Македонија
„Амбасадорка на еден ден“ – шведската амбасада во Скопје отвори конкурс
Дали сте девојка на возраст над 15 години и сте заинтересирани да станете шведска амбасадорка на еден ден? Сериозно се грижите за животната средина, родовата еднаквост, демократија и еднакви права? Сакате да дознаете повеќе за тоа како можете да направите промена? Амбасадата на Шведска во Скопје отвори конкурс за позицијата „Амбасадорка на еден ден“.
Од кандидатката се очекува да ја следи амбасадорката во текот на целиот ден, да присуствува на состаноци, да соработува со персоналот на Амбасадата и да учествува во целокупните дневни активности на Амбасадата. На крајот од работниот ден, ќе се очекува да напише краток извештај за работата што ја завршила.
Работа ќе започне во 08:30 часот и ќе заврши во 16:30 часот.
Сите заинтересирани кандидати треба да ги достават следните документи:
„Кратко мотивациско писмо (најмногу 250 зборови) објаснувајќи зошто сте заинтересирани за оваа позиција; Кратка биографија каде што посочувате што правите, кои се Вашите интереси и кои активности сте ги презеле за да го промовирате или подобрите животот на заедницата во која живеете. Тоа може да биде акција во која сте иницирале или сте учествувале, која промовира еднаквост помеѓу девојчињата и момчињата, обезбедува помош за стари лица или загрозени лица, грижа за животната средина, итн.; Две препораки (најмногу 1-2 параграфи) од некој што добро Ве познава и може да Ве препорача за оваа позиција. Ова може да биде Вашиот учител или наставник или секој што Ве познава добро и Ве видел во акција. Писмена согласност од Вашите родители/ законски старатели (за девојчиња на возраст од 15-18 години)“, стои во повикот.
Краен рок е 25-ти октомври, а пријавувањето се прави преку е-пошта на: [email protected] со наведување: Апликација за конкурсот #GirlsTakeOver 2022 за „Амбасадорка на еден ден“.
Успешната кандидатка ќе биде известена до 31 -ви октомври, а од неа се очекува да ги изврши своите должности во текот на ноември или декември.
#GirlsTakeOver е глобална иницијатива, според која девојките ширум светот заземаат позиции на моќ по повод Меѓународниот ден на девојките, 11 октомври. Шведското Министерство за надворешни работи и многу шведски амбасади ширум светот учествуваат во иницијативата.”
Фото: Sofia Sabel/imagebank.sweden.se
Ви благодариме,
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

