Македонија
„Алкалоид“ со две признанија за придонес во безбедноста и здравјето на своите вработени
Грижата за вработените и постојаното унапредување на условите за работа, како клучни стратешки цели на „Алкалоид“, се препознаени и афирмирани и од стручните здруженија од областа на безбедноста и здравјето при работа.
По повод одбележувањето на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, 28 април, под мотото „БЗР од мали нозе – за идните генерации“, „Алкалоид“ се здоби со две признанија, и тоа за најдобар правен субјект кој реално и стручно придонел во сопствениот развој инвестирајќи/имплементирајќи добри практики во безбедни и здрави работни места за своите вработени и за правен субјект кој најмногу инвестирал во безбедноста и здравјето на своите вработени.

Во рамките на настанот, кој беше организиран под покровителство на стручните здруженија од областа на безбедноста и здравјето при работа (Здружението за заштита при работа на Општина Битола, Здружението за безбедност при работа „28 Април“ – Скопје и Здружението на инженери за заштита ТУТЕЛА – Скопје), свое обраќање имаше и членот на УО на „Алкалоид“, Ќире Ицев:
„Добиените признанија се најдобар доказ за напорите што ги вложува ’Алкалоид’ во градењето безбедна и здрава работна средина. Ова за нас претставува мотив повеќе и во иднина да продолжиме со напорна работа и со надминување на предизвиците преку континуирано унапредување на воспоставениот систем за безбедност и здравје при работа и преку примена на светски етаблираните практики, кои се со цел заштита на вработените“, истакна Ицев.

„Алкалоид“ како компанија во чиј фокус се луѓето пред сѐ останува посветена на процесот на континуирана надградба на безбедна и здрава работна средина за сите вработени, изведувачи и посетители. Системот за управување со безбедноста и здравјето при работа, како и примената на највисоките стандарди се вградени во изведувањето на секојдневните операции и активности. Континуираното вложување во унапредување, осовременување и во примена на етаблираните светски практики има цел превенција, намалување и отстранување на ризиците на секое работно место.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

