Македонија
Ана Камчева ќе сведочи во „Рекет“

Ана Камчева пристигна во Кривичниот суд, каде што ќе сведочи за случајот „Рекет“, а претходно во петокот сведочеше нејзиниот сопруг, бизнисменот Орце Камчев.
Пред судот денеска треба да се појави и сметководителката на Камчев, која им ги дала парите на Бојан Јовановски и на Зоран Милески-Кичеец.
По сведочењето, Камчев изјави дека Бојан Јовановски, Катица Јанева, но и обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, и братот на судијката Весна Димишкова, Васил, се дел од злосторничко здружение, кое изнудува пари. Тој рече дека секоја реклама што одела на „1ТВ“ била од рекетирани пари и дека нема да дозволи „неговото лице, лицето на неговите деца и семејството да го гаѓаат накази како Бојан Јовановски и Катица Јанева“.
Тој најави дека ќе поднесе повеќе тужби и за тоа дека бил жртва на рекет, но и граѓанска постапка против Јанева и Јовановски, со која ќе си ги бара назад тие 1,5 милион евра што им ги дал.
Во своето сведочење, пак, Камчев пред судот рече дека во СЈО никогаш Јанева не му нудела спогодба, туку Боки 13.
„Мене никој никогаш не ми понуди спогодување. Никој не ми нудел такво нешто, ниту заштитен сведок“, рече Камчев.
На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3 овој месец, Кичеец беше осуден на три години затвор кога призна вина за случајот и предметот за него беше одвоен од оној против Јовановски и Јанева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ветрот го сменил правецот од Дрисла, Скопје вечерва мириса на изгорено

Вечерва ветрот го смени правецот и дува од депонијата Дрисла во насока на Скопје поради што во делови од главниот град се чувствува силен непријатен мирис, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Соопшти дека и вечерва продолжуваат активностите за затрупување на депонијата Дрисла, а ќе бидат дополнително засилени рано наутро.
За утре се планирани и повеќе дополнителни активности на дивата депонија Вардариште, најави Ангелов.
Преходно денес беше соопштено дека пожарот на депонијата „Дрисла“ се гасне со затрупување на најкритичните делови.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е потпален, а како причина за тоа ги наведе физичките процеси на распаѓање на отпадот, кога се ослободува метан – штетен гас кој е лесно запалив, поради што Мицкоски вели дека е доволен само еден отпушок за да се предизвика пожар.
Граѓаните од главниот град вечерва се жалат на миризбата надвор која им предизвикува отежнато дишење. Ситуацијата, според мерните станици, особено е алармантна вечерва во Аеродром и во Ново Лисиче.
Македонија
Фетаи ќе раководи и со новоформираниот совет за конфискација на имот

Владата вчера ја усвои Одлуката за формирање на Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот, со што се предвидува дополнителна алка на врвот на координациската структура, покрај Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот како највисоко експертско тело.
Со Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот ќе раководи вицепремиерот за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, а членови ќе бидат: министерот за внатрешни работи, министерот за правда, министерот за финансии, јавниот обвинител, претседателот на Врховниот суд, раководителот на Канцеларијата за поврат на имот, директорот на Бирото за јавна безбедност, директорот на Царината, директорот на Управата за финансиска полиција, директорот на Агенцијата за управување со одземен и конфискуван имот и претседателот на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот.
„Кабинетот на вицепремиерот Фетаи ќе продолжи да обезбедува политичка, административна и техничка поддршка за работата на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот. Процесите и стратешките одлуки кои континуирано се реализираат се доказ за посветеноста на Владата во градењето институционални капацитети и обезбедување услови за спроведување финансиски истраги, конфискација и поврат на имот, како и управување со конфискуваниот имот“, велат од Кабинетот на Фетаи.
Како што се додава, државата се гради секој ден, а граѓаните мора да бидат сведоци на конфискација на нелегално стекнатата имотна корист и да имаат можност истата да ја користат преку нејзина социјална пренамена.
Македонија
Меџити: Инвестиција од над 6 милиони денари во населбата Гази Баба за одржливо водоснабдување

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска изврши увид во работите кои се одвиваат на улицата „Бајрам Шабани“ во населбата Гази Баба во Општина Чаир.
Проектот, поддржан од Министерството за животна средина, има за цел подобрување на снабдувањето со вода за пиење за жителите од оваа област. Оваа инвестиција, во вредност од над 6 милиони денари, опфаќа изградба на нов цевковод со профил DN 280 мм и должина од 235 метри, со што ќе се замени постојната дотраена мрежа.
„Со оваа интервенција се елиминираат честите прекини и недоволното снабдување, обезбедувајќи стабилна вода за пиење со подобрен притисок долж целата улица,“ изјави Меџити при средбата со жителите на населбата.
Проектот се реализира од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Општина Чаир, со цел да се гарантира постојан и квалитетен пристап до вода за пиење за жителите на оваа зона.