Македонија
Акција на Секторот за инспекции на Општина Центар – извршени контроли на повеќе локации во општината
Секторот за инспекциски работи на Општина Центар во текот изминатите денови спроведува акција на терен за контрола на разни правни субјекти во однос на контрола на градилиштата. Поделени се известувања со обврски во согласност со Законот за јавната чистота, со кои се информираат изведувачите на градежни објекти да не вклучуваат во сообраќај моторни возила со валкани тркала, да не оставаат градежен шут, отпад и градежен материјал, освен на места определени за таа намена, да не се пали и уништува смет. Да не се палат огнови на отворено за греење на работниците. Дополнително, сите возила што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади поради контрола на прашината.
Извршена е контрола на јавните површини на целата територија на општината во однос на палење и уништување садови за собирање смет, како и палење, закопување и уништување смет.
Направен е интензивен инспекциски надзор на инсталации во надлежност на Општината, кои подлежат на елаборат за животна средина и користат разни енергенти за греење или подготовка на храна: ресторани, сендвичарници, сервиси за миење возила, а извршена е и контрола на оставање отпад на приватен имот во согласност со Законот за управување со отпадот како потенцијална опасност од палење, предизвикување пожар и опасност за животот и здравјето на граѓаните.
При надзорот поминати се 12 градилишта во населбите: Водно, Пролет и Ново Маало, каде што се оставени известувања во однос на почитување на мерките за јавна чистота и превентивно намалување на загадувањето на воздухот, а изречена е 1 казна за сообраќај со возило со валкани тркала. Поминати се 2 напуштени локации, со присутен отпад на приватен имот, за кои ќе се спроведат инспекциски постапки во согласност со Законот за управување со отпадот. По пријава од граѓани за палење пластика и кабли, извршен е увид на Калето, на потегот од Француските гробишта кон американската амбасада, при што не се затекнати сторители на самото место.
Општина Центар и градоначалникот Горан Герасимовски упатуваат апел до граѓаните да го намалат користењето на возилата, да не се користат отпадни материјали за затоплување на домовите, да се користи суво и чисто дрво, без примеси од земја и отпадоци, печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот и редовно да се чистат оџаците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

