Македонија
Адвокатот Миланов: Костовски не задал удари кон Денис Тот кои биле смртоносни
Обвинетиот Андреј Костовски не задал удари кон Денис Тот кои биле смртоносни, тврди неговиот адвокат Еленко Миланов. Според него, не постојат удари во глава од обвинетиот, кои според вештаците, биле смртоносни за Тот. Објаснуваше и дека ударот со нога од Андреј кон Тот е од десната страна, што нема никакво значење во однос на можноста да резултира со смрт. Адвокатот Миланов е дециден дека немало умисла, бидејќи обвинетиот Андреј го извадил од такси возилото Тот и се повлекува.
„Сметам дека тука господа судии завршува моментот за постоење на умисла директна за конкретната правна квалификација па дури и за евентуална умисла којашто веројатно се обидува да ја алудира или наметна обвинителството. Сметам дека овој судски совет треба да го ослободи Андреј за правната квалификација сторување на кривично дело убиство. Но, на овој судски совет, со овој опис, останува о однос на обвинетиот Андреј да може да утврди одговорност и дали тоа би било во насока на помагање или неспречување на нанесување тесна телесна повреда или ќе утврди одговорност за правна квалификација учество во тепачка во која некое лице го изгубило животот, Андреј прифаќа и не бега од својата вина. Но не и за оваа квалификација (убиство)“, кажа адвокатот Миланов.
Според него, Андреј Костовски бил во афективна состојба.
„Обвинетиот Андреј ниту знаел ниту можел да претпостави таква афективна состојба, а уште помалку, да се согласи со истата, а во насока на тоа и со настанувањето на евентуалните повреди и крајниот исход – смртната последица. Ако го анализираме обвинителниот акт, дали во неговиот основен облик или во изминетиот дел, ќе се утврди дека апсолутно нема никаков елемент или момент за директна или евентуална умисла кај обвинетиот Андреј за конкретното кривично дело или каква било повреда на сега починатиот Тот. Она што стои во диспозитивот, а што го потенцираше и застапникот на обвинението во својот завршен збор е дека обвинетиот Андреј во моментот кога го извлекува Денис од такси-возилото, по кратка вербална расправија, се оддалечува и оди до десната врата на такси -озилото. Лице кај кое постои умисла некој да биде повреден или лишен од живот не би се однесувало вака. Андреј во моментот кога констатира дека Денис Тот не е закана кон него и неговото здравје, се повлекува и оддалечува. Ова покажува дека не постои никаква умисла за повреда или уште помалку, ваква правна квалификација“, стои во завршниот збор на адвокатот Еленко Миланов.
Тој кажа дека немало тешка телесна повреда од која настапил смртниот исход кај Тот, а предизвикана од Андреј. Му порача на Обвинителството ако постои таква повреда да каже кој, кога и како ја нанел таа повреда бидејќи не постои соизвршителство за таква повреда.
„Она што како докази за конкретните повреди и нивното влијание вие како судски совет можевте да го увидите на оваа главна расправа е тоа дека според вештото лице Александар Станков, смртната последица настанала поради нагмечување на почетниот дел од ‘рбетниот мозок и како клучна повреда, на почетниот дел од ‘рбетниот мозок, каде се наоѓаат и виталните центри, за да додаде дека свој придонес имало и нагмечувањето на големиот мозок. Ако овие повреди се клучни за жалниот исход од овој настан и ги поврземе со дејствијата на Андреј кои му се ставаат на товар, според прецизираниот обвинителен акт каде стои ‘со нога задал удар во задниот кош и со затворена шака удар во пределот на главата’, факт е дека ниту едно од овие дејствија ниту довело, ниту можело да доведе до клучните повреди за настанувањето на смртната последица кај сега починатиот Тот. Кога ја опишува повредата на ‘рбетниот мозок, докторот опишува дека се настанати со ротациони движења на главата предизвикани од удари кои ги добил оштетениот во пределот на главата и лицето. Ударот што се става на товар од обвинетиот Андреј е во пределот на градниот кош. Според ова тврдење на Станков, апсолутно не може да доведе до ниту една од повредите на главата кои се резултат на нагмечување на тој предел и од кои последица е смртниот исход“, додаде Еленко Миланов.
Можевте да извршите преквалификација на делото „учество во тепачка“ во кое некое лице го загуби животот, ѝ порача Миланов на обвинителката.
„И тоа само поради овие две дејствија кои Андреј не ги спореше ниту во Обвинителството, ниту пред претставниците на МВР каде сам се јави и пријави во моментот кога беше објавено дека сега починатиот Денис Тот е во тешка состојба. Андреј ниту тогаш ниту сега не бега од своите дејствија. Андреј ја сфати својата грешка, се кае за тоа што таа вечер воопшто се најде на тој простор, но ниту сакаше, ниту презема дејствие со кое некого би лишил од живот“, додаде Миланов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ против работниците
„Пратениците на тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ застана против работниците, одбија зголемување на минималната плата на 600 евра и не гласаа за Законот на СДСМ. Се потврди она што го говори СДСМ цело време. За ВМРО-ОКГ/ЗНАМ важни се само криминалните тендери и луксузирањето а работниците и граѓаните се неважни“, соопшти СДСМ.
„Има пари за нивните 161 тендер за една фирма, за 51 тендер за друга, има пари за 74 тендери за трета, има пари за 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ преку Пошта.
Нема пари за работниците, има само за луксузирање и криминални тендери.
Владата на Мицкоски постојано се задолжува, пари обезбедуваат врз грбот на народот ама за криминални тендери а не сакаат да обезбедат пари за плати за работниците.
Одбивањето на законот е директен удар врз животниот стандард на граѓаните и на над 200 илјади работници. Во услови кога синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, кога храната, струјата и основните трошоци растат од месец во месец, ВМРО-ОКГ ги изневери работниците.
СДСМ понуди реално и одржливо решение – со ребаланс на Буџетот и пренамена на пари од луксузи, како мебел, коли, авион, да се обезбедат пари за 600 евра плата, како што заслужуваат работниците.
СДСМ нема да се откаже. Ќе продолжиме да се бориме за поголеми плати, за работниците, за граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај во официјална посета на Македонија
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, од денес до сабота престојува во официјална посета на земјата.
Бегај денеска ќе се сретне со градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, каде што ќе му биде приреден свечен прием. Предвидено е албанскиот претседател заедно со делегацијата да ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, 27 февруари 2026 година, петок, ќе биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посети на Тетово, за која информираше градоначалникот Билал Касами во објава на Фејсбук.
„Во сабота, Тетово има чест да го пречека претседателот на Албанија. Оваа посета е посебен момент за зајакнување на соработката и братските врски меѓу Албанците во регионот!“, напиша Касами во објавата.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Македонија
„Зошто Тренчевска и СДС го штитат Артан Груби и дали поранешните функционери на СДС се исплашени од неговите искази“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Соработката и партнерството на СДС со екс вицепремиерот Артан Груби излезе на површина. СДС со години молчеа и го толерираа милионскиот криминал на Груби се со цел да останат ден повеќе на власт и да не им се растури коалицијата со ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионски криминали и злоупотреби се случувале во Државна лотарија под покровителство на СДС и ДУИ. По апсењето на Артан Груби, СДС се во целосна конфузија и нервоза пoради стравот од сведочењето на Груби и евентуалните искази што би можело да допрат и до поранешни високи функционери на СДС.
Изјавата на потпретседателката на СДС, Јованка Тренчевска, дека одлуките на Владата биле колективни и дека доколку се утврди вина „сите треба да одговараат“, отвора сериозни прашања. Дали ова претставува индиректно признавање на одговорност? Дали станува збор за обид за релативизирање на индивидуалната вина?
Дали СДС застанува во одбрана на Артан Груби и дали раководството на партијата е подготвено да понесе колективна одговорност за одлуките донесени во време на нивното владеење?
Јавноста има право да знае. Дали СДС го брани Груби во врска со наводите за штета од над 8 милиони евра врз државниот буџет?
Дали поранешните функционери се подготвени да застанат пред органите на прогонот и да ја докажат својата невиност?
Зошто по отворањето на случајот се менуваат ставовите и реториката?
Очекуваме надлежните институции да постапуваат професионално, транспарентно и без селективност. Одговорност мора да има, без разлика на функција, партиска припадност или политичко влијание.
Граѓаните заслужуваат правда, отчетност и целосна транспарентност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

