да бидат дел од ЕУ.
„Навистина сметам дека не е мое да зборувам за тоа како тече процесот на уставните измени. Јас сум амбасадор на САД. Ние не сме дел од Европската Унија, но кога ја гледам границата и големиот број возила што влегуваат и излегуваат, сметам дека просперитетот и безбедноста на оваа држава е во нејзиното пристапување и интеграција во Европа и навистина се надевам дека политичарите од сите политички партии во земјата ќе работат кон остварување на тоа. Границата со Грција не потсетува на тешките одлуки што оваа земја веќе ги направи и знам дека и ова е тешко, но ги охрабрувам граѓаните да им дадат до знаење на нивните политичари дека тие сакаат да бидат дел од ЕУ“, изјави Агелер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нестабилно време со дожд и грмежи до среда
По врнежите и невремето по кое во текот на ноќта полавени беа подруми во Охрид, од УХМР најавуваат дека до среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи.
Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.