Македонија
Алијанса за Албанците: Влен требаше да го отстрани Стоилковиќ а не Садики, ова им ја потврди слабоста

Последната одлука на коалицијата која ги загуби парламентарните избори, Влен, за смена на госпоѓата Сафије Садики од Министерството за односи меѓу заедниците е исто така тотален неуспех и потврда за слабоста на овие партии пред нивниот шеф Мицкоски и ВМРО, велат од Алијансата за Албанците.
„Тие требаше да го условат мандатарот да го смени Стоилковиќ, а не да го сменат нивниот заменик министер. Овој чекор само докажува дека тие немаат апсолутно никакво влијание врз коалицијата во која влегоа и не можат ништо друго освен да се жртвуваат. Дополнително, со неодамнешната одлука за смена на г-ѓа Садики од Министерството за односи меѓу заедниците, ова министерство целосно му го дават на Стоилковиќ, а сега Албанците нема да имаат ни заменик во тој ресор.
Како што почнаа, многу брзо партиите од губитничката коалиција, Влен, ќе бидат принудени еден по еден да ги повлечат сите функционери, бидејќи нема да бидат прашани во ниту едно министерство и нема да имаат влијание. Затоа, ги повикуваме додека е рано целосно да се повлечат од коалицијата на срамот и сервилноста и да не дозволите поголемо понижување и деградирање на Албанците, но и на самите нив“, се вели во соопштението на Алијансата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Континуиран раст на наплатата на приходи од Царинската управа, во септември наплатени над 179 милиони евра

Во септември, Царинската управа наплати приходи од 179,5 милиони евра, што претставува раст од 7,5 проценти или зголемување од 12,5 милиони евра во однос на истиот месец минатата година.
Притоа, најголем процентуален раст од 13,4 проценти е остварен во наплатата на приходи од царина. Наплатата на приходи од ДДВ бележи раст од 8,7 проценти, од ДМВ за 6,9 проценти, додека од акциза за 3,7 проценти.
„Создадовме систем што континуирано генерира високи приходи во Буџетот и овозможува повеќе средства за капитални проекти кои ќе генерираат одржлив економски раст. Во јули, наплатата на приходите беше зголемена за 10,5 милиони евра, во август за 14,5 милиони евра, а во септември за 12,5 милиони евра“, вели директорот на Царинска управа, Бобан Николовски.
Кумулативно од почетокот на годината Царинската управа наплати приходи од 1,58 милијарди евра, што е за 78 милиони евра повеќе од лани истиот период.
Македонија
Шукова од Аеродром им го вети на скопјани она што премиерот Мицкоски го најави минатата недела: бесплатни филтри на оџаците се добра и сериозна мерка

Кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денес, од Аеродром, на скопјани им вети бесплатни филтри за оџаците на домаќинствата што не се греат на градското парно. Рече дека тоа е добра и сериозна мерка, за која, пак, минатата недела зборуваше и премиерот Христијан Мицкоски. Тој најави дека сака со бесплатни филтри за оџаците на домаќинствата да ги пресретне активистите, кои, кога ќе почне грејната сезона и загадувањето, ќе бараат мерки за почист воздух. Шукова, која е поранешна министерка за животна средина, рече дека половина од загадувањето во Скопје доаѓа од домаќинствата.
„Сметам дека треба да почнеме сериозна работа со домаќинствата. Според сите анализи, 50 отсто од загадувањето во Скопје доаѓа од домаќинствата и мора да им се помогне. Предвидовме неколку мерки во програмата, за тоа ќе говорам наредните денови. Предвидовме бесплатни филтри за оџаците на домаќинствата. Ова е пракса што е спроведена во многу европски градови и покажува резултати. Секоја година по пет до десет илјади домаќинства, односно на нивните оџаци, од каде што излегуваат голем дел од ПМ-честичките, да се постават филтри што ќе ги задржуваат честичките. Мислам дека тоа е добра и сериозна мерка, која ќе го намали загадувањето на Скопје“, најави Шукова.
И премиерот Мицкоски мината недела најави субвенции за иста бројка домаќинства, од пет до десет илјади, за набавка на филтри за оџаците. За да почне субвенционирањето уште оваа сезона, премиерот Мицкоски рече дека треба да се провери што дозволува законот, со оглед на изборите што се поклопуваат со почетокот на грејната сезона.
Шукова денес од Аеродром најави и 15 нови паркови за 15 месеци, со кои ќе формира зелен појас околу Скопје, кој очекува да влијае и на намалувањето за загадувањето, најави и крематориум за домашни миленици, поголема грижа за уличните кучиња и зајакнат мониторинг на загадувачите од општинските инспектори.
Македонија
Систем за влез/излез од ЕУ: За што сè треба да се подготват патниците

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека почнувајќи од 12 октомври 2025 година, Европската Унија ќе започне со постепено воведување на Системот за влез/излез (EES), кој ќе биде целосно имплементиран до април 2026 година.
Овој нов дигитален систем претставува една од најзначајните реформи во областа на граничното управување на ЕУ, заменувајќи го досегашното ставање печати во пасошите со електронска евиденција на биометриски податоци (фотографија и отпечатоци од прсти), како и точни записи за датумите на влез и излез.
За кого важи системот?
EES се однесува на сите државјани од земји кои не се членки на Европската Унија или Шенген зоната и кои патуваат за краток престој (до 90 дена во рамки на 180 дена). Тоа ги опфаќа:
- патниците кои се ослободени од виза за влез во ЕУ,
- патниците кои поседуваат виза за краток престој.
Граѓаните на земјите-членки на ЕУ и на Шенген зоната не подлежат на новиот систем.
Земји каде ќе се применува EES
Системот ќе биде активен на сите надворешни гранични премини на 29 земји, меѓу кои се: Грција, Бугарија, Австрија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Шведска, како и Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.
Кои се целите на воведувањето?
Со EES, Европската Унија има за цел:
- да ја зголеми безбедноста на граѓаните, преку подобро откривање на фалсификувани документи и идентитетски измами,
- да ја подобри борбата против криминалот, тероризмот и нелегалната миграција,
- да го олесни патувањето преку побрзи и поефикасни гранични проверки,
- да обезбеди прецизна дигитална евиденција за времетраењето на престојот, елиминирајќи можни недоразбирања кои порано настануваа со рачните печати.
Како ќе функционира системот?
При првото патување по воведувањето на системот, патниците ќе поминат низ целосен процес на регистрација кој вклучува фотографирање, скенирање на отпечатоци од прсти и внесување на податоци од пасошот. За да се олесни процедурата, на граничните премини ќе има и пунктови за самопослужување, а можно е и претходно предрегистрирање преку мобилни апликации.
При следните патувања, контролата ќе биде значително побрза бидејќи податоците веќе ќе бидат складирани во системот и ќе се врши само нивна проверка.
Период на транзиција
Во периодот од октомври 2025 до април 2026 системот ќе се воведува по фази. Тоа значи дека дел од патниците сè уште ќе добиваат печат во пасошите, додека постепено сите гранични премини не преминат на целосна дигитална евиденција. Од 10 април 2026 година, печатите во пасошите целосно ќе бидат заменети со електронски записи.
Заштита на личните податоци
Сите податоци ќе се обработуваат и чуваат согласно строгите стандарди на Европската Унија и Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR). Со тоа се гарантира целосна заштита на приватноста и транспарентна употреба на собраните информации.
Апел до граѓаните
Министерството за внатрешни работи апелира до сите граѓани на Република Северна Македонија кои планираат патувања во земјите на Шенген зоната да се информираат за новите правила и постапки, со цел нивните патувања да бидат навремени, безбедни и без непотребни доцнења.