Македонија
Амбасадорот на ЕУ во посета на Кочани
Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, денес го посети Кочани. За време на неговата прва посета на општината по локалните избори, амбасадорот Рокас им оддаде почит на жртвите од неодамнешната трагедија и се сретна со новоформираните локални власти, како и со претставници на заедницата.
Посетата започна на градските гробишта, каде што амбасадорот Рокас и неговиот тим положија цвеќе во спомен на 63-те жртви во трагичниот пожар што настана на 16 март 2025 година. Потоа следеше состанок со новиот градоначалник на Кочани, Владко Грозданов, кој се фокусира на локалните приоритети, потребите на заедницата и тековната поддршка од ЕУ за развој на општината. За време на последователниот состанок со Општинскиот совет, беа разменети мислења со новоизбраните советници за јавните услуги, локалното управување и соработката со иницијативите финансирани од ЕУ.
„Попладнето се одржаа серија дискусии зад затворени врати: една со здружението на родителите на жртвите, „16 март 2025“ и друга со групата преживеани лица од кочанската трагедија. И двете дискусии понудија безбеден простор за споделување на искуството и ја истакнаа важноста на континуираната поддршка и почитувачката вклученост, вклучително и на државно ниво. Дискусиите ги водеше експерт од Центарот за психосоцијална и кризна акција „ЦПКА Малинска“, професионална агенција која уште од самиот почеток на трагедијата ѝ нуди психосоцијална поддршка на заедницата во Кочани“, се наведува во соопштението.
Посетата, исто така, посочи на широк спектар на иницијативи поддржани од ЕУ кои се планирани за Кочани и за поширокиот Источен регион. Тие вклучуваат напори за подобрување на управувањето со животната средина, надградба на медицинската опрема во клучните области на здравството и поддршка на енергетски ефикасна реконструкција на јавни згради. Исто така, се работи на долгорочен пристап за користење на термалните води во Кочани на одржлив начин.
Младинскиот ангажман ќе биде зајакнат преку новата Јуроп хаус (Europe House) во Кочани, со која се создава простор за креативност, учење и проекти во заедницата. Локалното граѓанско општество и независните медиуми ќе имаат пристап до нови можности за финансирање, додека подобрувањето на безбедноста на работното место останува важен приоритет за идната поддршка од ЕУ.
Се очекува дополнителна соработка преку претстојните експертски работилници за квалитетот на здравствената заштита и иницијативата Тим Европа, предводена од Романија.
Посетата заврши во „Гнездо“, каде што средношколци се приклучија на креативната работилница на Јуроп хаус користејќи формат на игра во стил на списание за да го истражат раскажувањето приказни и дизајнот на младите. Активноста е дел од тековната соработка помеѓу Јуроп хаус и заедницата во Кочани.
По посетата, амбасадорот Рокас ја испраќа следната порака: „Кочани покажа сила во година обележана со катастрофална загуба. Денес дојдовме пред сè да ја слушнеме и да ја поддржиме заедницата. Посветеноста на семејствата, посветеноста на локалните институции и енергијата на младите луѓе тука се јасни. Европската Унија ќе остане сигурен партнер додека Кочани продолжува да заздравува и да се движи напред.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милошоски-Миљаниќ: Заемно унапредување на политичкиот дијалог и соработката
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, оствари работна средба со амбасадорот на Република Црна Гора, Зоран Миљаниќ.
На средбата беа потврдени пријателските македонско-црногорски односи помеѓу двете држави кои се базирани на традиционално пријателство, долгогодишна конструктивна соработка и меѓусебна поддршка. Соговорниците ја истакнаа важноста од понатамошно унапредување на политичкиот дијалог и интензивирање на соработката во области од заемен интерес.
Исто така, беше потенцирана заедничката заложба на земјите кон полноправно членство во Европската Унија, како и подготвеноста за продлабочување на парламентарната соработка и размена на искуства во насока на спроведување на реформските процеси.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Работниците не добија ветувања, добија повисоки плати
Кога бевме опозиција, застанавме со работниците затоа што имаше реален проблем – платите доцнеа, колективните договори не се почитуваа и се подготвуваа законски измени со кои минималната плата требаше да се исфрли од формулата за пресметка. Тоа ќе значеше прекин на линеарниот раст и слабеење на заштитниот механизам за илјадници вработени, кажа Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Тогаш, како што дополни заедно со синдикатите, биле поднесени над 40 амандмани.
Не дозволивме, додава пратеникот, минималната плата да биде отстранета од системот.
„Тоа е причината зошто денес, кога расте минималната плата, растат и останатите примања.
Разликата денеска е суштинска. По две години управување со државата, не зборуваме за барања – зборуваме за реализирани договори. Во општините платите се зголемени во просек за околу 5.000 денари. Во основното и средното образование обезбедивме раст од 46% до 60% во четиригодишен период. Во високото образование зголемувањето е минимум 14%. Во здравството – од 40 до 50% во еден мандат. Полициските службеници добија 10%, социјалните работници 20%, а околу 11.000 административци, судски и обвинителски службеници имаат гарантирано покачување од 40% до 2028 година“.
Според него, сите колективни договори се испочитувани, платите се исплаќаат редовно.
„Инфлацијата е стабилизирана од двоцифрени стапки на едноцифрена стапки на инфлација.
Ова се системски решенија, не се импровизации. Оваа Влада вака го реализира договорот со работниците. Ние не бегаме од дијалог за минималната плата, но решенијата мора да се носат институционално – во Економско-социјалниот совет, со одржлив пристап што ја штити и економијата и буџетот. Кога сме во опозиција – спречуваме штета. Кога сме на власт – обезбедуваме раст.
Работниците заслужуваат сигурност, договор што важи и политика што носи резултати“.
Македонија
Семејството на Мицкоски никогаш не го користело владиниот авион, ама затоа Заев бил со семејството на одмор во Амстердам, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Семејството на премиерот Христијан Мицкоски никогаш не го користело владиниот авион. Но, очигледно е дека работи фројдовскиот елемент кај СДС, и тие на тој начин самите се издаваат дека Зоран Заев летал со целото семејство во Амстердам на одмор и дека најчеста дестинација на авионот била Ниш во времето на владите на СДС, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, на соопштението од СДСМ во кое бараат да кажат кој летал со владиниот авион.
„Го поздравуваме интересот на СДС во однос на темата со владиниот авион, бидејќи самата тема покрај ситно политичките поени кои сака да ги добие СДС што секако ги занемаруваме, отвора и други значајни аспекти. Треба СДС пред да влезе во материјална и теснограда расправа за владиниот авион да биде свесна дека ние сме држава врз која има еден нерасветлен атентат врз претседател, и уште еден инцидент на трагично загинат претседател на држава и тоа со владино летало. Актуелното владино летало од кое СДС и Венко Филипче правват евтин сензационализам е старо 20 години, купено 2005тата година и од 2017та до сега се потрошени околу 4 милиони евра за поправки“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Воедно, додаваат од партијата, индикативно и би можело да се оцени за крајно лицемерно е поведението на лидерот на СДС Венко Филипче кој зад затворени врати го поддржа купувањето на новиот владин авион, а во јавноста се противи поради ситен партиски интерес и гол популизам.
„Кој Венко се противи, тој кој во 4 ѕида вели купете авион, или тој кој пред микрофони вели не купувајте авион, дадете пари за минимална плата? Ова се вика дефиниција за лицемерие. СДС шири лажни вести“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

