Македонија
Александар Јовановски нов директор на „Комунална хигиена“ – Скопје
Александар Јовановски е нов директор на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје. Тој доаѓа од Град Скопје како инспектор во Секторот за инспекторат, а претходно искуство има и во Секторот за локален економски развој.
„Александар има повеќегодишно искуство во приватниот сектор во трговија како раководител на организациска единица, а со работен ангажман во Здружението за заштита и унапредување на животната средина работел на реализација на еколошки и општествено одговорни проекти. Јовановски има високо образование за менаџмент на Универзитетот ‘Гоце Делчев’ во Штип и има меѓународен сертификат за институционални пристапи за заштита на животната средина. Со своето образование, професионално искуство и ангажман во јавниот и во приватниот сектор, Јовановски ќе придонесе во КХС – Скопје за унапредување на стандардите на јавното претпријатие, модернизација на системите за управување со отпадот и одржување чиста, здрава и еколошки одговорна животна средина во градот Скопје“, соопштија од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево време, утрински температури до -10 степени
Времето утре ќе биде сончево и студено со мала до умерена локална облачност. Ќе дува засилен до силен северен ветер и наместа ќе има услови за провејување на снег. Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -4, а максималната ќе достигне од -3 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, претежно сончево и студено со умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Во четврток и во петок ќе се задржи студено време со минимални температури кои насекаде ќе бидат негативни, а локално ќе се спуштат и под минус 10 степени.
Од петок и во деновите потоа ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи, претежно од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурите ќе биде во пораст.
Македонија
УЈП најави привремен прекин на електронските услуги од 16 часот
Управата за јавни приходи ја известува јавноста дека денеска, 30.12.2025 година, со почеток од 16:00 часот, ќе има привремен прекин во функционирањето на електронските услуги кои Управата (УЈП) ги нуди кон даночните обврзници.
Се очекува прекинот да трае до доцните попладневни часови, по што услугите повторно ќе бидат достапни.
Управата за јавни приходи ги замолува даночните обврзници за разбирање.
Македонија
Владата го усвои предлог Законот за јавно обвинителство
Владата на денешната редовна 140 седница го усвои Законот за јавно обвинителство, како еден од клучните чекори во спроведувањето на реформската агенда од Областа 5 – Фундаментални вредности, со посебен фокус на владеењето на правото.
„Донесувањето на овој закон претставува значаен исчекор во зајакнувањето на независноста, ефикасноста и отчетноста на јавното обвинителство, како столб на правниот систем и гарант за заштита на јавниот интерес. Законот е резултат на сеопфатен процес на анализа, консултации и усогласување со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики“, се наведува во соопштението од Владата.
Од таму појаснуваат дека со новото законско решение се воведуваат измени во постапката за избор на Јавен обвинител на Република Северна Македонија, со јасно дефинирани критериуми и механизми кои обезбедуваат транспарентен, инклузивен и мерит-системски пристап при изборот на најквалитетните кандидати. Во законот се вградени релевантните препораки, со цел процесот да биде ослободен од политички влијанија и заснован исклучиво на стручност, интегритет и професионален кредибилитет.
Дополнително, законот предвидува прецизни и обврзувачки рокови за постапките за избор, унапредување и се воведува принцип на категоризација на дисциплинска одговорност на јавните обвинители, што придонесува за поголема правна сигурност, предвидливост и функционалност на системот, а воедно и поголема одговорност на самите јавни обвинители. На овој начин се зајакнува довербата на граѓаните во институциите и се воспоставува појасна одговорност во работењето на обвинителството.
„Владата останува цврсто посветена на реформите во правосудството како приоритет од највисок јавен интерес и како неопходен предуслов за напредокот на државата на европскиот пат. Усвојувањето на Законот за јавно обвинителство е конкретен доказ за определбата да се градат силни, независни и професионални институции, во служба на граѓаните и владеењето на правото“, се наведува во соопштението.

