Македонија
Ако договорот со Грција беше добар, Заев немаше да ги додава ЕУ и НАТО во референдумското прашање, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека доколку договорот со Грција е навистина добар и го гарантира македонскиот идентитет, тогаш, како што оценуваат, Зоран Заев немаше да се двоуми и ќе го ставеше истиот на референдум без дополнителни прашања кои може да ги доведат во заблуда граѓаните. Според нив, ако договорот беше историски успех за Македонија, Зоран Заев немаше да има дилеми да ги додава во референдумското прашање и ЕУ и НАТО, злоупотребувајќи ја довербата на граѓаните кон нашите меѓународни партнери.
„Договорот е штетен! Со него се бришat името Република Македонија, македонската историја, традиција и култура. Затоа Заев измислува трикови како да го измами народот за да ги оправда антидржавните политики со кои ги покрива неспособноста и расипништвото.
Зоран Заев и владејачкото мнозинство не бираат средства за да го реализираат штетниот и капитулантски договор. Тие сега го уценуваат сопствениот народ и манипулираат со јавноста со двосмислени и тросмислени прашања сакајќи да прикажат дека оној којшто е против штетниот и капитулантски договор е против евро-атланската интеграција на Република Македонија. Граѓаните ги поддржуваат европските и западни вредности, но не ги прифаќаат штетните и погрешни политики и договори од криминалниот картел на чело со Зоран Заев.
Вистинските европски вредности и принципи се реалните реформи и работата која треба оваа неспособна власт да ја направи на тој пат. Тоа впрочем и беше сугерирано од страна на ЕУ во извештаите кои ги презентираше за нашата земја, во кои се нотира неработењето и немањето капацитет на владата на Заев да направи суштински промени во низа општествени области.
Токму затоа Заев се обидува погазувајќи устав, закони, политички принципи да дојде до својата цел, а тоа е да го згази во целост достоинството на Македонија и македонските граѓани. Последен доказ за тоа е срамниот обид да се измени Изборниот законик со мнозинство од 61 пратеник без каква било консултација со експертите и опозицијата. Тоа само говори за апсолутистичкото лице на Заев, кој со години вешто и лицемерно го криеше од граѓаните.
Никој не може да го заобиколува демократскиот принцип базиран на правниот поредок на една земја, но и принципите кои се изградени низ годините.
Оттука ВМРО-ДПМНЕ принципиелно стои на ставот дека условите кои еднаш важеле за избори треба да важат и сега. Почитување на пржинскиот концепт на техничка влада пред избори е единствен начин граѓаните непречено да ја искажат својата волја. ВМРО-ДПМНЕ бара почитување на концептот за финансирање на политичките партии кој веќе беше договорен.
Картелот на власт не може и не смее да биде пречка за демократијата во Македонија и јасното изразување на волјата на граѓаните. Секој нивен ваков апсолутистички потег само ќе го забрза нивното паѓање од власт и враќање на демократијата во земјата каде што интересот и волјата на граѓаните ќе бидат врвен приоритет“, се вели во соопштението на партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

