Македонија
Алијансата за Албанците: Клеветите на ВМРО-ДПМНЕ повеќе не држат вода
„Кога ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски фрлаат отров, станува јасна една непобитна вистина: тие се шампиони на клеветата и ништо од тоа што го зборуваат не држи. Редовните клевети што ни ги сервира „Белиот дворец“ се само очајнички обиди да се пренасочи вниманието на јавноста од нивните постојани неуспеси“, велат од Алијансата за Албанците.
„ВМРО-ДПМНЕ беше во локална коалиција со Алијансата за Албанците, а до вчера и на централно ниво. Чудно е зошто досега немаа ниту една забелешка кон АА и претседателот Арбен Таравари, додека денес, откако им ги расипавме мрачните планови против Албанците во Северна Македонија, мизерно се обидуваат да плетат лаги и басни.
И потсетуваме на ВМРО на масовната корупција што ја имаа во времето на Груевски и сè уште со гордост држат околу себе корумпирани функционери со кривични дела. Заедно со неговиот експеримент ВЛЕН обвинуваат за еден паркинг кој никогаш не беше изграден и не изнесоа ниту еден факт за злоупотреба, додека и денес нивните рушевини од корупција стојат во Вардар, во центарот на Скопје, и не можат да се измијат ниту со водите на реката, ниту на езерото, ниту на кој било океан.
Арбен Таравари и Алијансата за Албанците не се фатени од никого и не се резерва на никого. Нашите одлуки се автономни и независни од надворешни фактори. Поради таа причина решивме без ни најмала жал или двоумење да излеземе од оваа антиалбанска и антиевропска влада, покажувајќи дека АА не може да се уценува, да се купи или да се продаде.
Ниските клевети на ВМРО-ДПМНЕ против АА и нејзиниот лидер, Арбен Таравари, не се ништо друго освен измама на самите себе и на јавноста.
Што се однесува до изјавите што беа јавно демантирани, самиот Мицкоски има кажано: „Никогаш нема да се случи членството на Северна Македонија во Европската Унија.“ Доколку мислеше дека тие зборови дадени во затворен круг ќе послужат како националистичка храна за членството, тогаш жестоко се излажал.
Антиалбанските и антиевропските ставови на Мицкоски повеќе не се јавна тајна. Тој често ја предава својата свест повторувајќи јавно тоа што го зборува во партиските канцеларии. Неговата последна изјава дека „Уставните измени нема да се случат ниту пред, ниту по локалните избори“ е јасен доказ за саботажа на европскиот пат, како и неговите секојдневни дејствија за нарушување на правата на Албанците и укинување на Охридскиот договор.
Мицкоски добро би направил да ги прекине врските со Москва, Будимпешта и Белград и да престане да биде промотор на „Српскиот свет“. Албанците никогаш нема да дозволат Северна Македонија да се претвори во непријател на Европската Унија, НАТО и Соединетите Американски Држави“, се наведува во соопштението на Алијансата за Албанците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

