Македонија
Адвокатите на Јовановски и Јанева ги оспоруваат аудиоснимките на Камчев
Адвокатите на Бојан Јовановски и на ексшефицата на СЈО Катица Јанева ги оспоруваат аудиоснимките што ги направил бизнисменот Орце Камчев, а кои служат како доказ на обвинителството за случајот „Рекет“ и изнудата на 1,5 милиони евра.
Во судницата се пуштаат голем број аудиозаписи направени од Камчев, каде што тој зборува со Бојан Јовановски – голем дел од снимките се нејасни и не може точно да се слушне за што разговараат двајцата.
Адвокатот на Јовановски, Сашо Дукоски, вели дека снимките не можат да се земат предвид затоа што немаат ниту датум ниту време.
„Снимките се дадени паушално, станува збор за самостојна интерпретација за тоа кој со кого разговара. Освен тоа, нема ниту датум ниту време на снимката”, рече Дукоски.
Во однос на снимката направена во куќата на Камчев, кога Јовановски и Зоран Милески Кичеец наводно излегуваат со еден милион евра во чанта „Луј Витон“, Јовановски рече дека „материјалите се лепени”.
„Ова се лепени материјали. Ова е груба аматерка монтажа. Освен тоа, има два типа на снимање, едното е со мобилен, другото е очигледно со камерите на Камчев”, рече Јовановски.
Во еден од разговорите во позадина се слуша и гласот на Јанева, а нејзините адвокати ја оспорија снимката велејќи дека не може да се докаже чиј е гласот.
На минатото рочиште беа презентирани докази кои произлегле од вештачењето на мобилниот телефон на обвинетиот Бојан Јовановски. Меѓу другото, беа прикажани и неколку фотографии и кратки видеа на кои се гледа како поранешната специјална обвинителка Катица Јанева седи во својот дом, а на масата пред неа стои снопче пари, со банкноти од по 500 евра. Според обвинителството, во снопчето имало вкупно 50.000 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува засилен ветер од северен правец
Променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег. Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.

