Македонија
Андоновски: Наместо граѓанинот да носи хартија од еден до друг шалтер, институциите почнаа да комуницираат електронски
,,Што постигнавме за една година; прво, услугите дојдоа до граѓаните, не обратно, истакна министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на прес-конференција по повод првата годишнина од формирањето на Министерството.
„120 нови услуги, бројка што постојано расте. И затоа повеќе од 170 илјади граѓани го препознаа тоа“, рече министерот, кој потсети дека граѓаните сега онлајн може да ги добијат услугите на порталот uslugi.gov.mk, како и дека со измените на Законот за електронските документи првпат правно валидни документи може да се добијат без физичко присуство, со електронски потпис, QR-код, во електронска форма или испечатени.
Појасни дека не се заборавени ни граѓаните што немаат пристап до дигитални алатки или немаат вештини, така што во текот на летото, покрај новите три центри за услуги, ќе се отворат уште најмалку три.
,,Ја поврзавме државата. Преку платформата за интероперабилност денес над 70 институции разменуваат податоци во реално време. Наместо граѓанинот да носи хартија од еден до друг шалтер – институциите почнаа да комуницираат електронски. Исто така, ја зајакнавме заштитата на државните системи. Првин ја донесовме Националната стратегија за сајбер-безбедност по три години вакуум. Таа има и буџет, акциски план со одговорности и обврски за сите засегнати“, рече Андоновски.
Министерот го истакна и донесувањето на четирите реформски закони, усогласени со регулативата на ЕУ, како што се Законот за електронските комуникации и првиот Закон за сајбер-безбедност, Законот за архивската дејност и Законот за електронските документи. Формиран е и Сектор за сајбер-безбедност, во чии рамки треба да биде и владин центар за одговор на инциденти (SOC).
Во однос на грижата за дигиталната безбедност на децата и младите, Андоновски рече дека Министерството активно работи на воспоставување на националниот центар за побезбеден интернет MKSafeNet, кој ќе биде прв интегриран национален систем од ваков тип, кој ја става безбедноста на најмладите во дигиталниот свет како приоритет од највисок ранг.
Се осврна и на забраната на над 220 интернет-страници за нелегално онлајн-коцкање, што, според него, е конкретен резултат на дигитална анализа и следење на IP-адреси и VPN-механизми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.
Македонија
Измамена 76-годишна битолчанка: се претставил како лекар и ѝ зел 7.000 евра за да ја спаси внуката повредена во сообраќајка
Во полицијата во Битола, 76-годишна жена вчера пријавила дека била измамена за 7.000 евра.
„76-годишна жена од Битола пријави дека била измамена од страна на непознато машко лице, кое и се јавило на телефон и ѝ се претставило како лекар, по што и кажало дека нејзината внука е тешко повредена во сообраќајна несреќа и треба да даде пари за да ѝ го спаси животот. Пријавителката заедно со сопругот однеле 7000 евра и ги дале на едно лице кое, според договорот, ги чекало кај саатот во Битола. Подоцна, пријавителката сфатила дека била измамена односно дека нејзината внука не учествувала во сообраќајна несреќа“, соопшти МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

