Македонија
Алијанса за Албанците тврди дека момчиња превезувале дрога во возило на полициски инспектор
Алијанса за Албанците реагира поради, како што тврди ,, прикривање, односно обидот за молк од страна на одговорните институции во врска со апсењето на две момчиња од страна на полицијата, кои што вршеле транспорт и продажба на наркотични средства, користејќи го возилото на полициски инспектор од секторот на внатрешни работи во Тетово“.
,,Според лиферуваните информации, возилото со коешто е извршувана продажбата на наркотични средства, не е задржано за понатамошни егзаминации. Ова е загрижувачки, бидејќи возилото било користено од страна на инспектор кој што е брат на висок функционер на ДУИ. Овој функционер бил шеф на Општинскиот кабинет на Гостивар, додека градоначалник бил Невзат Бејта, бил шеф на изборен штаб на ДУИ за време на последните локални и предстедателски избори, бил член на Општинската изборна комисија во Гостивар“, тврди партијата.
,,Како е можно целиот овој случај да помине само со задржување, како се напиша во медиумите, на двете момчиња продавачи, без притоа да се продолжи со понатамошно истражување? Која била улогата на инспекторот и другите лица околу него? Дали е ова уште еден пример на селективната правда во државата? Дали ова ја потврдува тезата дека правдата во ова држава е селективна и политизирана? Каде е правната држава? Вчера се затворија очите во врска со пукотниците каде што учесник беше Џеват Адеми, денеска се прави обид да се затворат очите за братот на лицето којшто е многу близок со главните луѓе на ДУИ. Кога се во прашање водачите на ДУИ, може да се случи што било, а правдата да не излезе на мејдан. Се поставува прашањето дали вака функционира правната држава? Дали е ова тенденција на Владата со другите највисоки државни инстанци за да се амнестираат водачите на ДУИ? Кога се работи за ДУИ сѐ е можно, можат да направат лакрдија без никаква грижа, бидејќи се сигурни дека законот и правдата за нив не важи, или пак имаат други механизми, само за нив познати, кои што им овозможуваат да избегнат од одговорност.
Во Гостивар, според статистиките има над 5.000 корисници на наркотични средства. Се поставува прашањето кој ги снабдува нив? Дали сето ова е дел на оваа игра каде што главните луѓе се токму водачите на ДУИ во Гостивар. Затоа ги повикуваме компетентните органи да не молчат. Да постапуваат според законските прописи а не да молчат и да не преземаат никакви мерки како што веќе стана навика во државата кога се работи за лица блиски до ДУИ. Само на таков начин може да се застане пред сомневањата потенцирани погоре и кои се сосема легитимни„, се вели во соопштението на Алијанса за Албанците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Касами: Собранието го разреши раководството на партијата, важен чекор кон спојување на ВЛЕН во еден субјект
Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса, во продолжение на процесот започнат за спојување на ВЛЕН во еден субјект, објави на социјалните мрежи лидерот на движењето Беса, Билал Касами.
„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.
Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци“, соопшти Касами.
На состанокот на Собранието, како што вели, била дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата.
„Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
Анализата на работата на функсионерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата.
Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средство за наша најдобра и најефикасна служба на сите граѓани, а особено на Албанците, и сите идни одлуки ќе бидат засновани на овој принцип“, додава Касами.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.

