Македонија
Алиу: Реновирана Клиниката за урологија, воведени две нови хируршки методи, во фаза на реновирање е Центарот за трансплантација

Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денес ја посети Клиниката за урологија по повод извршената реконструкција на оваа установа.
„Продолжуваме со уште една клиника, тука сме денеска на Клиниката за урологија, која инфраструктурно изгледа според сите европски стандарди. Исто така, од техничка гледна точка инфраструктурата, технологиите и методологиите се во склад со потребите на пациентите и со европските протоколи. Чекор по чекор, здравството е сѐ поблиску до секој граѓанин. Чекор по чекор здравството станува европско и се надевам дека за кратко време ќе презентираме и други клиники и друга инфраструктура. Овде, покрај нова инфраструктура, веќе се вработени 20 стручни лица, кои ќе бидат дел од Клиниката“, посочи министерот Алиу при посетата.
Директорот на Клиниката за урологија, д-р Башким Шабани, истакна дека станува збор за инвестиција во вредност од речиси 300 илјади евра наменета за реновирање на Клиниката.
„Воведовме и две нови хируршки методи, со што ние практично нема да имаме потреба да праќаме пациенти за лекување во странство.
Сега сме во фаза на реновирање на Центарот за трансплантација, како и на Центарот за калкулоза за третман на уринарни каменчиња“, заклучи д-р Шабани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Улица во Кисела Вода денес без струја

Корисниците на улицата Кумановска во општина Кисела Вода денес ќе останат без електрична енергија во периодот од 12:00 до 15:00 часот, информираат од ЕВН Македонија АД.
Прекинот е најавен поради технички зафати на дистрибутивната мрежа.
Македонија
Денес сончево и топло, од четврток промена на времето

Утрото ќе биде ведро и посвежо, а преку денот се очекува претежно сончево и топло време, со слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 6 до 14 степени, додека максималните ќе достигнат од 27 до 33.
Во Скопје ќе преовладува сончево време, со утринска температура до 12 и дневна до 33 степени, информира УХМР.
До среда ќе се задржи стабилно и топло време. Од четврток попладне следува период на променливо облачно време со локални врнежи. Во петок се очекуваат и гремежи, како и умерен до засилен југоисточен ветер.
Температурите ќе бидат во постепено опаѓање, особено за време на викендот.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Њујорк: Време е кормилото на ОН да му го довериме на жена

Во рамки на учеството на 80. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на состанок на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција за жените.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова истакна дека иако Пекиншката декларација останува темел на борбата за родова еднаквост, напредокот е нееднаков, кревок и често реверзибилен.
„Насилството врз жените останува неказнето, фемицидот ја осквернува светоста на животот, а жените сè уште се соочуваат со бариери во пристапот до ресурси, лидерство и одлучување,“ рече таа.
Претседателката посочи и на кризата во Обединетите нации, институција основана за заштита на мирот, а денес исправена пред бројни конфликти низ светот. Таа апелираше на храбро лидерство од жени, велејќи:„Ако сме сериозни во врска со мирот, време е да го довериме кормилото на ОН на жена.“
Во нејзиниот говор таа подвлече дека родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, туку хуманистички императив, потенцирајќи дека жените се носители на исцелување, сочувство и надеж.
Учесниците на состанокот ја потврдија потребата од посветеност, конкретни политики и ресурси за реализација на визијата од Пекинг и за создавање праведни и просперитетни општества.
Пекиншката декларација, како што потсети Сиљановска-Давкова, повикува на еднакви права и пристап за сите – жени и мажи, девојчиња и момчиња – и тој повик, рече таа, останува ургентен и денес.