Македонија
Алијанса за Албанците и Алтернатива најавија Марш за демократија

Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива за утре најавија Марш за демократија, кој, како што велаат од партиите, има за цел да ја заштити демократијата и да ја врати довербата на граѓаните во демократските вредности.
Маршот ќе започне во 19 часот од паркот Чаир, ќе продолжи преку улицата Цветан Димов, кај трговскиот центар „Мавровка“, потоа пред Владата и ќе заврши во 20 часот пред канцелариите на Делегацијата на Европската унија.
„Маршот за демократија не е само протест. Туку е јавен израз на волјата на албанскиот граѓанин во Северна Македонија, кој по последните избори смета дека сериозно се оштетени демократијата и начинот на изразување на слободната волја на албанскиот граѓанин. Како знак на револт за потиснување на највозвишеното право на слободното гласање, овој марш – токму пред седиштето на Делегацијата на Европската унија во Скопје – ќе испрати јасна порака дека една држава која што ги започнува преговорите за членство во ЕУ не смее да дозволи дел од нејзините граѓани да бидат лишени од правото да избираат и бидат избрани, што е основното човечко и политичко право во ЕУ“, велат од коалицијата.
Од таму велат дека за да се избегне каква билo можност за зараза се погрижиле и за бројот на учесниците.
„Впрочем, за коалицијата ништо не е поважно од здравјето. Затоа, заштитните маски и одржувањето дистанца, како и грижата за здравјето на учесниците се задолжителни обврски за успешна граѓанска акција“, велат од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Цената на бензините не се менува, дизелот поскапува

Цената на бензините не се менува, дизелот поскапува за половина денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Од 2.9.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 38,393 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,128 ден/кг и сега ќе изнесува 38,393 ден/кг.
Македонија
Бројот на германски туристи зголемен за 219 отсто, над 23.000 Германци годинава ја посетија Македонија

Во рамките на „Museumuferfest“ во Франкфурт, настан кој секоја година ги обединува посетителите од регионот и многубројните туристи од целиот свет, Министерството за култура и туризам успешно ја промовираше Македонија како врвна европска дестинација.
Македонија беше претставена како држава со автентична култура, недопрена природа, примамлива гастрономија, земја која има врски со светот, за што зборуваат и податоците – во првите пет месеци од 2025 година бројот на германски туристи што ја посетија Македонија порасна за 219 %, односно над 23.000 Германци.
Во рамките на саемот, на посетителите им беше претставено и богатото културно наследство на нашата држава – археолошките локалитети, недвижните културни добра, артефактите, музејските поставки, кои се непобитни показатели за нашето културно-историско минато.
Претставувањето на саемот е уште една иницијатива поттикната од воспоставената соработка со Германскиот археолошки институт и Археолошкиот музеј од Франкфурт, што неодамна беше официјализирана и со потпишувањето на билатерални документи со Министерството за култура и туризам и Музејот на град Скопје.
Посетителите на саемот имаа можност да ја проследат и изложбата на Музејот на град Скопје „Масовната гробница во Скупи – една темна страна на римската историја“, која во Археолошкиот музеј во Франкфурт беше отворена минатата година, а досега ја посетија над 10 000 посетители.
Македонија
Герасимовски најави бесплатен оброк за сите ученици од прво до четврто одделение од следната година

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, утрово го посети општинското основно училиште „Киро Глигоров“ за да им посака успешен старт на првачињата и сите ученици по повод првиот ден од новата учебна година.
Во своето обраќање, тој информираше дека од следната учебна година, се воведува бесплатен оброк за сите ученици од прво до четврто одделение.
„Денеска, првачињата го започнуваат своето најважно патување, најубавиот дел од животот. Ќе стекнуваат нови другарства, ќе го осознаваат светот околу себе. Денеска, за нив е најважниот ден. Ние, повозрасните имаме обврска да ги создадеме условите, да направиме се’, за нашите првачиња и сите ученици, бидат среќни, задоволни и да станат успешни и вредни личности, кои ги делат вредностите на почитта, разбирањето, помошта и солидарноста, вредностите на своите родители и предци. Сакам одговорно и директно да Ве информирам дека од следната учебна година, воведуваме бесплатен оброк за сите ученици од 1 до 4 одделение. Здрав, правилен и обилен оброк за сите 2500 ученици од прво до четврто одделение, кој ќе го обезбедува Општината“, рече Герасимовски.
Тој, потенцираше дека за сите ученици од петто до деветто одделение, се воведува бесплатна екскурзија, насловена како „Ја сакаме Македонија“ преку која учениците ќе ги видат во неколку дена сите природни, историски и културни убавини и вредности на нашата сакана Македонија.
„Сакаме на сите деца да им дадеме можност да бидат дел од подобрата македонска иднина, како успешни личности кои ги сакаат, почитуваат и негуваат македонскиот јазик, култура и минато. Ја видовме гордоста денес, кога нашите ученици го подигаа македонското знаме, и знам дека мора да им помогнеме уште посилно да ја сакаат својата држава. За сите ученици кои имаат потреба, воведуваме бесплатна дополнителна поддршка, особено во природните науки, преку ангажирање на пензионирани наставници и професори, кои ќе бидат на располагање за полесно и адекватно, и основно, но и напредно, совладување на знаењата“, истакна Герасимовски.
Герасимовски, изјави дека се воведува и бесплатно користење на базен, во рамки на постоечкиот базен во едно од училиштата во Центар, кој целосно ќе се реновира, и до крајот на годината се започнува со изградба на уште еден затворен базен во друго основно училиште. Сите овие активности се планирани, подготвени и веќе на крајот на оваа година ќе бидат составен дел на општинскиот Буџет и новите Програми.
„Како Градоначалник на Општина Центар, Ве уверувам дека вашите првачиња, заедно со сите ученици, ќе учат во најдобрите основни училишта во градот и државата. Ве уверувам дека ги овозможивме најдобрите технички услови за образование, и во сите училишта имаме највисоки стандарди за образовниот процес, за хигиената, за исхраната, за безбедноста, за новите наставни техники, најважно имаме прекрасни и високо способни наставници. И оваа година, како и претходните, за првачињата обезбедивме нови ранци и училишен прибор. Од оваа учебна година, за првпат, обезбедивме и униформи, за да нашите ученици се чувствуваат удобно, но и еднакво помеѓу себе. Сакаме нашите ученици со гордост да ја чувствуваат припадноста кон своето училиште и кон општината Центар во која живеат“, посочи Герасимовски.