Македонија
„Алкалоид“ пушти во употреба нова инвестиција вредна 720.000 евра
Новите лаборатории за контрола на квалитетот, истражување, развој и за регистрации се организирани на простор од 400 м², во производствениот сегмент за козметички производи на локалитетот во Ѓорче Петров.
Добропознатите брендови на „Алкалоид“ – Becutan, Sattwa, Young derm, Black up, Gloss – произведени со примена на строгите принципи за добра производствена и лабораториска пракса, отсега ќе добијат нови лабораториски капацитети за контрола и за следење на нивниот квалитет, како и за развој на нови производи, во согласност со важечките национални и интернационални регулативи.
Со новиот инвестициски проект вреден 720.000 евра, изведен во согласност со најсовремените услови за работење, обезбедени се простор за лабораториско работење, простор за обработка на податоци, простор за складирање документација, просторија за чување реагенси, просторија за резервни мостри, како и вагална и перална.
„Козметичкиот сегмент во личната карта на ’Алкалоид’ постои од 1972 година, од кога датираат и зачетоците на некои од нашите добро познати брендови, кои успеале да опстојат на пазарот сето ова време благодарение на нивниот константен и врвен квалитет. Динамиката на козметичката индустрија налага постојано следење на трендовите преку воведување нови формулации кои ќе ги задоволат најпробирливите барања на потрошувачите. Овие нови лабораториски капацитети, кои ги пуштаме во употреба денес, имаат цел да ги осигураат високите очекувања во поглед на квалитетот на нашите козметички производи и да создадат нови производи во склад со потребите на модерните текови во козметологијата“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје.
Со инсталираната опрема во новите лабораториски и развојни капацитети ќе се овозможи одредување на квантитативната застапеност на конзерванси, тешки метали и на активни компоненти во производите, додека, пак, опремата за контрола на составот на материјалите за пакување на производите ќе обезбеди континуиран мониторинг на влезната амбалажа и на нејзината безбедна употреба.
Коморите опремени со термометри и со влагометри дозволуваат симулации за потврда на стабилноста на производите за сите климатски зони во светот. Сегментот козметика на „Алкалоид“ АД Скопје има 136 вработени.
Во новите лаборатории за контрола на квалитетот, истражување, развој и за регистрации ќе работат 18 извршители (фармацевти, технолози, хемиски инженери и хемиски техничари).
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК: Поплавени дворови и земјоделски површини, одрони на повеќе патни правци
Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти најнови информации за последиците од обилните врнежи на територијата на Македонија – состојба заклучно со 09:00 часот.
Кочани и Штип
Кај Оризарска река во село Грдовци има излевање. Водостопанство Брегалница интервенира со багер гасеничар. Механизацијата е сѐ уште на терен. Од понеделник ќе започне чистење на речното корито на Оризарска река од Грдовци кон Оризари со цел да се спречат идни несакани последици.
Сообраќајот на патниот правец Кочани Грдовци е нормализиран.
На повеќе патни правци во источниот дел се појавуваат одрони и Македонијапат интервенира за нивно расчистување.
Битола
Во населбата Стрчин КЈП Нискоградба интервенира со механизација за расчистување на нанос од чакал и земја.
Во селото Кравари има заезерени земјоделски површини без опасност по објектите.
Во селата Жабени и Породин има поплавени земјоделски површини и ЈП Водостопанство интервенира на Жабјанска река.
Елешка река е излеана и има поплавени земјоделски површини.
Нивото на водата во реките е во опаѓање.
Ресен
Поплавени се земјоделско земјиште, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање на јаболка.
Нивото на Голема река е намалено од 2,20 метри на 1,40 метри.
Ангажирани се екипи од ЕЛС Ресен, Македонијапат и ЈКП Пролетер Ресен кои вршат обиколка и проценка на состојбата на терен. Состојбата е нормализирана.
Крушево
Поради поројните врнежи водата за пиење е заматена и се препорачува да се преврива најмалку 10 минути.
Нивото на Црна река кај село Бучин е покачено но водата на местата каде што беше излеана е повлечена.
Екипи од ЈП Комуна, ТППЕ Крушево, ЕЛС Крушево и надлежни служби интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки.
Демир Хисар
Локалниот пат кон село Мренога е затворен за сообраќај поради оштетување на мост на Боишка река. Надлежните служби ја обезбедуваат локацијата.
Прилеп
Во селото Лажани пријавена е штета кај еден жител поради поплавен двор и приземни простории и оштетување на тутунот.
Во селото Пешталево исто така имало поплавувања поради неисчистени канали.
Во двете села интервенираше градежна механизација за расчистување на каналите.
Тетово
Патот кон Бање Тетово е исчистен но СВР Тетово го има забрането сообраќајот од безбедносни причини.
Патот кон село Жерма и кон село Бродец е прооден.
Состојбата во село Стримница Општина Желино се следи континуирано од надлежните служби.
Македонија
Заладување и снег низ цела Македонија
Времето денеска ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд и снег во пониските предели, додека на повисоките места и на планините ќе врне снег. Поради продор на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите на целата територија ќе преминат во снег.
Пообилни снежни врнежи се очекуваат во западните делови од земјата, каде снежната покривка на планините ќе се зголеми за околу 20 сантиметри, додека во останатите места се очекува снежна покривка од 5 до 10 сантиметри. Минималните температури ќе се движат од -3 до 3, а максималните од 3 до 8 степени Целзиусови.
Во Скопје, претпладне ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе преминат во снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Температурата ќе се движи од минимални -2 до максимални 4 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи, утре се очекуваат локални снежни врнежи и засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица, утринските температури на одделни места ќе се спуштат и под -10 степени Целзиусови, додека дневните ќе останат под нулата.
Македонија
Филипче: СДСМ ќе го поддржи Лимани за градоначалник на Гостивар
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членството во Гостивар информираше дека по разговорите е постигнат заеднички договор СДСМ да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на Гостивар од опозициската Алијанса за Албанците.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, порача Филипче, додавајќи дека изборниот циклус ќе биде јасен индикатор за опозициското расположение во Гостивар.
Филипче додаде дека партијата има сериозни шанси да биде дел од идната локалната власт, со цел да обезбеди реална поддршка за сите граѓани на Гостивар.
Филипче посочи дека притисоците и злоупотребите во изборниот процес се реален проблем и дека токму тоа е една од причините СДСМ да не прифати укинување на техничката (Пржинска) влада.

