Македонија
Андоновски: Владата се посветува на дигиталната инфраструктура во Прилеп
На денешната промоција на Националниот портал за електронски услуги во Прилеп, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со пратеникот Дејан Проданоски, присуствуваше на настанот. Министерот истакна дека, како ресорно министерство и како Влада, се посветуваат на дигиталната инфраструктура во Прилеп, но и низ цела Македонија.
„Токму тука, на плоштадот во Прилеп, ќе биде поставена бесплатна Wi-Fi зона со интернет достапен за сите граѓани на општина Прилеп. Ова е еден голем европски проект кој го реализираме низ општините во Македонија, а Прилеп е еден од приоритетните градови“, истакна Андоновски.
Тој најави дека во наредниот период ќе биде пуштен и новиот Центар за услуги во Прилеп, преку кој граѓаните ќе можат брзо, лесно и ефикасно да ги добијат потребните услуги.
„Ја користам оваа прилика да најавам дека и Прилеп, по примерот на другите општини, ќе добие нов Центар за услуги (ЕТУ Прилеп), кој ќе ги доближи сите електронски услуги достапни на Националниот портал – uslugi.gov.mk – до граѓаните на општина Прилеп. Овој центар ќе биде воспоставен во соработка со локалната самоуправа, и очекуваме дека ќе го отвориме во наредните 3 до 6 месеци“, најави Андоновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на „Стоп за Усје“
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, прими претставници на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, кои ги образложија нивните ставови врзани за влијанието на цементарницата Усје врз квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето.
Истакнувајќи ги своите барања, тие укажаа на потребата од воспоставување мерни станици со 24/7 мерење на загадувачките супстанци, целосна транспарентност на добиените податоци, како и усогласување со препораките на Светската здравствена организација за граничните вредности на ПМ10 честичките.
Претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ споделија компаративни примери од други држави каде што пропишаните параметри се пониски од македонските.
Според нив, наместо да се ангажираат приватни акредитирани лаборатории за независни мерења, треба час поскоро да се забрза процесот на акредитација на државната лабораторија.
За нив, неопходна е поголема институционална поддршка и очекуваат надлежните, доследно, транспарентно и неодложно да ги извршуваат законските обврски во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.
Претседателката, пред сè како граѓанка, ја сподели загриженоста за загадувањето на воздухот, почвата и водите, како едно од најгорливите прашања.
Сиљановска-Давкова ги сослуша аргументите и истакна дека со внимание ги следи нивните активности насочени кон поздрава и побезбедна животна средина, како врвен национален приоритет.
Таа потсети дека не случајно го именувала за член на Советот за безбедност, професор и научник од областа на метеорологијата и климатските промени, д-р Спиридонов.
Соговорниците се согласија дека животната средина е заедничка одговорност и стратешка определба, оти е неопходен континуиран дијалог меѓу граѓанските организации, институциите и стопанските субјекти заради креирање одржливи и долгорочни решенија, како и дека Собранието треба, согласно Деловникот, да ги отвори портите за нив во расправата за законите од областа на животната средина и вршењето на надзорната функција.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.

