Македонија
Албанскиот опозициски фронт: Груби ја претвора зоната во Визбегово во коцкарски центар, еснафите ја изградија со многу труд
Индустриската зона Визбегово, која еснафите макотрпно ја развиваа со децении, Артан Груби преку ноќ ја претвора во центар на валкани бизниси, реагираат од албанскиот опозициски фронт: Алтернатива – Движење Беса – Демократско движење.
„Лотаријата на Северна Македонија, која ја водат најблиските луѓе на Артан Груби, набргу се очекува да се пресели во индустриската зона Визбегово во Скопје. Лотаријата на Северна Македонија ќе се позиционира покрај патот Скопје – Блаце, каде што веќе функционираат неколку казина, чиј број од ден на ден се зголемува.
Индустриската зона Визбегово, најверојатно, ќе се претвори во Лас Вегас, а овој план го спроведуваат Артан Груби и ДУИ“, реагираат од опозицискиот фронт.
Ако до вчера имаше дилеми зошто барањата на албанските бизниси од оваа зона беа тотално игнорирани од ДУИ и нејзините функционери, сега се станува јасно, велат од овие партии.
„Тие имаа друг план на ум за оваа зона. Да го направат центар за коцкање. Оваа зона, која чесниот албански бизнисмен, еснафите, ја градеа со децении, Артан Груби и ДУИ преку ноќ решија да ја претворат во зона на казина, брзи кредити, хотели и мотели. Оваа зона, која досега се слушаше само за позитивни вести, за успешни приказни, Артан Груби реши да ја направи зона на проблеми, убиства и валкани работи бидејќи казината носат такви последици. Не зборуваме за шпекулации. Зборуваме за факти. Алчноста на Артан Груби и ДУИ за пари нема крај. Ова зло мора да заврши, а за ова ни треба помошта од граѓаните“, потенцираат од албанскиот опозициски фронт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

