Македонија
Алиу во традиционална новогодишна посета на првите новороденчиња во 2026 година
На Клиниката за гинекологија и акушерство првото новороденче во 2026 година е девојче, а во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир, првите новороденчиња во 2026 година се близначиња – девојчиња.
По тој повод, министерот за здравство Азир Алиу денес ја реализираше традиционалната новогодишна посета во двете установи, придружуван од Фатмир Лимани – министер за социјална политика, демографија и млади, Орце Ѓорѓиевски – градоначалник на Град Скопје, Јовица Андоновски – заменик министер за здравство и Рози Мицкоска – сопруга на претседателот на Владата. Во посетата на Специјалната болница „Мајка Тереза“ – Чаир, присуствуваше и градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити.
Министерот упати честитки до семејствата, посакувајќи им добро здравје, среќа и безгрижно детство на новороденчињата, а воедно им изрази благодарност и признание на здравствените работници за нивната посветеност, професионалност и грижа што ја пружаат секојдневно.
„Раѓањето на првото бебе во новата година е симбол на нов почеток, надеж и живот. Нашата обврска е да обезбедиме здравствен систем во кој секоја мајка и секое дете ќе добијат сигурна, квалитетна и достоинствена здравствена грижа“, истакна министерот Алиу.
Посетите се реализираа во духот на празнична атмосфера, со порака за континуирана грижа за мајките и новороденчињата и понатамошно унапредување на условите во јавното здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Семејното насилство да се казнува повеќе од обичното, итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа
„Како што дрска кражба се казнува повеќе, а не помалце од обична; како што убиство со умисла се казнува повеќе, а не помалце од убиство на миг; така и семејно насилство треба да се казнува повеќе, а не помалце од обично насилство – оти една од основните функции на семејството е заштитната! А каква “заштита” имаш ако дома маж ти те тепа секој ден?“, пишува претседателот на Левица, Димитар Апасиев на социјалните мрежи.
Тој порача дека „под итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа, кои се напикани со неспособни и нестручни партиски штабци! Под итно!!!“
Македонија
Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, велат од СДСМ
Максим Димитриевски – Максо го гледаме како кука по телевизија, како да не е дел од криминалната власт, велат од СДСМ.
„Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, но не му успеа.
Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка од граѓаните, бара да си ги наплати своите „заслуги“ за ВМРО-ОКГ.
Дури Максо зборува и за Груби, дека е дома, во куќен притвор, а неговиот шеф Мицкоски стои позади тој дил.
Што глуми Максим Димитриевски?
Или не му дале некој нов тендер па мора малку да плаче по телевизија за да го добие?
Како оној во Пошта, од 1,2 милиони евра што го доби фирма блиска до ЗНАМ во време кога вработените не можат навреме ниту плата да поделат“.
Максим, додаваат од опозициската партија, е познат по тоа што јавно призна дека не живее од плата.
„Затоа не мисли тој на работниците и тоа што тој и неговата влада одбиваат да им ја покачат минималната плата на 600 евра.
За тоа не се жали Димитриевски, не знае што е плата и како е да се преживее од први до први во месецот, како што се мачат над 200 илјади работници.
Сè е приватен бизис во тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ, никој од нив не живее од плата, само од тендери“.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.

