Македонија
Адвокатот на Јанева вели дека Русковска нема докази против неа
Адвокатот Дељо Кадиев, кој ја застапува обвинетата Катица Јанева во предметот „Рекет“, по судењето, на кое завршни зборови даваше Обвинителството, рече дека обвинителката Вилма Русковска нема ниту еден доказ со кој се потврдуваат делата што се пишани во обвинителиот акт.
Бранителот Сашо Дуковски, во име на обвинетиот Бојан Јовановски, пак, рече дека завршниот збор се темелел на вештачење што не е извршено.
„Гледаме дека обвинителката наивно се задржа на снимките што се незаконски снимени и објавени. По завршување на постапката, обвинителката се обиде да протне нови докази. Апсолутно, не браниме ништо што не е одбранливо, веруваме дека нема ниту еден доказ со кој се потврдува што било од обвинителниот акт“, рече Дељо Кадиев.
Дуковски, како и претходно, тврди дека не е извршено вештачење на кое се темели обвинителниот акт што го застапува обвинителката Вилма Русковска.
„Ја слушнавте терминологијата во давањето завршен збор. На почетокот на завршниот збор се користеше терминот ‘известие’ и ‘анализа’ на мобилниот телефон за потоа да продолжи во ‘вештачење’, ‘вештачење’, ‘вештачење’ на мобилниот телефон. Ако го имате предвид исказот на сведокот форензичар Белкија Рустеми, кој беше сведок на Обвинителството и рече дека не е лиценциран, односно дека нема извршено вештачење врз овој телефон, а целиот завршен збор се темелеше на некакво вештачење на некакви разговори, кое не е извршено“, рече Сашо Дуковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Директорот на БЈБ Јанев во градскиот парк во Скопје на одбележување на Светскиот ден на жртвите во сообраќајот
Денеска директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев заедно со претседателот на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот Горан Ангеловски во градскиот парк во Скопје го одбележаа Светскиот ден на жртвите во сообраќајот, оддавајќи им почит на сите кои ги загубија своите животи на патиштата. Директорот Јанев истакна дека нашите сообраќајници секојдневно се неми сведоци на трагедии кои зад себе оставаат болка, празнина и семејства што никогаш нема да бидат исти.
„Тие животи не се бројки. Тоа се имиња, лица и индивидуални приказни што предвреме завршиле. Не смееме да дозволиме македонските патишта да станат поголемо бојно поле по згаснати животи отколку реалните воени конфликти. Токму затоа сите ние како граѓани, родители, возачи, како дел од општеството и како институции имаме заедничка обврска да ја подигнеме свеста, да влијаеме со личен пример и со секојдневни разговори да градиме подобра сообраќајна култура“, истакна директорот Јанев, додавајќи дека полицијата е само една алка од целиот систем.
„Нашата улога е важна, но недоволна ако секој од нас не преземе свој дел од одговорноста. Почитувањето на правилата, внимателноста, едукацијата на најмладите и одговорното учество во сообраќајот се чекори што мора да ги правиме заедно. Не треба да чекаме некој друг да направи нешто за нас. Секој од нас има моќ да спречи трагедија, да спаси живот, да придонесе кон побезбедно утре“, дециден беше Јанев.
Претседателот на РСБСП на настанот посочи дека денес, со болка и длабока почит, го одбележуваме Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди.
„Овој ден не е само момент на тага тој е и повик. Повик до сите нас граѓани, возачи, институции да се соочиме со реалноста што секојдневно ги носи овие загуби. Секој живот изгубен на патот е трагедија што остава длабоки лузни не само во семејствата, туку и во целото општество. Не е доволно само да жалиме, треба да делуваме“ рече Ангеловски.
Директорот Јанев заедно со претседателот на РСБСП Ангеловски заедно заклучија дека не смее да се дозволи патиштата да продолжат да бидат сведоци на предвреме згаснати животи. Во таа насока беше потенциорано дека сообраќајната култура, безбедност и одговорност се заедничка мисија и само заедно може да се направи промена.
Македонија
(Видео) Попов: УМС е единствен претставник на младите во општините и парламентот
Македонија повторно стои исправено, а младите гордо и достоинствено го понесоа товарот да ги исправат неправдите кои со години ѝ беа нанесувани на нашата држава, кажа денеска на прес-конференција Сергеј Попов, пратеник и претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
„По завршувањето на локалните избори и конституирањето на општинските совети, исклучително сум горд што Унијата на млади сили уште еднаш се потврди како силен генератор на нови кадри и политики кои носат визија и иднина. Благодарение на отвореноста на ВМРО-ДПМНЕ кон младите, поддршката од сениорските структури и препознавањето на енергијата која ја носи најголемата политичка младина во државата, денес можеме да се пофалиме со над 100 советници низ општините, како и со 3 пратеници во Собранието на Република Македонија – рекорден број досега, директно произлезен од нашите редови“, рече Попов.
Овој успех не е случаен, вели тој. „Тој е резултат на макотрпна работа, упорност и континуирана борба. Тој е доказ за нашата зрелост, кредибилитет и довербата што младите ја градеа во Организацијата со години“.
„Денес, одржавме состанок со нашите новоизбрани советници – состанок на кој се обврзавме заеднички, јавно и одговорно дека ќе работиме чесно, посветено и дисциплинирано во интерес на младите и во интерес на сите граѓани.
За нас како младина, политичките функции не се привилегија – тие се обврска и должност кон државата и кон младите генерации. Како нови советници и пратеници, ја преземаме одговорноста да бидеме постојано достапни, да бидеме на терен, да работиме чесно и посветено за интересите на младите луѓе во Република Македонија.
Наша цел не е само да слушаме и да констатираме факти. Наша должност е активно да создаваме услови младите да станат двигатели на промените: да ги вклучиме во процесите, да ги охрабриме да дискутираат, да предложуваат решенија и да ја почувствуваат локалната самоуправа како свој автентичен простор.
Без разлика дали се работи за комунални прашања, урбанистички планови, спорт, култура, образование, младински иницијативи или екологија – младите ќе ја покажат разликата. Ќе покажеме дека можеме поинаку и подобро и дека можеме да испорачаме резултати што носат иновација, енергија и подобро утре“, истакна Попов.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Реформите и напредокот на СДС се во втор план на Филипче, приоритет му се желбите на Заев
„Реформите и напредокот во СДС, не се во прв план на Филипче. На него во прв план му е реализацијата на зацртаните планови кои му ги наредува менторот Заев“, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Криминалното дуо Филипче-Заев, не се откажува од претседателската фотелја во СДС, па макар тоа и ги довело до уништување на партијата. Заев се уште му ги држи конците на Филипче, а тој возвраќа на секој потег на Заев. Тоа што Александар Трајановски е нов потпретседател на СДС, не е затоа што тој е многу добар или квалитетен, туку затоа што е лојален човек на Филипче и на Заев. Заев се уште ја контролира СДС преку Филипче, а сега си ја потврдува неговата позиција на претседател од сенка со ставање на Трајановски за потпретседател. Од овие тројца, но и од остатокот на раководството на СДС, народот не очекува ништо. Потребни се реформи итни во СДС, за силна опозиција со кредибилитет и одговорност. Тоа мора да почне со оставка на Филипче“, истакна Манасиевски.

