Македонија
Алтернaтивa: Минимална плата за функционери, директори, судии…
Политичката партија Алтернaтивa ги следи со големо внимание политичките настани во земјата и мерките кои се преземаат за надминување на кризата, која е предизвикана од вирусот COVID 19. Во таа насока ние сме свесни и совесни и за проблемите и кризата што ја предизвика оваа пандемија, особено за нормалното функционирање на стопанството и, затоа, се согласуваме дека за успешно надминување на овој тежок период, сите треба да бидеме активни.
„Имајќи ги во предвид месечните фактури кои ги плаќаат граѓаните (за ЕВН, телекомуникациски услуги, Водовод, Комунална хигиена и др.), како и за снабдување со храна и други потребни средства (во услови на изолација во домашни услови расте и нивното количество), мислиме дека предложената минимална плата за вработените од јавниот сектор не може да ги покрие најнеопходните месечни потреби. Поаѓајќи од ова, предлагаме платите на вработените во јавниот сектор да не бидат предмет на измени и да останат исти. Исто така, тоа треба да важи и за вработените во приватниот сектор, кои поради превентивните рестриктивни мерки нема можат да работат, па затоа нивната плата треба да биде покриена целосно од Владата. Буџетските скратувања треба да се направат од други буџетски единици, кои не нанесуваат штета на и така отежната состојба на граѓаните. Нашиот предлог е јавните функционери, директори, судии и обвинители во месец април и мај да бидат исплатени со минимална плата“, се вели во сооштението.
За олеснување на настаната криза и за мотивација на што побрзо нејзино надминување, тие предлагаат Владата да побара од ЕВН поставување на евтината тарифа на електричната енергија за 24 часа во месец април и мај, бидејќи граѓаните кои седат дома секако трошат повеќе и електрична енергија, да се одложи рокот за плаќање на фактурите од ЕВН, телекомуникациските услуги, Водовод, Комунална хигиена и да се овозможи плаќање на рати за тие кои немаат можност за плаќање, да се укине исплатата за финансирање на политичките партии за оваа година и предвидените средства да се користат за покривање на економските мерки.
На лекарите и медицинскиот персонал вработени во клиниките во кои има најмногу инфицирани, да им се исплати дополнителна плата за месец март, април и мај,производствените фирми, кои увезуваат суровини за производство на хигиенски и дезинфекциски средства, заштитни санитарни средства, како и за производство на основни прехранбени продукти, вредноста на пресметаната царина при увоз да ја плаќаат најдоцна до 30-ти Јуни 2020-та година, 6 месеци да се замрзнат долговите кои ги имаат фирмите и граѓаните кон јавните институции, за сите даватели под кирија на деловни простории Владата да предложи тие да ги одложат нивните барања за Април и Мај, со тоа што исплатата на овие два месеца да им се овозможи на кираџиите да се изврши на рати до 31.12.2020, а Владата да ги субвенционира со 40% од вкупната месечна кирија пријавена во УЈП за месец април и мај.
Исто така се предлага Владата да им обезбеди по 10.000 ден. на семејствата кои немаат никаков приход или кои имаат лица кои се дел од неформалната економија, како и да ги охрабри нив да ги пријават таквите случаи, при што Владата ќе им наложи на деловните субјекти да ги пријават истите како редовни работници, Црвениот крст да состави листа и да ги контактира сите изнемоштени и стари лица, кои живеат сами, за нивно снабдување со храна и лекови, во семејствата во кои двата родитела се доктори, медицински персонал, полицајци, пожарникари или војници, државата да се грижи за нивните домашни потреби преку активистите на Црвениот крст, укинување на исплатата за градинки до 30-ти јуни и за секоја жртва – смрт предизвикана од вирусот COVID 19 – Владата да им помогне на семејствата за покривање на трошоците за погреб во вредност од 60.000 ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: На 8 мај потребна е масовна референдумска излезност за влада на ВМРО-ДПМНЕ која нема да е уценувана од никого, за СДСМ и ДУИ во опозиција
„Во првиот круг му поставував прашања на Пендаровски, не одговори на ниедно. Наместо да одговара прашања, плаќаше ботови по социјални мрежи лично да ме навредуваат мене и моето семејство, народот му кажа што мисли за тоа. Но, морам да го прашам уште нешто затоа што се работи за злоупотреба на државни пари“, истакна носителот на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 4 Александар Николоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Кавадарци.
Тој продолжи и додаде: „Пендаровски до денес не одговори дали ќе ги користи или нема да ги користи привилегиите кои ги следуваат поранешните претседатели, еднаш невешто одговори дека за тоа ќе се изјаснел во 2029 година, ама очигледно ќе треба да се изјасни на 12 мај затоа што тогаш и официјално му завршува мандатот, тоа е четири дена после изборите и мислам дека е чесно и кога ќе дојде тука во Кавадарци да каже дали ќе е пензионер со најголема пензија во Македонија и поранешен претседател кој најдолго ќе ги користи народните пари. А во меѓувреме е фер да каже уште вечерва ако може дали е вистина или не од пусти мерак за претседателствувања ама и за користење на привилегии дека побарал да му се отвори вилата во Охрид и ќе седел следни пет дена таму да искористи уште некој ден покрај охридското езеро, дали е вистина ова Стево Пендаровски и дали е вистина дека со цело друштво одиш таму да поседите уште некој ден на државен трошок, одговори пред граѓаните“, истакна Николоски.
Рече дека на 8 мај треба уште помасовно да се излезе, во уште поголем број и разликата во Кавадарци да е уште поголема и додаде дека е потребна масовна референдумска излезност на 8 мај за влада која нема да е уценувана од никого, за СДСМ во опозиција, за ДУИ во опозиција.
„Ве повикувам да ја прочитате нашата програма Платформа 1198, тие не размислуваа на проекти и не реализираа проекти, затоа ние ќе реализираме. Ќе реализираме и експресен пат од Кавадарци до Неготино и спојување на Кавадарци со автопатот. Ќе реализираме и отворање на граничен премин со Грција како би станало многу блиску да се патува помеѓу Кавадарци и Воден и да се спојат овие два дела на географска Македонија. Ќе ги помагаме земјоделците, за лозарите достоинствени цени за виното и рестартирање на Повардарие како би се срушил монополот во откупот на грозје и производството на вино подостоинствен живот за сите, повеќе субвенции и повеќе ред за сите. Затоа на 8 мај масовно да излезете“, дециден е Николоски.
Македонија
Мицкоски од Кавадарци: Мобилизација и масовна излезност, колку повеќе гласаат, толку поголема ќе биде силата за промени
Во првиот круг издвојувавме огромна победа, која покажа дека народот е свесен за тоа што се случува во нашата татковина. Ова е револуција на народот, пред се затоа што преовладува чувството дека во сопствената земја народот стана кираџија. И тоа токму поради дуото СДСМ-ДУИ, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Кавадарци.
Мицкоски посочи како ништо не функционира и како институциите не се во корист на граѓаните.
„Институциите повеќе не служат на народот. Се чека за пасоши, лични карти, за документи кои му следуваат на народот. Овој проблем го препуштија да го решава ВМРО-ДПМНЕ и Панче Тошковски, додека во секоја друга сфера има подеднакво назадување. Во здравството докторите и медицинскиот персонал протестираат. Доколку сакате било која здравствена услуга или ќе мора да платите или да побарате врски. Ако не е така ќе мора да чекате по ходници, ќе ве маткаат со процедури, додека не се откажете. Животниот стандард е под секое ниво. Корупција насекаде, правда никаде“, кажа Мицкоски.
Мицкоски укажа дека проблемот е што ДУИ е газдата во државата.
„Нашите, вашите судбини зависат од стотина души на ДУИ кои контролираат се. Артан Груби и компанијата се господари на Македонија, но и одговорни за колективниот грабеж. Велат дека ДУИ никогаш немал подобар партнер за власт како СДС. Што и да им побарале, не добивале сто проценти, туку дупло двеста. И затоа е и сега нервозата во ДУИ, зошто знаат по овие избори ниту ќе имаат власт, ниту пак ќе имаат измеќари како СДС“, изјави Мицкоски.
Мицкоски рече дека овие денови силно се ангажирани на две сценарија кои во суштина се завера против Македонија.
„Првото е сценарио на бојкот. Второто сценарио е пазарџиска делба со ДУИ на ресори и министерства, при што Ковачевски оставил на Ахмети сам да одреди колку министерства ќе му остави на СДСМ. И двете сценарија се губитнички за Македонија и удираат по нејзините основи“, кажа Мицкоски.
Мицкоски заклучи дека решението за сето ова е масовна излезност.
„Мобилизација и масовна излезност. Решението и за бојкотот и за пазарџиската поделба на ресори е само едно масовно гласање на избори. Колку повеќе гласаат, толку поголема ќе биде силата за промени“, рече Мицкоски.
Македонија
Битиќи: На 8-ми мај да се спротивставиме на политиките на поделби, за сплотена и силна Македонија
„Грешките во владеењето можеме да ги поправиме, но поделбите во општеството нема да ги залечиме доколку на 8-ми мај не се спротивставиме на политиките на раздорот, на национализмот, на сеењето страв. Социјалдемократскиот сојуз е единстваната обединувачка политичка партија за силна и сплотена Македонија – земја и европски дом во кој ќе има место за секого, независно од неговата етничка, религиозна, културна, политичка или социјална припадност“, порача на денешните средби со жителите на Топаана и Шуто Оризари, Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.
Тој кажа дека резултатите од првиот круг на претседателските избори не треба да се прифатат со малодушност ниту пак да се обесхрабрувачки, туку треба да се перцепираат како предизвик кој во себе носи можност за сплотување на сите прогресивни сили во државата за двојните избори на 8-ми мај.
„Со нашата предизборна програма нудиме повеќе од економски раст и развој, повеќе од повисоки плати и пензии, многу повеќе од европски животен стандард, ние нудиме иднина во која секој граѓанин ќе биде прифатен, почитуван, градиме земја во која ќе владее дијалогот, меѓусебното разбирање, а не раздорот. Затоа на 8-ми мај, победата на СДСМ и коалицијата ќе значи пораз на стравот од различностите, на поделбите. Ќе зачекориме кон заедничка и споделена европска иднина“, порача Битиќи.
Зборувајќи за концептот на едно општество за сите, како суштинска политичка вредност на СДСМ, тој ја нагласи потребата граѓаните да го отфрлат национализмот како свој политички избор, затоа што тој е наметнат избор.
„Ве повикувам заеднички да го отфрлиме национализмот кој е надвиснат над Македонија, да кажеме НЕ на ксенофобијата, да се ослободиме од стравовите и да го прифатиме единството, единството во различностите бидејќи таму лежи нашата сила. Верувам во вас, во граѓаните, верувам дека тоа ќе го препознаете, дека ќе ги отфрлите политиките кои ви се наметнуваат од елити кои немаат што да ви понудат освен да ве туркаат кон минатото и поделбите“, рече Битиќи и додаде дека Македонија не е само ВМРО-ДПМНЕ, Македонија е многу повеќе, таа е на сите, на Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Бошњаци, Власи.
„Нашата сакана земја е на сите нас кои се бориме за европска држава, а кои сме повеќе, многу повеќе од тие што се прикажуваат како победници во првиот круг на претседателските избори. Затоа нема откажување, заеднички, едни покрај други, рамо до рамо, сите различни, продолжуваме и победуваме на 8-ми мај“, порача Битиќи.