Македонија
(Видео) Адвокатите на Јанкулоска не дојдоа – седницата за казната одложена
Во Апелациониот суд во Скопје утрово беше одложена седницата на која требаше да се одлучува по жалбата на осудената ексминистерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, за пресудата на судијката Добрила Кацарска за издвоената постапка за предметот „Тенк“, во која беше осудена на затворска казна од 6 години.
Причина за одлагањето е тоа што не дојдоа адвокатите на Јанкулоска, Боро Тасевски и Сања Алексиќ. Алексиќ имала здравствени проблеми, а Тасевски не беше присутен на седницата поради приватни причини.
Судијката Цветанка Периќ им ги прифати поднесоците и судењето го одложи за 25 февруари.
Според пресудата на скопска „единица“ за предметот „Тенк“, експремиерот Никола Груевски нарачал луксузен „мерцедес“, Јанкуловска го поттикнала тогашниот помошник-министер Ѓоко Поповски да испланира јавна набавка на која ќе се јави договорениот понудувач „Макаутостар“. Јанкулоска, покрај одземениот пасош, не смее да го напушти Скопје.

Доколку судот ѝ ја потврди казната, според Законот за извршувањето санкции, Јанкулоска може да бара одлагање на извршувањето поради мајчинството бидејќи нејзиното дете сè уште нема наполнето една година.
За истиот случај осудениот Никола Груевски доби 2 години ефективна казна затвор. Апелација му ја одби жалбата и му ја потврди казната. Осуден останува и обвинетиот помошник-министер Ѓоко Поповски, на кого наместо 6,6 години затвор, апелација му изрече 4,6-годишна затворска казна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

