Македонија
Адвокатот Митровски: ВМРО-ДПМНЕ ја прифати иницијативата за амнестија на осудените за 27 април
ВМРО-ДПМНЕ ја прифати иницијативата за предлог-закон за амнестија за настаните од 27 април и ќе го поднесе предлог-законот во Собранието, истакнува Јанаки Митровски во својот статус на социјалните мрежи.
„Првичниот наш текст е подобрен, во консултација со нас тргната е одредбата од 50 % и се оди на целосно ослободување од казна.
Текстот е подобрен од страна на пратениците и со тоа што се остава можност секој амнестиран да се жали дека не прифаќа амнестија доколку е тоа негова желба, со оглед на фактот дека еден до осудените јавно прокламира дека не сака амнестија, што мора да се почитува.
Јас и Пешевски апелираме до сите политички партии да го поддржат законското решение кое НЕ навлегува во правото на осудените да си ја продолжат постапката пред Врховниот суд, а воедно и не е дека издржуваат казна еден-два-три месеци, туку шеста година се во затвор, додека оние со употребна вредност не само што се на слобода туку се и дополнително наградени! Доста е!“, потенцира Митровски во напишаното.
Инаку, адвокатскиот тим Јанаки Митровски и адвокатската канцеларија „Пешевски и Тимовски“ поднесе иницијатива за предлог-закон за амнестија на осудените за настаните од 27 април со пратеничките групи.
Некои од пратениците беа со став првин да ја видат иницијативата за новиот закон за амнестија за осудените од собраниските настани на 27 април, а потоа ќе го кажат и ставот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ведро, но студено утро време, сончев ден со северен ветер
Времето утре наутро ќе биде ведро и многу студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 5 до 12 степени.
Во Скопје, сончево со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 6 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови времето ќе биде стабилно и студено со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни и наместа ќе се спуштат до -10 степени. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Македонија
Утре прекин на водоснабдувањето во Маџир Маало
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре (29 декември 2025 година, понеделник) поради изведување на водоводен приклучок Ф200 мм на улица Титовелешка б.б., ќе има прекин во водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците од населбата Маџир Маало, на подрачјето на Општина Центар.
Прекинот ќе започне од 10:30 часот и ќе трае до завршување на работните активности, соопштуваат од јавното претпријатие.
Фото: pexels
Македонија
СДСМ: „Златната виза“ не е злато, туку налепница во пасош
Опозициската СДСМ реагираше на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи ги како измислени вести и дефокус од главните теми.
Од СДСМ наведуваат дека визата претставува службен документ издаден од држава, кој овозможува влез, престој или транзит, најчесто во форма на печат или налепница во пасош, и дека секој граѓанин може да ги провери условите за визи на веб-страниците на надлежните амбасади.
„Со ова ја затвораме оваа бесмислена тема од кујната на ВМРО“, соопштија од СДСМ, додавајќи дека д-р Венко Филипче работи како доктор и не се занимава со градење згради, ниту со изградба на 42-катница во Дубаи со Зоран Заев, кој, како што наведуваат, веќе пет години е во политичка пензија.
„Откако утврдивме дека „златната виза“ не е злато, туку хартија во пасош, сакаме да им порачаме на граѓаните на Македонија дека токму поради вакви работи не сакаме да одговараме на лажните вести и измислените глупости на ВМРО, бидејќи тие служат за дефокус од главните теми, како што е прашањето за „мигранти за пари“ и криминалните тендери“, велат од СДСМ.
Претходно, од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение наведоа дека Филипче, во свое појавување пред медиумите, рекол оти не бил бизнис-партнер на Зоран Заев во градбата на висококатница во Дубаи, но со тоа, според нив, потврдил дека Заев таму гради зграда висока 42 ката.
Од ВМРО-ДПМНЕ поставија прашања за тоа како Филипче дошол до „златна виза“ за Дубаи, тврдејќи дека претходно објаснувал оти ја стекнал поради наводен работен ангажман и преговори со тамошна болница, за кои, како што велат, досега не презентирал документи.
Партијата побара Филипче да одговори дали има или нема стан во Дубаи и дали „златната виза“ е поврзана со инвестиција од најмалку 500.000 долари, како и од каде потекнуваат тие средства.

