Македонија
Агенцијата за медиуми ги повика новинарите професионално да известуваат за исчезнатата Вања

Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги ги повика медиумите и медиумските работници при известувањето за случајот поврзан со исчезнатото малолетно девојче од Скопје да се придржуваат до највисоките професионални стандарди и етички вредности.
„При објавување на содржините задолжително да се користат точни и проверени информации и да се користат кредибилни извори со цел да не се подгрева ситуацијата дополнително и да не се предизвикува страв и паника кај јавноста. Новинарите треба да бидат особено внимателни при преземање објави од социјалните мрежи, како и од други извори, чија веродостојност не може да се утврди“, велат од Агенцијата.
Како што се додава, професионалната одговорност на медиумите подразбира и почитување на личната болка на семејството поради што личните и семејните детали треба да се изнесуваат особено внимателно, со почитување на приватноста и достоинството и без сензационализам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Започна реализацијата на пречистителната станица за отпадни води во Битола

Министерството за животна средина и просторно планирање го најави официјалниот почеток на реализацијата на проектот за проектирање и изградба на пречистителна станица за отпадни води во општина Битола, еден од клучните еколошки проекти во државата.
Проектот опфаќа изградба на пречистителна станица, рехабилитација и надградба на канализациска мрежа и целосно подобрување на условите за управување со урбани отпадни води.
‘Проектот ќе обезбеди подобри санитарни услови, заштита на реката Драгор и Вардарскиот слив, како и заштита на подземните води. Пречистителната станица е проектирана за да им служи на над 110 илјади жители’, изјави првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Вкупна вредност на изградбата на пречистителна станица е 21,7 милиони евра, а истиот ќе го изведуваат компаниите Лантаниа од Шпанија, Стентон Градба од Македонија, Карканиас од Грција, и тоа во времетраење од 2 години. Надзор на изградбата ќе изврши компанијата Ептиса од Шпанија, со договор вреден 1,06 милиони евра за период од 2025 до 2028 година.
Проектот е финансиран од Европската Унија и општата цел е да се подобри инфраструктурата за собирање и третман на комунални отпадни води во согласност со директивата за третман на третман на отпадни води и националниот закон.
Меџити исто така најави и дека дополнително, во најскоро време се очекува склучување на Договорот за градежни работи за рехабилитација и надградба на канализационата мрежа во општина Битола.
Македонија
СДСМ: Македонија е прва во Европа по изгорена територија во однос на површината

Целосното потфрлање на ВМРО-ДПМНЕ во справување со пожарите минатата и оваа година донесе невидена катастрофа. Податоците се аларманти. Минатата 2024 година, изгореле 95.181 хектари во Македонија. Дури 8 пати повеќе отколку од просекот во последните 17 години, објави СДСМ.
Од таму велат дека изгорените 95.000 хектари зеленило, шуми пасишта ја става Македонија прва во Европа ако се спореди соодносот меѓу изгорената површина со површината на земјата.
„Статистиката покажува дека во 2024 година најмногу изгорена површина имало во Португалија, околу 140 илјади хектари, па во Турција, околу 119 илјади хектари и во Македонија 95 илјади хектари изгорена површина. Но Португалија е значително поголема со површина од 92.000 километри квадратни површина, Турција има речиси 800.0000 километри квадратни а Македонија околу 25.000 квадратни километри површина. Тоа значи дека во однос на површината на земјата во Македонија има изгорено убедливо најмногу територија во Европа! Ова е огромна риродна и еколошка катастрофа“, велат од СДСМ.
Од опозицијата велат дека изгорени се повеќе од 20% од вкупната површина на македонските шуми и пасишта.
Македонија
Словенечки пожарникари пристигнаа за помош во гасење на шумските пожари во Македонија

Повеќе од 60 пожарникари од Словенија со 18 возила утрово пристигнаа преку граничниот премин „Табановце“.
Тие се приклучија на македонските и чешките тимови во борбата против шумските пожари кои беснеат низ земјава.
Според последните информации на Центарот за управување со кризи (ЦУК), во изминатото деноноќие биле регистрирани вкупно 28 пожари на отворен простор, од кои три сè уште се активни, пет се ставени под контрола, а дваесет се целосно изгаснати.
Активните пожари се лоцирани во планинските предели кај Нивичино, како и на потегот помеѓу неколку села во Прилепско и Кавадаречко. Во Прилепско, интервенцијата е отежната поради детонации во близина на пожарот, поради што на тој дел не се интервенира, соопшти утрово ЦУК.