Македонија
Андоновски: Наша цел е до 2030 година најмалку 80 отсто од возрасното население да поседува основни дигитални вештини
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска во Скопје имаше поздравно обраќање на министерска конференција на Управувачките платформи на Западен Балкан за образование и обука и истражување и иновации, во организација на делегацијата на Европската унија во Република Македонија.
Во своето обраќање, министерот Андоновски ја истакна важноста на дигиталната трансформација за напредокот на Македонија и регионот. “Денес дигиталните вештини и иновации се клучни за напредокот на нашето општество и економија“.
Министерот Андоновски ги презентираше плановите на Република Македонија во областа на градењето на дигиталните вештини, истакнувајќи:
“Наша цел е до 2030 година, најмалку 80% од возрасното население да поседува основни дигитални вештини. Исто така, се стремиме значително да го зголемиме бројот на ИКТ професионалци, со посебен фокус на зголемување на учеството на жените во оваа област.”
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска Давкова се обрати на првиот академски час: Инвестицијата во образованието е најдобрата инвестиција
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на свеченоста по повод почетокот на новата академска 2024-2025 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Во своето обраќање на првиот академски час, пред бруцошите од сите факултети при Универзитетот, Сиљановска Давкова нагласи дека образовниот процес е сократов процес во кој студентите и професорите учат едни од други.
„Секогаш сум мислела дека Универзитетот е вистинско место за бунтовни луѓе и дека ние треба да ја поттикнуваме таа бунтовност. Не мислам на бунтовност врзана за војни, мислам на бунтовност во знаењето, мислам за прашања, за вулкан од прашања, мислам за потрага по одговори, мислам за потрага по знаење. Ако не го качиме процентот за истражување и за образование, тогаш и себе и вас ве ограничуваме“, истакна таа.
Како универзитетска професорка, претседателката изрази задоволство што пред себе гледа амбициозни млади луѓе жедни за знаење, наука и за промени.
„Инвестицијата во образованието и во знаењето е најдобрата инвестиција, знаењето ќе ве направи не само компетитивни, знаењето ќе ве направи подобри, посмирени, потолерантни, поумерени, со разбирање за сите други“, рече претседателката.
Сиљановска Давкова во своето обраќање се осврна и на автономијата на Универзитетот, како клучен предуслов што гарантира вистински натпревар и негување на критичен ум.
„Кога зборувам за автономијата не мислам само на автономија во организацијата, не мислам само на автономија на програмите, мислам и на финансиска автономија, оти кога ги гледам овде колешките и колегите знам дека вложувањето во нив е вистинското вложување“, порача претседателката Сиљановска Давкова.
Македонија
Граѓаните да овозможат пристап до топлинските потстаници во зградите, порачуваат од ЕСМ
Соработката со потрошувачите е од суштинско значење за навремено и квалитетно снабдување со топлинска енергија, велат од од АД ЕСМ. Во пресрет на новата грејна сезона ги повикуваат граѓаните да ги завршат сите потребни проверки и поправки на внатрешните грејни инсталации пред 15 октомври, потсетувајќи ги дека редовното одржување на внатрешните грејни инсталации е нивна обврска.
Затоа е препорачливо навремено да се извршат проверки и да се завршат започнатите интервенции во најкус можен рок, и тоа да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи. На тој начин придонесуваат испораката на топлинска енергија од системот за централно греење да се одвива непречено и навремено. Исто така, важно е заедниците на сопственици да овозможат пристап на службените лица до топлинските потстаници во објектите и да обезбедат непречено електрично напојување во топлинската станица (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација) – соопштуваат од компанијата.
Оттаму посочуваат дека за информации или пријави на дефекти и завршени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи.
Македонија
Мицкоски за корупцијата: Имаме партиски октроирани Обвинителство и судство, нема да дозволам од тоа да правам естрада, но оние што сториле криминал треба да одговараат
Борбата против корупцијата е можеби една од најголемите забелешки што ги слушаме изминативе денови, а критиката се однесува на тоа зошто не апсиме. Нема да дозволам од тоа да правам естрада. Ниту имам намера како човек преку својата позиција и злоупотребите на институциите, кои се дел од македонската Влада, да манифестирам сила, моќ и реваншизам. Тоа нема да се случи. Човечки е да се простува, но исто така потребно е криминалот и корупцијата да бидат казнети. Но, има институции во кои се водат тие процеси, има закон, има Устав, пред кои оние што сториле криминал треба да одговараат, порача премиерот Христијан Мицкоски по повод 100 дена Влада.
Мицкоски побара трпение од граѓаните оти, како што рече, процесот е тежок.
„Имаме партиски октроирани Обвинителство и судство. Зборувам за една мала група обвинители и судии, кои се партиски послушници, а кои го контаминираат правосудниот систем. И затоа тргнавме уште на почетокот во делот на реформи во правосудството и дадовме рок дека до крајот на септември чекаме предлози од оние што излегоа со критика. Вчера, измина тој рок, ниту еден официјален предлог не стигна до нас. Сите оние што критикуваа дека сакаме да правиме чистка во правосудството и повторна партизација ги нема. Е, затоа од денеска почнуваат реформите во правосудниот систем, граѓаните немаат повеќе простор за чекање и разочаран сум што не добивме ниту еден предлог како да се одвива реформата“, порача Мицкоски.
Додаде дека во наредниот период Владата почнува со реформи во правосудството.
„Жалам што толкави огромни плати поединци добиваат на грбот на граѓаните, а работата што ја испорачуваат е мала или мизерна. Затоа почнуваме со реформите и во периодот што следува нема запирање во делот на правосудството. Борбата со криминалот и корупцијата продолжува, голем дел од случаите се веќе разоткриени и се на виделина на јавноста“, додаде Мицкоски.