Македонија
Алиу ветува 205 милиони евра за болници кои инспирираат доверба, а не страв

Верувам дека здравството е повеќе од систем. Тоа е нераскинливо морално ветувањето што си го даваме едни на други: дека кога најмногу ни треба, ќе има некој тука за нас“, порачува во видео обраќање министерот за здравство, Азир Алиу.
Тој нагласува дека тоа ветување денес има потреба да се врати во системот, но без импровизирани одлуки, туку со јасна визија. Без носталгија, со податоци и храброст.
-Визијата станува реалност со голем прв чекор: 205 милиони евра за болници кои инспирираат доверба, а не страв, вели министерот Алиу, додавајќи дека во Штип ќе се гради модерна клиничка установа и Факултет за медицина за идните генерации лекари.
-Во Тетово, болницата ќе добие современа медицинска опрема и два нови објекти, со што ќе прерасне во симбол на грижа и достоинство. Во Кичево, каде што болницата остана нереализирано ветување од минатиот век, од темел ќе градиме нова, светла, топла и достојна за секој од вас, вели министерот Алиу.
Тој истакнува дека ова е само почеток, бидејќи хоризонтот на неговата визија е многу подалеку.
-Да изградиме модерно, хумано и дигитализирано здравство. Ние не сме тука да чекориме по патеки од минатото кои не водат никаде, ние сме овде да градиме доверба за идните генерации. И заедно со вас, ќе ја направиме оваа визија реалност, порачува министерот за здравство, Азир Алиу во неговото видео обраќање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
(Фото) Левица: Учениците во „Ѓорѓија Пулевски“ учат во подруми со влага и смрдеа

Учениците од шесто одделение во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во општина Аеродром наставата ја следат во подрумски простории со влага, непријатна миризба и без природна светлина, реагираат од партијата Левица.
Од таму посочуваат дека ваквите услови се недостоинствени за било кое училиште, а не за основци кои треба да учат во здрава средина.
„Овие услови се недостоинствени дури ни за затворски ќелии, а камо ли за деца кои треба да растат во здраво и безбедно училишно опкружување. Загрижени родители алармираат дека на некои ученици им се слошило и повраќале поради неподносливата миризба на мувла и влага“, соопштија од Левица – Аеродром.
Според нив, локалната власт ја сноси целата одговорност за понижувањето на најмладите и изложувањето на здравствен ризик.
„Дополнителен скандал е фактот што ДПМНЕ пред четири години ветија целосна реконструкција на училиштата во општината, но во изминатиот мандат не направија ништо. Наместо елементарни услови, децата се приморани да учат во простории со влага и смрдеа“, додаваат од партијата.
Левица бара итно преместување на учениците во други училници и обезбедување нормални услови за образование.
Македонија
Земјотрес ги разбуди струмичани, епицентарот бил во Валандово

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Македонија ноќеска во 02:13 часот регистрираше земјотрес со локална магнитуда 2,2 степени според Рихтеровата скала, со епицентар во епицентралното подрачје Валандово, на околу 116 километри југоисточно од Скопје.
Според Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, потресот бил почувствуван во Струмица и околните места со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
„Се работи за послаб земјотрес кој нема потенцијал да предизвика материјални штети, но поради блискоста на епицентарот, граѓаните во дел од југоисточниот регион го почувствуваа потресот“, велат од Сеизмолошката опсерваторија.
Надлежните апелираат дека ваквите земјотреси се вообичаени за нашето подрачје и дека нема простор за паника.
Македонија
Македонци заминуваат кон грчките плажи, продолжениот викенд предизвика хаос на „Богородица“

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози, но зголемената фреквенција на возила поради летните одмори и продолжениот викенд во Македонија предизвикува гужви на граничните премини.
Најголеми задржувања моментално се бележат на ГП Богородица, каде за излез од државата се чека околу 40 минути до 1 час. На ГП Табановце, пак, времето на чекање за влез и излез изнесува околу 30 минути. Од другите гранични премини од македонска страна не се евидентирани подолги задржувања.
АМСМ ги потсетува возачите да возат со прилагодена брзина, да ја почитуваат сигнализацијата и да бидат особено внимателни на делниците низ котлини, речни долини и клисури каде е можна појава на одрони. Како критични делници се наведуваат Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Воедно, возачите треба да бидат подготвени за времен режим на сообраќај. Од 3 септември започнуваат градежни истражувачки работи на делницата Гостивар – Тетово, што ќе траат две недели и ќе се одвиваат под изменет режим. Дополнително, во тек е и санација на мостот Здуње на државниот пат А2 (Гостивар – Стража), каде е воспоставена семафоризација и наизменично пропуштање на возилата во период од шест месеци.