Македонија
Андоновски: Бесплатни WI-FI зони за граѓаните во повеќе од 60 општини низ Македонија
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денес во посета на Ѓорче Петров, заедно со градоначалникот на општината, Александар Стојковски го најави проектот за нови бесплатни WI-FI зони низ државата, со што се става акцент на граѓаните, со тоа што ќе можат да користат бесплатен интернет во овие зони, а првата ваква зона ќе биде токму паркот во Ѓорче Петров.
„Поставуваме бесплатни WI-FI зони за граѓаните, Ѓорче Петров е една од првите општини каде што ова ќе се реализира, со проект поддршка од ЕУ, преку планот за Западен Балкан, односно WI-FI за Западен Балкан. Освен во Ѓорче Петров, имаме апликации во повеќе од 60 општини низ државата“, најави Андоновски.
Овој проект кој е во соработка со ЕУ во интерес на државите од Западен Балкан, како што беше појаснето е од големо значење и поддршка на сите држави кои партиципираат, затоа што ќе се зголеми пристапноста до интернет и ке се подигне дигиталната писменост.
Андоновски најави исто така дека во Скопје ќе има десетина вакви зони, кои како што рече тој, младите ќе бидат најголеми корисници на овој проект.
„Во Скопје ќе имаме повеќе од 10 локации каде што ќе бидат поставени овие WI-FI зони, каде граѓаните, особено младите ќе имаат пристап до бесплатен интернет овозможен од овој проект во соработка со ЕУ”, рече Андоновски.
Градоначалникот Стојковски изрази задоволство од досегашната соработка со Министерството за дигитална трансформација и најави целосно дигитализирање на општинските услуги, бидејќи како што рече дигитализацијата нуди подобри и поефикасни услуги за граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

