Македонија
Али Ахмети да им каже на младите Албанци како да купат зграда како „Соравија“ без пари како внук му, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Али Ахмети да им каже на младите Албанци како да купат зграда како „Соравија“ без пари како внук му, тогаш ќе му веруваме дека се грижи за нив. Ваква е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ откако интегративците претходно денес ја опишаа опозициската партија како судски потврдено криминално здружение.
ВМРО-ДПМНЕ реагира дека ДУИ е криминална дружина, Мерко е потврдено корумпиран од Стејт департментот, а внуците на Али добиваат милиони само заради „претприемачки дух“.
„Али Ахмети да им каже на младите Албанци и Македонци како да купат зграда во центарот на Скопје како ‘Соравија’, без да платат денар, како внук му, тогаш ќе поверуваме дека се грижи за нив. Никој не му верува веќе на Ахмети. Додека ДУИ лажно се претставува, внуците на Али и неговиот син влегуваат во милионски бизниси без пари. Смешни се повиците дека ДУИ ќе соработува со органите да се истражи криминалот. Стејт департментот тврди дека Мерко е корумпиран, тоа значи дека имаат докази“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата се додава дека потребно е ДУИ да оди во опозиција за да се ослободат институциите од притисокот и да може да има вистински истраги.
ДУИ претходно коментира дека оваа ВМРО-ДПМНЕ е симната на историски најниското ниво, без ниту една вредност и затоа нема доверба членството во нивниот претседател и во партијата, туку повеќе му веруваат на претходното раководство, кое им носеше само победи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

