Македонија
Ако ЕУ има решение за Украина и Молдавија, лесно ќе најде и за нас, пoрача Сиљановска-Давкова во годишното обраќање
Вистинската пречка за нашиот европски пат не се копенхагенските критериуми, ниту реформите, туку прифаќањето решенија и услови што не се врзани со владеењето на правото. Во случајот со македонските евроинтеграции, проблемот не е административен, туку лежи во уставните амандмани, потенцира претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во годишното обраќање.
Ние сме, додава таа, технички усогласен, но политички блокиран кандидат за членство, потсетувајќи на изјавите на бројни експерти и извештаи.
„На вагата на Европската Унија, чинам дека нашите уставните измени како да имаат поголема тежина од суштинските реформи. Независно колку реформски постигнувања додаваме, на крајот, политичкиот услов натежнува и ни се испорачува многу висока политичка сметка“.
Според претседателката, ако уставните промени беа гаранција за европски реформи и хармонизација во духот на европското право, ние, како што додаде таа, одамна ќе бевме во ЕУ.
„Ама сè уште ни преговорите не сме ги започнале, повторно заради новата уставна измена што се бара од нас.
Кому му одговара да бидеме надвор од ЕУ, ако не на третите сили? Кој отвара врата за влијание на трети сили, зарем е можно тоа да биде земја-членка на ЕУ и наш прв сосед? Како Европската Унија претендира да биде геополитичка унија, а притоа да ја држи нашата земја и Западниот Балкан во геополитички вакуум“, праша Сиљановска-Давкова.
Како што оцени, македонските евроинтеграции се школски пример за последиците од занемарување на процедурата како гаранција за демократијата.
„Ако изминативе години и децении некои наши политички и партиски лидери градеа национален консензус дома, тука, во ова Собрание, пред да одат во Брисел, како држава ќе избегневме погрешни чекори и непотребни отстапки и ќе заслужевме почит. Треба да учиме од нашите соседи, кои настапуваат едногласно за она што им е важно и не ги игнорираат декларациите донесени во нивните парламенти. Разногласието за прашања од национален интерес од нас направи слаба држава.
Има ли излез од оваа состојба? Има. Потребна е политичка волја, но не само наша, туку и на Унијата, оти сме предложиле повеќе излезни решенија, а Европската унија треба да избере едно, или да најде свое креативно решение за деблокада на процесот. Ако има решение за Украина и Молдавија, лесно ќе се најде и за нас!
Пораката што ја праќам од ова Собрание е дека без јасни гаранции од ЕУ и од Бугарија и без соодветни заштитни механизми, со уште една уставна промена, ние ризикуваме од овој процес да излеземе како што старецот на Хемингвеј излезе од морето: со костур од риба, со соголен, изглодан суверенитет и идентитет, национален и културен. Ова прашање бара внимателно одмерување на секој чекор, бидејќи гледаме до каде нè доведоа „храбрите“ одлуки“.
Порача дека национален консензус ни е потребен повеќе од кога било порано, бидејќи, како што појасни, живееме во неизвесни времиња.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на Муцунски со Македонци кои живеат и работат во Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со претседателката Гордана Силјановска-Давкова, денеска во Дубаи оствари средба со Македонци кои живеат и работат во Обединетите Арапски Емирати – успешни професионалци кои со своето знаење и искуство даваат значаен придонес за локалната економија.
По средбата, Муцунски истакна дека Македонците во дијаспората претставуваат важен мост меѓу матичната држава и земјите во кои живеат и работат, особено во економската и трговската сфера.
На средбата беше разговарано и за потенцијалот за продлабочување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати, со фокус на економијата и трговијата, како и за улогата и придонесот на дијаспората во овој процес.
Министерот ги запозна присутните и со активностите на Владата и Министерството поврзани со дијаспората, вклучително и со Стратегијата за унапредување на соработката со дијаспората, која е во завршна фаза, како и со можностите за нивно поактивно вклучување во развојните и економските иницијативи во државата.
Македонија
Сали-Суперти: во фокусот, напредокот на Македонија во спроведувањето на Агендата за реформи и Планот за раст
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Директорката за Западен Балкан, Валентина Суперти.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во спроведувањето на Агендата за реформи и Планот за раст, при што земјата покажува одржлив напредок во клучни области како владеење на правото, јавната администрација и дигитализацијата на услугите.
Исто така, беше оценет напредокот во подготовката на Роадмеповите за реформи и тековната координација со Европската комисија.
Сали ја истакна посветеноста на Владата за унапредување на реформите и за постојана поддршка од европските партнери, како и подготвеноста за справување со практичните предизвици, како што е имплементацијата на Системот Exit/Entry за транспортерите.
Во рамките на тесната соработка со Претседателството на Кипар и европските институции, беше повторено дека Северна Македонија се обврзува да продолжи со брзи и одржливи чекори кон интеграцијата во Европската унија, обезбедувајќи стабилност, просперитет и одржлив развој за граѓаните.
Македонија
„Скопје – Европска престолнина на културата 2028“: Град Скопје го објави првиот конкурс за културно-уметнички проекти
Градот Скопје го објави првиот јавен повик за финансирање на културно-уметнички проекти во рамки на програмата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
Скопје 2028 не се гради само со визија, туку со работа, огромна посветеност и доверба, додаваат од таму.
Со отворањето на овој конкурс, Скопје, се истакнува во соопштението, влегува во нова фаза во која идеите треба да прераснат во реални, одржливи и европски релевантни културни проекти.
„Проекти кои нема да живеат само една година, туку ќе остават трајна вредност во градот, во заедниците и во целокупниот културен екосистем.
За таа цел, бараме проекти со:
– силен концепт и јасна европска димензија
– општествена и културна вредност
– професионална реализација
– подготвеност за работа во комплексен и динамичен процес“.
Првата фаза на селекција на аплицираните проекти ќе ја спроведе независното тело Скопје 2028, врз основа на формалните и квалитативните критериуми утврдени во јавниот повик.
Втората фаза на селекција ќе ја спроведе главното жири, составено од двајца домашни експерти, уметничкиот раководител, како и два меѓународни експерти од Европската Унија, согласно добиените стручни насоки, добиени по консултација со администрацијата во Брисел.
„Европска престолнина на културата не е сцена за импровизација.
Тоа е заедничка обврска кон Европа, дека знаеме да создаваме, да управуваме и да реализираме врвни културни програми.
Доколку сте културна институција, организација, уметник, креативен колектив или професионалец кој верува во силата на културата да ги менува градовите, ова е вашиот момент!
Проектите избрани преку овој меѓународен конкурс ќе станат дел од официјалната програма на „Скопје 2028“ и ќе се реализираат низ целиот град и во сите десет општини, како во институционалните простори, така и на јавни локации. Ова е еден од неколкуте повици кои ќе бидат објавени во иднина“, се додава во соопштението од Град Скопје.

