Македонија
Алијансата за Албанците: СДСМ и ДУИ ги исполнуваат барањата на ВМРО
Врховниот суд и владата на СДСМ и ДУИ ги исполнија барањата на ВМРО-ДПМНЕ за враќање на пратениците на ВМРО во Собранието на Република Македонија, велат од Алијансата за Албанците. Од таму изразуваат, како што велат, длабока загриженост и исто така ја предупредуваат јавноста дека владата на СДСМ и ДУИ не само што нема намера да го реформира судскиот систем и функционирањето на владеењето на правото, туку истата оваа коалиција тргува со правдата во интерес на политичко пазарење.
„Ова најдобро се докажува со одлуката на Врховниот суд за ослободување на пратениците на ВМРО, кои се осомничени и обвинети за настаните од 27 април за напад врз Собранието и пратениците, од затвор во куќен притвор. Највисоката судска институција која е предводена од Јово Вангеловски, избран во време на ВМРО- ДУИ, е еден од главните катализатори на монтираните политичките процеси“, велат од партијата.
Врховниот суд, велат од Алијансата за Албанците, исполнува едно од барањата на ВМРО која го условува своето враќање во Собранието на Република Македонија.
„Најостро ги осудуваме овие политички пазарења кои денес ги прави владата СДСМ, ДУИ заедно со ВМРО, изведувајќи апсења кои на почеток наликуваат на филмски сцени а по некое време истите тие апсења завршуваат во домашен притвор како што е случајот и на поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, и другите инволвирани во крвавиот настан од 27 април. Владата на СДСМ и ДУИ нема капацитет ниту политичка волја за реформа на правосудниот систем, уште повеќе кога претседателите на високите судски установи се избрани од времето на ВМРО-ДУИ и истите не може да и служат на правдата ниту денеска да делат правда“, велат од Алијансата за Албанците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 7 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе дува умерен западен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -3, а максималната ќе достигне од 0 до 7 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 3 степени.
До крајот на седмицата ќе се задржи стабилно и суво време. Од среда по котлините ќе има услови за појава на магла, а температурата ќе биде во благ пораст.
Македонија
Средба Хоџа-Ќехаја: Екологија и регионален развој во фокус
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Косово во Република Северна Македонија, Флоријан Ќехаја, на која се разговараше за актуелната состојба и перспективите на билатералната соработка во областа на животната средина и просторното планирање.
За време на средбата, министерот Хоџа и амбасадорот Ќехаја ги оценија пријателските односи и одличната соработка меѓу двете земји, истакнувајќи ја важноста на постојните документи и заеднички иницијативи, вклучувајќи го Меморандумот за разбирање од 2012 година за соработка во областа на животната средина, Договорот за економска соработка, како и регионалната иницијатива „Заедничка визија за Шар Планина“, која има за цел заштита и одржлив развој на прекуграничните заштитени подрачја.
Соговорниците ја истакнаа важноста на соработката во рамки на ИПА Програмата за прекугранична соработка, како и на значајните инфраструктурни и економски проекти кои придонесуваат за зајакнување на врските меѓу двете земји.
На средбата, се изрази заеднички интерес за интензивирање на соработката во наредниот период, вклучувајќи и ревидирање на постојниот Меморандум, меѓу двете држави.
Хоџа и Ќехаја ја реафирмираа посветеноста за зајакнување на билатералната и регионалната соработка во областа на заштитата на животната средина и зачувувањето на природното наследство.
Македонија
На 18-годишнината од хеликоптерската несреќа, положен венец на споменикот кај Катлановско Блаце
Денеска, 12 јануари (понеделник), министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на обележјето кај Катлановско Блаце положија венец со свежо цвеќе во спомен на единаесетмината припадници на воздухопловниот ВИНГ кои пред 18 години ги загубија своите животи, враќајќи се од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Министерот Мисајловски по овој повод порача дека нивната мисија била благородна и дека никогаш нема да бидат заборавени бидејќи со своите дела покажале како се сака државата и како се сака татковината.
На спомен-обележјето кај Катлановско Блаце почит на загинатите припадници оддадоа членовите на семејствата, како и делегации од Командата за операции, Првата пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ и од општината Петровец.
Со едноминутно молчење и положување венци со свежо цвеќе од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ беше оддадена почит за единаесетмината загинати припадници и пред спомен-обележјето пред командата на ВИНГ-от во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, како и во меморијалниот парк во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина, каде нашите припадници беа дел од мисијата АЛТЕА.
Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред осумнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.

