Македонија
Али Ахмети од денеска е најголемиот политички губитник, кажа Меџити
Претседателот на Демократското движење и носител на листа на пратениците од коалицијата ВЛЕН во ИЕ 1, Изет Меџити на вечерашната прес-конференција кажа дека ВЛЕН е апсолутен победник во албанскиот кампус.
„Ви благодариме на трпението и отпорот на сите закани. Како што предупредувавме во текот на кампањата, денеска изборниот процес беше се, само не демократски. За жал државните институции кои имаат задача да го гарантираат процесот, денеска повторно се ставија во служба на ДУИ. Се е документирано и во текот на наредните денови ќе ги информираме претставниците на амбасадите, набљудувачките мисии за сите овие настани и другите релевантни инститиции во земјата и странство. За насилството врз гласачкото право ќе се одговоара“, кажа Меџити.
Тој се осврна и за бојкотот на изборите од страна на ДУИ.
„Денеска драги Албанци, партијата којашто владееше со институциите 22 години го покажа своето вистинско лице, маските на крај паднаа. Со бојкото ДУИ за жал се обиде да го врати политичкото организирање на Албанците во Македонија на предполитичко ниво. Партијата која излезе под името Европски фронт го бојкотираше изборниот процес, примитивен и недемократски чин, чин спротивен на секој европски и демократски принцип, чин кој создава горчлива слика за Албанците во светот“, рече Меџити.
Тој јавно го праша Бујар Османи како ќе го оправда бојкотот на изборите и примитивното однесување на денот на изборите утре пред меѓународните партнери.
„Од утре Македонија се подготвува за политичка ротација. Новата влада ќе ја одразува мнозинството на албански гласачи. Со денешниот ден Али Ахмети ја запечати својата конечна изолација од сите релевантни општествени и политички чинители и фактори во државата и меѓународните фактори. Али Ахмети од денеска е најголемиот политички губитник. Заедно со Артан Груби и неговите пријатели кои во оваа кампања демонстрираа само ароганција и насилство, од денеска ќе заврши во политичка изолација од коалициските партнери од опозициските партии од странските амбасадори, од меѓународната заедница, од невладините организации“, кажа Меџити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

