Македонија
Ангелов: Оставете нè да си ја вршиме работата, имаме целосна контрола
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, бара од граѓаните да го остават Главниот штаб да си ја врши работата, што доаѓа по низата сугестии и барања за интервенции со хеликоптери за брзо гаснење на пожарите.
Ангелов вели дека имаат помош од граѓаните, но товарот за гаснење паѓа кај државните институции.
„Апелирам до граѓаните, убаво е да апелираат и да делат совети, но да остават на Главниот штаб да си ја врши својата работа. Бидејќи постојано сме предмет на критики од страна на опозицијата, поканувам претставник на Комисијата за одбрана во Собранието да дојде и да присуствува на седниците на Главниот штаб. Отворена покана до ВМРО-ДПМНЕ, нивни претставник од Комисијата да дојде да присуствува и одблиску да ја набљудува работата на Главниот штаб. Можеби тоа ќе помогне за да сфатат дека работата не е стихијна, дека имаме целосна контрола“, вели Ангелов.
Тој кажа дека не е точно дека секаде локалното население ги гасне пожарите, но дека имаат своја улога во помошта.
„Гори Балканот, не гори само Македонија. Пожарите во Турција, од вчера, завчера и во Грција се страшни. Пожари имаме насекаде, причините ги знаете. Во овој момент треба да се солидализираме и сите заедно, секој колку што може да помогне да се изгаснат пожарите. Клучниот товар паѓа на претставниците на институциите. Хеликоптерите имаат голема улога, особено на непристапните терени, како и сите други субјекти во системот за управување со кризи. Безмалку на сите места локалните жители помагаат во гаснењето на пожарот, односно си го бранат своето, пожарот да не ги изгори нивните ниви, шуми, куќи. Неточни се тврдењата дека каде било локалното население изгаснало кој било пожар. Да, тие помагаат. Ние сме им благодарни, бидејќи немаат опрема и обука, но имаат срце, храброст и љубов“, додава Ангелов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Со случајот за Груби се режира циркус, сè е однапред договорено
СДСМ со остра реакција оценува дека случајот со куќниот притвор на Артан Груби се претворил во, како што наведуваат, „циркус пред очите на целата јавност“, тврдејќи дека одлуките на институциите се дел од однапред договорено сценарио.
Од партијата обвинуваат дека Обвинителството, кое според нив е под контрола на премиерот Христијан Мицкоски, ја оправдувало одлуката за куќен притвор со наводна безбедносна проценка од Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност.
„Само неколку часа подоцна, директорот на затворот ‘Шутка’, кадар на ВМРО-ОКГ, го демантираше Обвинителството, тврдејќи дека ниту АНБ ниту МВР воопшто не извршиле безбедносна проценка“, наведуваат од СДСМ.
Партијата посочува дека премиерот Мицкоски во телевизиско гостување изјавил дека станува збор за класифицирани информации кои не можат јавно да се соопштат, додека, како што велат, сега се појавуваат тврдења дека „странски служби“ уште пред една година доставиле предупредувања, а формална безбедносна проценка од АНБ и МВР не била изготвена.
„Кои се тие странски служби? И ако нема безбедносна проценка од АНБ и МВР, врз основа на што Обвинителството донело одлука за куќен притвор? Ако нема проценка, како тогаш се тврди дека била класифицирана?“, прашуваат од СДСМ.
Според опозициската партија, контрадикторните изјави околу постоењето на безбедносна проценка – дека имало, па немало, дека била доверлива, па дека не постоела – претставуваат дополнителна потврда дека случајот е однапред договорен и режиран.
Од СДСМ оценуваат дека целата ситуација го нарушува кредибилитетот на институциите и ја продлабочува недовербата во правосудниот систем, барајќи целосна транспарентност и јасни одговори за основот врз кој е донесена одлуката за куќен притвор.
Македонија
Македонските државјани кои се наоѓаат во Израел да побараат помош, воздушниот сообраќај е затворен за цивилни летови
Во врска со последните информации за влошената безбедносна состојба во Израел, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава внимателно да ги следат официјалните национални портали за итни случаи и строго да постапуваат во согласност со упатствата на надлежните институции.
-Истовремено, апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба.
Согласно информациите добиени од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, воздушниот простор над Израел е затворен за цивилни летови до понатамошно известување. Сите комерцијални влезни и излезни летови се суспендирани, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај, се соопштува утрово на фејсбук-страницата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
МНРиНТ ги потсетува нашите државјани дека во случај на потреба од помош може да се обратат на следните контакти:
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив:
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546
Е-пошта: [email protected]
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
Е-пошта: [email protected]
-Министерството преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој, наведува Министерството.
По влошувањето на безбедносната состојба во Израел и регионот, важно известување на својата фејсбук-страница утрово објави и Амбасадата на Северна во Израел, која ги повикува македонските граѓани кои во моментов се во Израел строго да ги следат упатствата издадени од Командата на израелскиот домашен фронт.
-На граѓаните им се препорачува: Да останат во или во близина на заштитен простор (засолниште, безбедна соба или друга одобрена заштитена зона); да се осигураат дека го знаат најблискиот заштитен простор; да ги чуваат основните залихи лесно достапни, вклучувајќи вода, храна, лекови, комплет за прва помош, фенерче, полнети мобилни телефони, да ги следат официјалните ажурирања и известувањата во реално време преку веб-страницата на Командата на домашен фронт (https://www.oref.org.il/eng), мобилната апликација и локалните медиуми. Веднаш да влезат во заштитените простори по добивањето известување и да останат таму додека официјалните упатства не покажат дека е безбедно да се напушти. За граѓаните кои планираат да патуваат до/да го напуштат Израел, летовите моментално се откажани до понатамошно известување. Препорачуваме внимателно да ги следите ажурирањата од авиокомпаниите и надлежните органи, се наведува во апелот од нашата амбасада во Тел Авив.
За каква било помош или итни прашања, достапни се броевите на Амбасадата: +972 54 500 8566 и +972 54 967 0546
-Амбасадата продолжува внимателно да ја следи ситуацијата и ќе обезбеди дополнителни информации доколку е потребно, се наведува во известувањето.
Македонија
На Попова Шапка има снежна покривка од 83 сантиметри
Најстудено утрово е во Прилеп со измерени 3 степени под нулата. Минусни температури има и во Крива Паланка, Берово и Mаврови Анови (-2 степена), и -1 степен на Попова Шапка и во Битола.
Како што соопшти УХМР, 0 степени се измерени во Тетово, Штип, Kрушево и Претор, 1 во Скопје – Петровец Охрид, Кавадарци и Виница, 2 степена во Скопје Зајчев Рид, Велес и Демир Капија, 4 во Струмица и 8 степени во Гевгелија.
На Попова Шапка има снежна покривка од 83 сантиметри.
Според прогнозата на УХМР, претпладне по одделни котлини ќе има ниска облачност или појава на магла. Во текот на денот насекаде ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 15 степени.
Во Скопје претпладне ќе има ниска облачност, а во текот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Максималната температура ќе достигне 14 степени.

