Македонија
Амбасадорска посета на „Титан Усје“: Иновациите и одржливите практики во фокусот на 70-годишниот јубилеј
По повод јубилејот – 70 години од основањето на компанијата, ТИТАН Усје беше домаќин на висока дипломатска делегација составена од амбасадорот на Европската унија, Михалис Рохас, амбасадорката на Кралството Холандија, Озлем Чанел и амбасадорката на Грција, Софија Филипиоду. Во рамките на посетата беа презентирани инвестициите во напредна технологија, дигитализација и иновациите во производство на цемент и нови еко производи. Беа презентирани и проектите за унапредување на заедницата кои компанијата ги реализира во континуитет.

Амбасадорите имаа можност да се запознаат со клучните достигнувања на компанијата, меѓу кои и континуираните инвестиции во модернизација и намалување на CO₂ емисиите, преку употреба на алтернативни горива и користење на обновливи извори на енергија, со што емисиите на CO₂ се намалија за над 10 %. Беше презентиран и развојот на автономен систем за оптимизација на производството во реално време, преку кој значително се зголеми ефикасноста на производството, се намали потрошувачката на енергија и се подобри квалитетот на производите.

Дипломатите го посетија и „Иноваториум“ – едукативниот клуб наменет за јакнење на вештините на младите, нивна поголема едукација и имплементација на нови методи и техники во изучувањето на СТЕМ науките – математика, технологија, инженерство и техника – што компанијата го реализира во соработка со Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје. За само неколку месеци, преку 200 ученици поминаа обука за 3Д печатење во „Иноваториумот“.

„За нас, 70 години постоење не значат само традиција, туку и обврска за иднината. Како дел од ТИТАН Групацијата, со гордост ги споделуваме нашите достигнувања во областа на декарбонизацијата, дигитализацијата и одговорната соработка со заедницата. Сакаме да продолжиме да бидеме двигатели на промени, градејќи мостови меѓу индустријата, иновациите и одржливоста. Благодарни сме што амбасадорите беа дел од овој значаен момент за нашата компанија“, истакна главниот извршен директор на ТИТАН Усје, Константинос Николаоу.

Дел од посетата беше и обиколка на постројките за алтернативни горива и мониторинг центарот, каде амбасадорите добија увид во реалните процеси на иновативно и еколошки свесно производство.
Посетата претставува уште една потврда за отвореноста и транспарентноста на ТИТАН Усје, како и за заложбата на компанијата да биде доверлив партнер на меѓународната заедница, локалните институции и пошироката јавност.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

