Македонија
(Видео) Ако нема 80 пратеници за уставните измени, Заев ќе бара одговорност во партијата
Премиерот Зоран Заев не ја знае бројката на пратеници кои би гласале за промените во Уставот, кои произлегуваат од договорот со Грција. Според него, барањата на Беса за вметнување на другите народи во преамбулата на Уставот се принципиелни. Заев вели дека ако нема 80 пратеници, ќе свика состанок на Централниот одбор на СДСМ, а таму некој ќе треба да сносни одговорност.
„Беса е принципелно поставена околу ова прашање, исто како што се осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Тие се и првите, но не и единствени заштитници на македонскиот идентитет. Суштината на Беса е преку формулацијата ‘македонско/граѓани на Република Северна Македонија’, да не се остави впечаток дека Албанците, Турците, Србите и другите во државата ќе бидат Македонци. Тоа е суштината. Тука се наоѓаат техничките аспекти за решавање. Секако, државјанството е македонско и така ќе остане. Беса не бара менување на идентитетот. Тие не се Македонци, тие се Албанци од Македонија, Турци од Македонија, Срби од Македонија. Македонците во државата не треба да се плашат дека некоја албанска партија или пратеник ќе бара да биде загрозен идентитетот. Сите се бориме за идентитетот, кој беше оспорен, конечно да биде загарантиран“, вели Заев.
На прашањето дали осумте пратеници го поддржуваат барањето на Беса, премиерот Заев не одговори конкретно. Во однос на изјавата од Касами дека ако Владата не ги прифати барањата на Беса, нивните двајца пратеници нема да гласаат за уставни промени, Заев вели дека е оптимист за изнаоѓање решение.
„Треба волја за да има решение, за тие да бидат задоволни, осумте пратеници, јас како премиер и целото мнозинство. Ако бидеме креативни, ќе изнајдеме решение. Овој процес може да биде гаранција дека ќе се обезбедат пратениците. Не можам да кажам дали ќе има 80 пратеници. Деновите се избројани. Јас мислам дека денес треба да се гласа првиот амандман. Ако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не се во Собранието, логиката кажува дека треба да се гласа. Одговорноста за процесот секој ќе си ја понесе. Ако се изгласа, среќата ќе ја споделиме“, додава Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

