Македонија
Андоновски најави нови правила за онлајн медиумите
Со измените на Законот за медиуми, кои се во владина процедура и наскоро ќе влезат во собраниска расправа, ќе се воведат нови критериуми за професионално работење на онлајн медиумите. Ова го истакна министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во интервју за „Тема на денот“ на ТВ Сител.
„Медиумите што ќе имаат импресум, назначен уредник, најмалку тројца вработени и ќе се регистрираат во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ќе добијат статус на препознаени медиуми. Ова е барање од ЕУ, но и наша намера да воспоставиме јасна граница за тоа кој ги информира граѓаните, а кој работи аматерски или со злоупотреба на информациите“, изјави Андоновски.
Тој додаде дека нема да има пречки за оние што ќе одлучат да не се регистрираат или немаат тројца вработени, но дека препознавањето на онлајн медиумите ќе биде олеснето за оние што ќе ги исполнат новите услови, особено во меѓународни рамки.
Најдоцна до јуни годинава ќе биде изработена Националната ИКТ стратегија, која што се базира на четири клучни столба. Првиот е поврзливост или инфраструктура, вториот се услугите или дигитална трансформација и на бизнис секторот и на јавните услуги, третиот се новите технологии и вештачката интелегенција и четвртиот е дигиталните вештини за граѓаните и за вработените во јавниот сектор, изјави вечерва министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
„Нашиот фокус сега е да одиме во два правци. Едниот правец е да ги дигитализираме услугите што граѓаните најмногу ги користат за да ја поткренеме свесноста дека постојат вакви електронски услуги и секако паралелно со тоа да одиме со оние институции коишто се најподготвени за брза дигитализација на нивните услуги“, рече Андоновски.
Министерот посочи на соработката со Агенцијата за катастар. Имотниот лист и пет други најкористени услуги од катастарот од оваа недела се достапни на порталот uslugi.gov.mk. Во сите центри за услуги во Скопје, во Општина Аеродром, во Јегуновце, во Куманово, во Охрид, во Битола и во Тетово граѓаните ќе можат да извадат ваков документ преку електронска услуга од катастарот.
„Што значи практично дека шалтерите од катастарот ги прошируваме низ целата држава и во нашите центри за услуги“, рече министерот.
Со измените на Законот за електронски документи од 1 јануари секој документ којшто ќе се испечати од порталот односно електронски документ ќе може да се користи како традиционален документ, со синиот печат.
„Што значи дека овие документи имаат електронски печат, електронски потпис, времен жиг кој што точно утврдува кој го произвел, кој го потпишува и во кое време, што значи имаат полноправна валидност и ќе можат да се користат“, рече Андоновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

