Македонија
Аеродром доби ново мултифункционално спортско и детско игралиште

Општина Аеродром доби ново мултифункционално спортско и детско игралиште лоцирано на булеварот Февруарски поход. Игралиштето кое веќе е атрактивна локација за жителите на овој дел од општината е направено со поддршка од компанијата „Рагуза груп“ во чест на нејзиниот основач и прв сопственик, Мирослав Голомеиќ – Мирко 919. Компанијата „Рагуза груп“ е пример за општествена одговорност, која преку инвестициите и соработката со локалната самоуправа придонесува за подобрување на животот на граѓаните на Аеродром.
Со новоизграденото игралиште дечињата и младите од „Тодор Чангов“, „Февруарски поход“ и околината добија ново катче за забава, дружење и спортување, изведено во согласност со сите стандарди за објекти од ваков вид. Целото игралиште е оградено, а пристапот се наоѓа од внатрешната страна, со што е целосно безбедно за користење.
„Аеродром е урбана и спортска општина. Работиме на обезбедување целосно нова инфрастуктура во делот на спортот и рекреацијата. Со големиот број тековни инвестиции и проекти вложуваме во здравиот живот и во развојот на младите жители на општината“, истакна градоначалникот Муцунски.
Општината Аеродром до крајот на годината ќе реализира уште неколку спортско рекреативни објекти и ќе продолжи со работа за обезбедување услови за забава и рекреација на најмладите во сите делови од општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Влен во паника по корупциските скандали, клевети за да ја сокрие вистината“, реагира ДУИ

„Откако нивни високи функционери беа фатени на дело во корупција, Влен ја загуби контролата и се однесува како брод без компас. Наместо да дадат одговори за скандалите во кои се вмешани, сега измислуваат апсурдни теории за да го одвлечат вниманието од сопствените афери“, велат од ДУИ.
„Партија чија раководна структура е обвинета за корупција и вмешана во сериозни афери, нема кредибилитет да зборува за другите. Албанците јасно гледаат кој работи за нив и кој се обидува да избега од одговорност. ВЛЕН веќе нема ниту идеи, ниту визија – само паника и клевети!“, соопшти ДУИ.
Влен претходно ја обвини ДУИ дека планира бојкот на локалните избори за да се спаси од пораз. Коалицијата истотака истакна дека „во ДУИ повеќе не одлучува нивното членството, ниту гласачите, туку се командува со далечинско од бегалецот Артан Груби“.
Македонија
Јаневска: Ги зголемивме платите на универзитетските професори 14 отсто, очекуваме заложба за поквалитетно образование на студентите

Со повисоки плати за академскиот кадар и поголем буџет за УКИМ ја одбележуваме петтата годишнина од основањето на Сојузот на синдикатите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на научната конференција „Новите предизвици во високото образование и синдикалното движење“ , организирана по повод јубилејот.
„Градиме партнерски однос со синдикатите. Преку конструктивен социјален дијалог успеавме да ги зголемиме платите во високото образование. Од јануари годинава повеќето од вработените на државните универзитети имаат зголемување на бруто-платите, без минат труд, во просек речиси 14 %. За помал дел од вработените, зголемувањето е во просек приближно 8 %“, посочи Јаневска.
Годинава, буџетот на УКИМ е зголемен за 1,5 милијарда денари. Од ланските 2,2 милијарди денари, оваа година достигна 3,7 милијарди денари.
„Сè ова покажува дека Владата и Министерството за образование и наука се решени да направат реален исчекор во квалитетот на образованието, вклучително и на високото образование. Затоа ги зголемивме вложувањата, но секогаш јасно кажувам дека и нашите очекувања од академската фела се големи“, укажа Јаневска.
Тоа значи универзитетските професори да им бидат вистински ментори на студентите, да им помогнат да стекнат што поквалитетни знаења и вештини, а паралелно и континуирано да работат на својата научна надградба и да објавуваат трудови. Јаневска нагласи дека овие критериуми за добивање и задржување на професорската титула на светски признатите универзитети мора да важат и кај нас ако сакаме и нашите универзитети да се видливи на листите на најдобрите. Тоа, како што рече, не е само работа на престиж, туку ќе им овозможи на нашите студенти да добијат најдобра подготовка за предизвиците што ги носи утрешнината.
Министерката Јаневска побара заеднички ангажман на сите релевантни фактори за да изградиме високообразовен систем со модерни студиски програми, за да ги интегрираме науката и истражувањата во наставните програми и да ја зајакнеме соработката со академската заедница во земјата и надвор.
Македонија
Над 10 милиони денари за пензионерите за три години, извести Герасимовски

Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека во изминатите три години, повеќе од 3.500 пензионери добија еднократна парична помош, а вкупно беа доделени над 10 милиони денари, со што значително се подобри нивниот квалитет на живот, извести општина Центар.
„Како општина, активно се грижиме за нашите највозрасни сограѓани преку реализирање на различни проекти. Еден од тие проекти е и доделувањето еднократна парична помош кон крајот на годината, со што значително им помагаме во семејниот буџет на пензионерите во пресрет на новогодишните празници. Во 2022 година, 1.410 пензионери аплицираа и добија еднократна парична помош во висина од 1.500 денари, а во 2023 година 1.575 пензионери добија по 2.000 денари еднократна парична помош. На последниот повик во 2024 година, 1.705 пензионери добија еднократна парична помош во висина од 2.500 денари, додека пак, вкупната сума за три години изнесува 10ипол милиони денари. Оваа поддршка значи повеќе сигурност и достоинство за нашите повозрасни сограѓани, кои својот живот го посветиле на изградба на нашето општество. Продолжуваме со оваа иницијатива и во иднина, животот е убав во секоја доба“, истакнува Герасимовски.
Општина Центар, останува посветена на подобрување на животниот стандард на граѓаните, грижата за повозрасните центарци останува еден од нашите приоритети, додаваат од општината.