Македонија
АД ЕСМ: СДСМ е главен виновник за катастрофалните состојби во енергетиката
Најмалку што е потребно во моментов е СДСМ да ја коментира енергетската состојба во земјава, реагираат од ЕСМ.
„Дереџето во кое се наоѓа севкупниот енергетски систем денеска, вклучувајќи ги актуелните состојби во РЕК Битола се резултат токму на работењето на нивните менаџерски кадри поставени од претходните влади на СДСМ. Тие немале умешност, ниту одговорност за одржување на производните капацитети. Наспроти тоа, покажале целосна негрижа за електроенергетскиот систем, за што зборува и неодговорното однесување кон државните производни капацитети и природните ресурси како јагленот и количините на вода во хидроакумулациите.
Кога СДСМ зборува дека РЕК Битола не работел, да го потсетиме дека токму до пред неколку недели нивни кадри управуваа со најголемиот енергетски комбинат“, велат од ЕСМ.
Тие како што додаваат, имале обврска да се однесуваат професионално до последниот ден кога биле на одговорни позиции и да ги подготват капацитетите за претстојната грејна сезона.
Како што е наведено во нивната реакција, долга е листата што сè затекнаа новите раководства на АД ЕСМ и РЕК Битола.
„Уништени и нестручно експлоатирани рудници, оставени без откривки на јаглен од кои може да се обезбеди континуиран и безбеден ископ за потребите на термоблоковите за стабилно производство на РЕК Битола. Нелогично долги застои на клучните машини за ископ на јаловина и јаглен. Лошо изведени, незапочнати или ненавремено завршени ремонти на термоблоковите. За само две години од 2022 до првата половина на 2024 година „успеале“ двојно да ја зголемат производната цена на електричната енергија од РЕК Битола, сега на неверојатни 133 евра за мегават-час. Неодговорно управување со опремата на АД ЕСМ. Несоодветни вработувања и прераспределување на стручни лица на неадекватни
позиции. Потрошени милиони евра за набавка на јаглен со лош квалитет, несоодветен за употреба во термоелектраните и со специфики кои се во спротивност со пропишаните за работа на термоцентралите, поради кој е направена огромна штета врз еден од термоблоковите и
како загадување на животната средина. Прескапи договори за набавка на јаглен. За седум години на власт не е изграден ниту еден државен капацитет за производство на електрична енергија. АД ЕСМ оставена со огромна финансиска дупка“, се наведува во соопштението.
Токму купувањето на електрична енергија на слободниот пазар, како што посочуваат од компанијата, е последица исклучиво на нивното нестручно и дилетантско однесување за лошата состојба во рудниците, термо блоковите и празните хидроакумулации во АД ЕСМ. Затоа, како што нагласуваат, очекуваат да следи одговорност за нивните постапки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски – Нејнски: Односите меѓу Македонија и Бугарија треба да се градат врз принципите на добрососедство и пријателство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово оствари телефонски разговор со новоименуваната министерка за надворешни работи на Република Бугарија, Надежда Нејнски.
Министерот Муцунски упати искрени честитки по повод нејзиното именување и ѝ посака успех во извршувањето на функцијата.
Во рамки на разговорот, тој нагласи дека односите меѓу двете земји треба да се градат врз принципите на добрососедство, пријателство и конструктивна соработка.
Воедно, беше иницирана билатерална средба меѓу двајцата министри, која би се реализирала во наредниот период.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ристоска да биде реална и искрена и да престане да лобира кај функционери на ВМРО-ДПМНЕ
Ленче Ристоска која е навикната на подобноста од времето на СЈО, мора да знае дека ова се други времиња и потребни се лица со интегритет, професионалност и одговорност да извршуваат таква позиција, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристоска мора да е свесна дека има јасни критериуми за таа позиција и дека ако таа е навикната подобноста да е еден од нив, како што тоа беше во СЈО каде таа беше десна рака на Јанева, тоа овој пат не е случај. Ова се други времиња и потребни се интегритет, професионалност, одговорност. Дури и во Мамас како фирма примале лица со повисоки критериуми од критериумите кои ги практикувале при прием на кадри во СЈО. Чудно е од друга страна пак што ист човек во својата приватна фирма (Мамас) да прима луѓе по одредени критериуми, а кога бирал за државно обвинителство примал луѓе кои беспоговорно го слушаат и без никакви критериуми. Инаку мора да сме искрени, подобноста е најсилниот атрибут и особина на Ристовска и нејзиниот неизбор е токму сигнал дека тоа овде не е пресудно, туку далеку поразлични и побитни критериуми“, велат од партијата.
Од таму и порачаа на Ристоска барем да биде реална и искрена, и додека говори јавно за подобност и критериуми, и глуми, велат од ВМРО-ДПМНЕ, барем да престане да лобира кај функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не е ова СДС и СЈО. Тоа време помина“, велат од партијата.
Македонија
Реконструиран патот кон Манастир Пеленица: Инвестиција од над 475.000 евра за подобра безбедност и пристапност
Успешно е реализиран проектот за реконструкција (рехабилитација) на коловозот и изработка на тротоар на патот кон Манастир Пеленица, соопшти премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи.
„Инвестицијата од 29.320.330 денари (околу 475.000 евра) придонесе за модерна и одржлива патна инфраструктура, подобрена пристапност до манастирскиот комплекс и повисоко ниво на безбедност за посетителите и локалното население. Проекти за трајна промена – темели за сигурна иднина“, напиша Мицкоски.

