Македонија
АД ЕСМ ја демантира денешната изјава на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ

АД ЕСМ ги оценува како тенденциозни и злонамерни инсинуациите на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ искажани во денешната изјава на партискиот портпарол.
Од ЕСМ наведуваат дека постапката за набавка на јаглен од Косово е во тек и во ниту еден момент досега, ниту еден официјален претставник во преговорите не споменал во јавноста детали од преговорите, особено не во однос на цената на јагленот.
Податокот на кој се повикува посоченото лице во својата изјава е податок од неименуван извор споменат во дел од медиумите. Но, и тој податок е искористен парцијално, само за потребите на денешната изјава, а со цел нанесување на штета на имиџот на компанијата.
Во интерес на вистината, според експерти кои дел од медиумите наводно ги консултирале, цената на ископан тон јаглен во рудниците на Косово изнесува 8 евра, но додека стигне до РЕК Битола цената се искачува на 23 евра заради транспортните трошоци.
И покрај тоа што двата податоци се погрешни, портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ во денешата своја изјава не го зел тоа во предвид, веројатно со единствена цел да наштети на имиџот и угледот на компанијата.
Споредувањето, пак, на постапката за обезбедување на јаглен со цел зголемување на домашното производство и најавите за евентуални намалувања на трошоците на компанијата согласно можностите што ги дава Законот за работни односи, се неетички и неморални.
Станува збор за два неповрзани процеси кои имаат една заедничка цел – справување со енергетската криза што ја погоди земјава и европскиот континент, додаваат од АД ЕСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Аеродром, Кисела Вода и Студеничани денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците дел од викендица во населба Морани (општина Студеничани)
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од ул.АРХ-Сатир Томовски (општина Аеродром )
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел околу ул. Ѓорѓи Андреевски Кун бр. 26 (општина Аеродром )
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од ул.Ѓоро Малешевец (општина Кисела Вода )
Македонија
Променливо облачно, попладне, а особено во текот на ноќта, со повремени врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат поројни

Времето денеска, променливо облачно со умерен до засилен јужен ветер.
Попладне, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат поројни (над 15л/м2) во форма на невреме, проследени со грмежи и силен ветер (над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен до засилен јужен ветер. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината врнежите ќе бидат поројни проследени со грмежи и силен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Под влијание на топла и нестабилна воздушна маса од југ, следува период на променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите повремено ќе бидат поројни (над 15 л/м2), во форма на невреме проследени со појава на грмежи и силен јужен ветер (над 60 км/ч).
Поинтензивни процеси ќе има утре во вечерните часови во текот на ноќта и во четврток претпладне. Преодно стабилизирање на времето ќе има во петок.
Во сабота локално, а во недела и понеделник на повеќе места ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Ветерот ќе го смени правецот во северен, што ќе предизвика опаѓање на дневните температури.
Македонија
Триесет дена притвор за Капушевски, Муча и Сулкоски, сопственикот на „Пуцко Петрол“ оди во куќен притвор

Судот определи 30 дневен притвор за бизнисменот Ратко Капушевски – сопственик на фирмата РКМ, Ерџан Сулкоски и ексдиректорот на ЕСМ, Адријан Муча, во случајот со спорниот тендер за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино.
Од Кривичниот суд вечерва информираа дека за нив постои опасност од бегство и околности кои укажуваат на попречување на истрагата со влијание на сведоци.
Во однос на осомничениот Асмир Јахоски – сопственик на „Пуцко Петрол“, по произнесување пред судија на претходна постапка Јавниот обвинител се согласи за промена на предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од Судијата на претходна постапка, велат од Кривичен.
За останатите седум осомничени кои беа спроведени во судот, судијата го прифати предлогот на Јавниот обвинител и донесе решени за определување на мерки за претпазливост.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Претходно Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истражна постапка за тринаесет лица и една фирма, поради злоупотреба на тендер за набвака на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино. Во акцијата што под раководство на јавен обвинител се спроведуваше на повеќе локации во Скопје, Велес и Кичево, уапсени беа 11 лица.
Со истрагата е опфатен и екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство и се бара со меѓународна потерница за случајот Адитив.