Македонија
Албанија ќе и’ ги врати на Македонија незаконски изнесените икони, предлогот е доставен во Собранието

Вредни икони кои во минатото незаконски биле изнесени во Албанија, се очекува наскоро да бидат вратени во Македонија.
Владата го разгледа и утврди Предлогот на закон за ратификација на Договорот за соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, за враќање на незаконски изнесени икони во земјата на потекло, предложен од Министерството за надворешни работи и одлучи да го достави до Собранието.
Со ратификацијата на Договорот, според образложението од Министерството за надворешни работи, исклучително вредното културно наследство, за кое што претходно се договорија Македонија и Албанија, ќе биде вратено во земјата.
Од Владата велат дека тоа ќе ги продлабочи и унапреди културните односи меѓу двете држави и ќе ја манифестира сериозната посветеност во ефективната заштита на културното наследство и имплементацијата на меѓународните конвенции од оваа област.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муртезани во Париз: Зајакнување на француско-македонското партнерство и европската интеграција

Министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска во Париз, со средба со министерот делегиран за Европа во Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, Бенжамен Хадад, ја започна својата работна посета на Француската Република. Разговорот се одвиваше во светло на новата геополитичка реалност во Европа, во која партнерството меѓу Северна Македонија и Франција добива нов импулс во насока на продлабочување на европската интеграција, политичката стабилност и отпорноста на регионот кон надворешни влијанија.
Во фокусот на средбата беа перспективите за унапредување на билатералната и институционалната соработка, особено во доменот на политиката на проширување на Европската Унија со регионот на Западен Балкан, како и зајакнувањето на политичкиот дијалог и координацијата во клучните политички европски и безбедносни прашања, извести Министерството.
Муртезани ја реафирмираше подготвеноста на Северна Македонија да понуди стабилно, демократско и реформски-ориентирано партнерство, поддржано со конструктивен придонес за добрососедските односи и регионалната соработка. Во таа насока, Муртезани ја истакна потребата од континуирана и принципиелна француска поддршка за евроинтегративниот процес, потенцирајќи дека целосната интеграција на Северна Македонија и регионот во Унијата останува најсилниот гарант за долгорочна стабилност, демократска консолидација и европски просперитет. Во таа смисла, тој нагласи: „Потребна ни е посветеноста на Франција за да постигнеме заеднички успех и решителен напредок кон консолидирањето на Европа во овие турбулентни геополитички времиња.“
Министрите се согласија дека зајакнувањето на политичкиот дијалог, економската размена и културната соработка остануваат приоритети за обете земји. Беа истакнати и веќе постојните француски иницијативи, меѓу кои ангажманот на технички експерти во македонски институции, како конкретен придонес за унапредување на реформските процеси и ускогласување со европските стандарди. Од страна на министерот Хадад беше повторена цврстата поддршка на Франција за европската перспектива на Северна Македонија.
На средбата беа разгледани и натамошните чекори за продлабочување на стратешката рамка на соработка меѓу Северна Македонија и Франција, особено преку промоција на нови можности за француски инвестиции во енергетиката, дигиталната трансформација и инфраструктурата, како и зајакнување на размената во сферата на образованието и културата. Министерот Муртезани ја реафирмираше определбата на Владата за продолжување на реформите и за иницирање на нови форми на институционално партнерство со Франција, препознавајќи го Париз како незаменлив сојузник во реализацијата на стратешките евроинтегративни цели на Северна Македонија, се додава во соопштението на Министерството.
Македонија
Апелот на Министерството за здравство да не се снимаат пациентите од дискотеката во Кочани е загрижувачки, смета Хелсиншкиот комитет

Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува сериозна загриженост поради апелот на Министерството за здравство до медиумите да не ги фотографираат или снимаат пациентите кои беа повредени во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, а кои се лекуваат во болницата во Кочани.
Од Хелсиншкиот комитет наведуваат дека иако заштитата на приватноста и достоинството на пациентите е од голема важност, состојбата и условите во кои се лекуваат жртвите од оваа трагедија претставува највисок јавен интерес.
„Апелите што имаат за цел да ограничат медиумско покривање во вакви ситуации се проблематични и претставуваат потенцијален обид за институционално ограничување на слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана. Со тоа Министерството ризикува да воспостави штетна пракса која може да води кон цензура и самоволни ограничувања на медиумската работа. Ја потсетуваме институцијата дека новинарската етика и професионалните стандарди се предмет на саморегулација и дека за овие прашања се надлежни телата како Советот за етика во медиумите и Судот на честа при Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ)“, велат од Хелсиншкиот комитет
Од таму наведуваат дека Член 16 од Уставот на Република Северна Македонија гарантира слобода на изразување, како и забрана на цензурата.
Според нив, вакви инструкции што доаѓаат од државни институции, дури и кога се претставени како апели, можат да се сфатат како форма на институционален притисок.
Хелсиншкиот комитет апелира до Министерството за здравство да се воздржи од наметнување на неформални ограничувања врз работата на медиумите и ги охрабрува новинарите да продолжат да известуваат професионално, етички и со чувствителност кон жртвите – но и со јасно чувство за одговорност кон јавниот интерес.
Македонија
„Албанците исклучени и во Министерството за земјоделство: 10 – 0“, велат од ДУИ

„Демократската унија за интеграција изразува најдлабока загриженост за последниот конкурс објавен од Министерството за Земјоделство, каде што од сите назначени државни советници, раководители на сектори, раководители на одделенија и обични советници, ниту еден не е Албанец. Резултатот е јасен: 10 спрема 0“, велат од ДУИ.
„Ова е само уште еден доказ дека оваа влада, која нема етнички легитимитет, спроведува системски план за исклучување на Албанците од државните и јавните институции. Овој план не е нов. Тој е замислен од македонските партии и олигархијата уште во 2022 година и се спроведува чекор по чекор преку административни, политички и уставни одлуки.
Во срцето на овој опасно сценарио стои намерната дискриминација на Албанците, со цел да се намали нивната улога како државотворен и институционален фактор. Овој процес започна со напади врз правичната и соодветна застапеност, со негирање на правото на етничко самоидентификување, со обиди за целосно укинување на употребата на албанскиот јазик, и со практично укинување на двојазичноста во јавните институции.
Уставниот суд, под директива на оваа влада, започна да ги руши темелите на Охридскиот договор, создавајќи опасен преседан за нарушување на меѓуетничката рамнотежа и враќање на државата кон моноетнички и дискриминаторски систем.
Случајот со Министерството за Земјоделство е само продолжение на оваа агенда: во име на „професионализмот“ и „компетентноста“, се прикрива систематско етничко чистење на Албанците од институциите. Албанците не се исклучени поради недостиг на вредности, туку поради нивната национална припадност.
Останатите „претставници“ се само неми набљудувачи, марионети во еден театар на срам кој секојдневно се игра во Република Северна Македонија.
ДУИ ќе продолжи цврсто да стои во одбрана на еднаквоста, правдата и реалната застапеност на Албанците на сите нивоа во државата, силно осудувајќи секој обид за исклучување, дискриминација и укинување на историските постигнувања“, соопшти ДУИ.