Македонија
Алијанса за Албанците: Министерството за одбрана не го почитува Законот за јазиците
Одделението за одбрана и безбедност на Алијансата за Албанците реагира за неприменувањето на Законот за јазиците и, како што тврдат, „игнорирањето што се прави на албанскиот јазик од страна на институциите кои произлегуваат од Министерството за одбрана и самиот министер и неговиот заменик”.
„На конкурсот објавен од страна на Министерството за одбрана и Воената академија, за изготвување есеј на тема ‘НАТО и јас’ посветен на 70-годишнината од основањето на НАТО на прагот на зачленувањето на Северна Македонија како 30-та членка на организацијата, Министерството го игнорира и крши законот за албански јазик донесувајќи одлука дека оваа активност треба да биде само на македонски јазик. Неспроведувањето на законот и игнорирањето на албанскиот јазик во овој случај потврдува дека Северна Македонија продолжува со стариот менталитет и не сака искрено да ги почитува и да им се приклучи на демократските земји каде што се пренесува еднаквост и правда за сите”, се вели во реакцијата.
„НАТО е меѓународна воена и политичка организација во која многу народи, јазици и диверзитети соработуваат и коегзистираат. Тврдејќи дека ќе бидеме дел од оваа организација, Северна Македонија точно треба да го земе примерот на НАТО и да го трансформира својот јазичен диверзитет во соработка и соживот, истовремено почитувајќи го мултиетничкиот карактер на својата армија. Алијансата за Албанците бара од Агенцијата за спроведување на законот за јазиците да преземе соодветни законски мерки за горенаведената институција и сите други институции кои не го спроведуваат законот повикувајќи се на член 22, според кој глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе им се изрече на органите од член 1, став (3) и член 2 став (3) и сите други институции за непочитување на одредбите од овој закон.Се надеваме ова да биде прва интервенција и казнување на Агенцијата“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски – Брунер: Европската интеграција, борбата против организираниот криминал и зајакнатото гранично управување во фокусот на средбата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна средба со комесарот за внатрешни работи и миграција на Европската унија, Магнус Брунер, на која беше потврдена силната посветеност на Република Северна Македонија кон евроинтегративниот процес и понатамошното усогласување со европските стандарди во областите правда, слобода и безбедност.
На средбата министерот Тошковски изрази благодарност за континуираната експертска и финансиска поддршка од Европската унија, нагласувајќи дека Министерството за внатрешни работи останува кредибилен партнер кој активно придонесува за безбедноста на Унијата преку спроведување на проектите, реформите, усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ и имплементација на мерките од Реформската агенда.
На средбата беше констатирано дека партнерството со институциите на Европската унија има клучна улога во унапредувањето на националната и европската безбедност, при што беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката во наредниот период.
Македонија
Општина Илинден: Засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита
Општина Илинден продолжува со засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита на својата територија, со цел зголемување на проточноста и намалување на ризикот од поплави, информираат од општината.
Во изминатиот период беше реализирано чистење на коритото на Сува Река, на потегот од вливот на „Бучинско езеро“ до излезот од населеното место Бучинци, во должина од 850 метри. Дополнително, извршено е чистење на сисавецот на главниот канал „Млака“, на потегот од пречистителната станица во населеното место Илинден до вливот во главниот канал, во должина од 800 метри.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски изврши увид на каналот „Шамак“, во н.м Кадино каде во моментов се спроведува чистење во вкупна должина од 1.200 метри. Како што истакна градоначалникот Георгиевски, по обилните врнежи овој канал беше утврден како критична точка, а неговото расчистување е од особено значење за безбедноста на жителите од овој дел на општината.
Имајќи предвид дека каналската мрежа на Општина Илинден е под нивото на реката Вардар, одводнувањето се реализира со пумпни уреди преку кои се испумпуваат до 2.800 литри вода во секунда, што дополнително ја потенцира потребата од редовно и навремено одржување на системот. Благодарение на континуираното чистење и одржување на каналите и речните корита, изминатиот период со обилни врнежи беше надминат без потешкотии и несакани последици.
Согласно Годишната програма на Општината, Годишната програма на Водостопанство и Акциониот план за чистење на каналската мрежа, во текот на 2026 година предвидено е чистење на вкупно 24.250 метри канали и речни корита на територијата на сите населени места во Општина Илинден.
„Општина Илинден и годинава ја презема обврската за покривање на водниот надомест за редовно одржување, чистење и нивелирање на отворените канали, со што јасно ја демонстрира својата континуирана заложба за подобрување на инфраструктурата и обезбедување побезбедна, почиста и поквалитетна животна средина за сите граѓан“, се истакнува во соопштението.
Македонија
МЗШВ: Засилени контроли на АХВ во Липково, поради појава на сипаници кај овците и козите
Денеска, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, министерот Цветан Трипуновски, заедно со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов остварија средба со одгледувачите на овци.
На средбата се разговараше за актуелната епидемиолошка состојба со болеста сипаници кај овците и козите во о. Липково, Кумановско.
Со цел да се спречат нови жаришта на територијата на државата, неопходно е одгледувачите на овци да се придржуваат кон пропишаните контролни и заштитни мерки за спречување на ширењето на болеста, донесено од страна на Агенцијата и движењето на животните да биде со издаден ветеринарно – здравствен сертификат од надлежното ветеринарно друштво. Доколку сточарите забележат некои симптоми или нагли промени кај животните, вклучително и зголемена смртност, да ги известат ветеринарните друштва и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Надлежните институции спроведуваат контролни и заштитни мерки во заштитната зона во радиус од 3 километри и во зоната под надзор во радиус од 10 километри околу одгледувалиштата каде што е потврдена болеста, со цел навремено информирање на сточарите за појавата и ширењето на болеста.
Дополнително, на средбата беше истакнато дека извозот на јагнешко месо, производи од јагнешко месо и производи од млеко добиено од овчо млеко кои биле подложни на пастеризација не е доведен во прашање, движењето на животните од одгледувалиштата кон кланичните капацитети не е забрането, додека во сила остануваат рестрикциите за движење на живи животни и за работа на добиточните пазари. Во зависност од развојот на епидемиолошката состојба на терен се очекува кон средината на идниот месец да бидат донесени нови заштитни и контролни мерки за справување со болеста.

