Македонија
Андоновски: Владата започнува со реализација на уште едно изборно ветување – GOVTECH програми за решавање на проблеми на граѓаните
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денес на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), го отвори хакатонот „Кликни безбедно“ иницијатива која е во организација на МКСафеНет, проект во рамки на Министерството за дигитална трансформација.
Андоновски во своето воведно обраќање на присутните им посака добредојде на првиот младински GOVTECH хакатон во Македонија.
„Со овој настан, но и со целиот проект сакаме да покажеме дека технологијата не е тука за да ги замени луѓето, туку за да ги поврзе – и да им даде алатки што ги штитат, ги едуцираат и ги охрабруваат“, започна Андоновски
Тој нагласи дека Министерството за дигиталнта трансформација, го исполнува ветувањето да создаде GOVTECH екосистем – со хакатони, мобилни апликации, онлајн решенија кои се од младите и за младите.

„Во време кога младите често се гледаат како ‘иднината’, јас во вас тука ја гледам сегашноста – креатори на решенија, не само корисници на услуги. Затоа што најдобрите дигитални алатки не доаѓаат од владини згради, туку од училишни клупи полни со идеи, од факултетите, од средните училишта“, дополни Министерот
„Токму затоа го создаваме MKSafeNet – мрежа за дигитална заштита на млади, и го започнуваме овој хакатон со вас, средношколци од сите страни на Македонија. Вие сте доказ дека дигиталната писменост, креативноста и одговорноста може да одат рака под рака“, заврши Андоновски
Овој настан ќе опфати ученици од средните училишта во Република Македонија со различни вештини во делот на дигиталниот свет како програмери, дизајнери, иноватори и ентузијасти собрани заедно во тимови кои во одреден временски период ќе работат со цел да развијат иновативни решенија на одредена тема или проблем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

