Македонија
Агенцијата за храна со засилени контроли пред велигденските празници
Во пресрет на велигденските празници и зголемената побарувачка на јајца, бои за јајца, месо и други прехранбени производи, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведуваат засилени контроли во производството и прометот, информираат од оваа институција.
Од Агенцијата за храна посочуваат дека се проверува дали и колку операторите со храна ги исполнуваат општите и посебните услови за безбедност на храната, означувањето и заштитата на потрошувачите од измама. Контролите, додаваат од таму, се спроведуваат во маркетите, специјализираните продавници за јајца, месарниците и зелените пазари.
„Од досега спроведените контроли не се утврдени недоследности кај производителите, увозниците и трговците со јајца и бои за јајца, кај кои покрај усогласеноста со одредбите на Законот за безбедност на храна се контролира и спроведувањето на Правилникот за адитивите кои се употребуваат во производството на храна. Домашните производители на бои за јајца ги имаат имплементирано правилата на Добра производствена и Добра хигиенска пракса во производството, односно боите кои ги произведуваат се безбедни“, стои во писмениот допис од агенцијата.
Од таму апелираат до граѓаните да купуваат храна, вклучително и јајца и бои за јајца исклучиво од регистрирани производители/увозници, кои се соодветно означени/декларирани.
Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, вклучително и на производството и трговијата со јајца и боја за јајца граѓаните можат да ја пријават во Агенцијата, лично, телефонски на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22, или електронски на [email protected], известува АХВ.
Инспекциските служби на агенцијата во првиот квартал годинава спровеле приближно 12 илјади контроли. Изречени биле 1 902 мерки (1.040 решенија за отстранување на утврдени недоследности, 778 едукации, 11 прекршочни и поднесени се 15 кривични пријави). Притоа според соопштението од агенцијата, забранети за увоз се по една пратка со храна од животинско и од неживотинско потекло. Уништени се повеќе од 67 тони небезбедна храна, од животинско и од неживотинско потекло, најголемиот дел од самите оператори – 44.1 тони и 22,9 тони од страна на инспекциските служби на АХВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Четири општини останаа без гласање, повторени избори во рок од 60 дена
Денеска нема да се одржи гласање во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, поради недоволна излезеност во првиот круг од локалните избори 2025.
Во првиот круг излезеноста била: Гостивар – 33,31%, Маврово и Ростуше – 30,31%, Врапчиште – 25,18%, Центар Жупа – 21,49%, што е под законскиот минимум од една третина од запишаните гласачи.
Според Изборниот законик, изборниот процес ќе се повтори во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од локалните избори.
Денеска се одржува вториот круг од изборите за градоначалници во 32 општини и во Град Скопје. Според податоците од Државната изборна комисија, одѕивот до 9 часот е 2,88 проценти.
Македонија
Гласањето тече без проблеми, одѕивот до 9 часот е 2,88 отсто
Одѕивот во вториот круг од локалните избори до 9 часот изнесува 2,88 проценти, односно 22.379 гласачи, соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко. Во Град Скопје одѕивот за избор на градоначалник е 2,46 отсто.
Оценето е дека гласањето тече без проблеми, а единствениот застој бил забележан во Дојран, каде поради технички проблем со уред за биометриска идентификација имало краток прекин, кој бил веднаш отстранет.
ДИК во текот на денот ќе врши ненавестени посети на избирачки места и општински изборни комисии за набљудување на процесот, како и за време на броењето по 19 часот.
Во вториот круг се гласа во 32 општини и Градот Скопје, на 1.771 избирачко место, а право на глас имаат 1.013.375 граѓани. Следната прес-конференција на ДИК е закажана за 11:30 часот, а првичните неофицијални резултати ќе бидат објавени по 20 часот. Некаде околу 23 часот, се очекува да бидат познати сите резултати од гласањето на изборите во вториот круг.
Македонија
Отворени гласачките места, граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и Град Скопје
Денеска во земјава се одржува вториот круг од локалните избори, на кои граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и во Град Скопје. Право на глас имаат 1 013 375 избирачи, од кои 474 304 гласаат и за градоначалник на главниот град.
Во првиот круг на 19 октомври беа избрани 44 градоначалници, а денеска се гласа во Центар, Карпош, Аеродром, Куманово, Кичево, Струга, Тетово, Пробиштип, Кочани, Валандово и други.
Гласачките места се отворени од 7 до 19 часот.
Изборниот процес го следат 1 598 набљудувачи – 933 домашни и 651 меѓународен. Државната изборна комисија најави дека првичните резултати ќе ги соопшти вечерва, околу 23 часот.
Вчера гласаа болните лица и затворениците, а гласањето се одвиваше непречено.

