Македонија
Павлески: Јанева е жртва на случајот „Рекет“
Адвокатот Стеван Павлески кој ја застапува шефицата на СЈО, Катица Јанева, за случајот „Рекет“ вели дека таа е жртва на случајот „Рекет“ и дека ќе го докаже тоа. Според него, Јанева била либерална кога требало да одлучи дали осомничени лица во СЈО треба да одат во притвор.
„Катица Јанева е човекот кој гледаше либерално на прашањата за притворот. Таа единствената која дозволуваше куќен притвор, враќање на патни исправи. Погледнете ги одлуките на одделението за организиран криминал, таму немате такви искуства. Но, еве, тоа некој и го зеде за зло. Јас мислам дека Катица Јанева е жртва на случајот и од тие причини ќе го докаже тоа“, рече Павлески.
Бранителот на Јанева потенцираше дека обвинителката Вилма Русковска која го води случајот „Рекет“ била задоволна од исказот кој Јанева го даде вчера во Обвинителството за организиран криминал и корупција.
„Одговаравме на сите прашања на јавниот обвинител. Немаше никаков проблем. Таа има граѓанска должност да одговори на прашањата и обвинителот беше многу задоволен“
Запрашан дали вчера Русковска ја прашувала Јанева за мебелот од 5 илјади евра за кој денеска беше запленет, Павлески рече дека не се разговарало за тоа.
„Јас не слушнав дека вчера Катица Јанева беше прашана за мебел од 5 илјади евра. Немаше такво прашање. Вчера Јанева беше во својство на сведок и многу коректно соработуваше. Околу 4 часа одговараше“, додаде Павлески.
Бранителот Стеван Павлески потенцираше дека имаат писмени докази кои биле презентирани пред Русковска поради кои Јанева не треба да биде осомничена во случајот „Рекет“. Тој додаде дека ќе бараат Јанева во придружба на полиција да оди на погребот на нејзината мајка во Гевгелија, доколку и биде одреден притвор.
„Хумано е да и дозволат да оди на погреб кај мајка и. Дури не треба ниту адвокатите да го бараат тоа. Мислам дека судијата и обвинителот се хумани луѓе. Утре е церемонијата и јас ќе треба да прашам за дејствијата кои ги ставаат на терен“, рече адвокатот на Јанева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Да не се потпаѓа на шпекулации, Македонија продолжува со дијалог, велат од Транспорт за проблемот со превозниците
Министерството за транспорт апелира да не се потпаѓа на шпекулации и секаков вид непроверени информации кои може да наштетат на дијалогот, а особено не на шпекулации од соседните држави. Секоја држава одлучува за себе, Македонија продолжува со дијалог за трајно решение, соопштија од Министерството по најавата на балканските превозници за нови блокади на границите.
„Во врска со престојот на превозниците во Шенген зоната би сакале да информираме дека во координација со Европската Комосија се работи на трајно решение. Ресорните министерства изминатиот период се во интензивна комуникација со ЕК со цел да се изнајде трајно решение. Министерството за транпсорт е во постојана комуникација со превозниците, како и со Европската комисија со цел изнаоѓање решение во рамки на новата визна стратегија која ја промовираше Европската Унија каде што се отвора можноста возачите да бидат третирани како професионалци како и можностите за друг вид визи“, соопштија од Министерството.
Од таму потенцираат дека е најавено одложување на примената на ЕЕС системот и дека активно сите чинители работат на решавање на овој проблем.
„Дијалогот со Европската Комисија е активен и сите можности се разгледуваат од страна на техничка работна група составена од сите ресорни министерства и претставници на Европската Комисија. Во следниот период разговорите продолжуваат со засилена динамика со цел наоѓање трајно решение кое е прифатливо за сите страни“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
Законот за пушење следната недела пред Владата – фазната имплементација не значи одложување, појаснува Министерството за здравство
Министерството за здравство соопшти дека останува целосно посветено на донесување и имплементација на Законот за заштита од пушење, согласно законските рокови.
Во моментот, како што велат од Министерството, се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата, по што следната недела финалната верзија ќе биде доставена до Владата.
„Потенцираме дека овие усогласувања не ја менуваат суштината на законот. Целите остануваат јасни и непроменети: спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.
Во однос на наводите за „фазна имплементација“, појаснуваме дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието. Законот ќе стапи на сила по неговото донесување согласно законските рокови. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени. Целта е институциите, угостителите, и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо на долг рок“, велат од Министерството.
Се додава дека остануваат отворени за комуникација и навремено информирање на јавноста за секој следен чекор од процесот.
Македонија
Герасимовски: Го чуваме редот и јавниот простор во Центар, 86 казни за непрописно паркирање за три дена
Комуналните инспектори и комуналните редари на општина Центар претходната недела изрекоа вкупно 86 казни за непрописно паркирање на јавни и зелени површини, од кои досега 24 се платени.
Контролите се фокусирани на подрачјата на Дебар Маало и Градски ѕид, каде најчесто се евидентираат вакви прекршоци. Засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, известуваат од општина Центар.

На секое непрописно паркирано возило се остава известување за сторен прекршок, а казната изнесува 50 евра, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Центар. Доколку прекршочниот платен налог се подигне и се плати во рок од осум дена, сторителот има можност да плати половина од износот на изречената казна.
„Редот мора да се почитува, а безбедноста на пешаците и заштитата на јавниот простор се наши приоритети. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, за да имаме уредна, безбедна и хумана средина за сите,“ рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, со цел заштита на пешаците и јавниот простор.

