Македонија
Ако се покачи само минималната плата за хигиеничарите, тогаш на медицинарите им се дава сигнал да си го фатат патот, порача Синдикатот
Без потпишување на договорот, ќе се доведе во прашање институцијата сестра – доктор. Ова го порача Предраг Серафимовски, потпретседател на Синдикатот на Клиничкиот центар, образложувајќи дека: „хигиеничарка со 15 години стаж ќе има поголема плата од сестра со средна медицинска стручна спрема“. Од новиот министер за здравство, Фатмир Меџити, очекува разбирање. Сега, според Серафимовски, се чека одобрувањето на средствата од Министерството за финансии.
„Барањата се јасни, најбргу што може да се потпише договорот за кој се преговараше 3,5 месеци. Тоа е најитна работа. Од 1 март со зголемување на минималната плата, која се зголеми на 20.175 денари, ќе дојдеме, со потпишување на договорот, пак да има дискрепанција помеѓу медицински сестри, хигиеничари, доктори. Без ова, се доведува во прашање институцијата сестра – доктор. Ако ова не се потпише, хигиеничарката ќе има поголема плата од сестрата со средна медицинска стручна спрема“, изјави Серафимовски.
Според него, ако не се потпише договорот, Владата треба да се замисли што и како понатаму.
„Тој (министерот за здравство) мислам дека баш поради тоа што е колега од Клиничкиот, е запознаен со сите работи. Ние преговаравме, разговаравме и со Фондот, кој ги одобри средствата. Мислам дека нема да има никаков проблем. Во спротивно, нека се размисли што и како понатаму. Ако се продолжи само со покачување на минималната плата за хигиеничарите и административците, тогаш им се дава сигнал на докторите, хигиеничарите, сестрите, болничарите и на техничарите биолози да си го фатат патот во еден правец“, додаде тој.
Со барање за покачување на платите и усогласување со промените на минималната плата синдикатите минатиот месец организираа протести на вработените во јавното здравство пред Клиничкиот центар и ГОБ „8 Септември“ во Скопје, како и во други градови во државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Кога Лога сака да глуми заштитник на наводната независност на судските институции, да објасни врз основа на кои од двата отсто доверба во судството го темели овој заклучок
„Кога Кренар Лога ќе сака да глуми заштитник на наводната независност на судските институции добро е да објасни врз основа на кои од двата отсто доверба во судството го темели овој заклучок“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на фејсбук објавата на министерот Кренар Лога.
„Зошто Лога не беше загрижен кога цело ДУИ и Зајас на Ахмети беше вграден во судскиот систем на државата?
Ислам Абази првиот човек на организиран криминал, Бурим Сејдини, претседателот на Управен суд и Али Ахмети, лидерот на интегративците се родум од кичевското село Зајас.
Претседателите на основните судови во Тетово и Кичево, Хасан Асани и Амдије Зенку се поранешни функционери и активисти на ДУИ. Во Врховниот суд е и Шпенд Деваја, сопругот на поранешната градоначалничка Теута Арифи.
Добрила Кацарска стана Уставен судија откако работата ја заврши со политичките прогони во основниот кривичен суд“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Остро ја осудуваме деградирачката реторика, ВМРО-ДПМНЕ да не се однесува како на изборна кампања“, реагира Лога
„Остро ја осудуваме деградирачката реторика на политичката партија која претендира да управува со оваа држава. Нападот врз независните институции е неприфатлив јазик за една земја членка на НАТО и земја која се наоѓа пред пристапување во Европската Унија“, реагира министерот за правда, Кренар Лога на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска.
„Како министер и како министертво сме имале период на дебати и со претседателот и Уставниот суд воопшто, но во ниту еден момент тоа не било причина да се девалвира во јазик на омраза и лични квалификации кои потоа се манифестираат на улица и како закани кон носителите на јавни функции. Сè уште има одлуки на Уставниот суд за кои не делиме исти ставови, но во ниту еден момент истите не смеат да послужат како изговор за оспорување на тие пресуди и деградирачки коментари. Ја повикуваме политичката партија ВМРО-ДПМНЕ да се издигне на висината на задачата што ја чека, и да не се однесува како на изборна кампања. Патот на консолидирање на демократските институции поминува низ почитување од страна на партиите и релевантните институции“, се додава во реакцијата на министерот Лога.
Македонија
Водата во Куманово е исправна и може да се пие, извести Општински штаб за заштита и спасување
По извршениот инспекциски контролен надзор и по добиените резултати од ЦЈЗ – Куманово од испитаните примероци на вода, последователно од 25.05.2024, 26.05.2024 и 27.05.2024, констатирано е дека истите одговараат на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри, согласно Правилникот за безбедност на водата за пиење, издаденото Решение за забрана на водата за пиење е укинато.
„Со ова, ги известуваме граѓаните дека водата во целиот водоснабдителен систем е исправна и може да се користи и како вода за пиење“, извести Општински штаб за заштита и спасување на Куманово.