Македонија
Андоновски на Глобален дијалог во Будимпешта: Сајбер-нападите врз критичната инфраструктура не се виртуелна закана, туку реален ризик
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, еден од главните говорници на Budapest Global Dialogue 2026, истакна дека стратешката соработка меѓу државите и партнерите е суштинска за градење отпорни институции, стабилни демократии и безбедна дигитална инфраструктура во услови на зголемени глобални предизвици.
Настанот започна со воведно обраќање на министерот за надворешни работи и трговија на Република Унгарија, Петер Сијарто, по што следуваа високи панел-дискусии посветени на глобалната безбедност, геополитичките промени и дигиталната трансформација.
Во своето обраќање, министерот Андоновски нагласи дека светот се наоѓа во период на длабоки и комплексни промени.
„Денес се соочуваме со меѓународен поредок кој е под притисок на повеќе фронтови, воени, финансиски и демографски. Мултиполарноста повеќе не е тема за дискусија, туку реалност со која мораме одговорно да управуваме“, истакна Андоновски.
Тој предупреди дека сајбер-нападите врз критичната инфраструктура не се виртуелна закана, туку реален ризик со директни последици врз државите и секојдневието на граѓаните.
„Кога болници, енергетски мрежи, водоснабдителни системи или финансиска инфраструктура се мета на сајбер-напади, последиците се длабоко реални – нарушени животи, ослабени институции и зголемен ризик од ескалација“, порача министерот.
Андоновски посочи и на опасностите од дезинформациите и технолошките зависности:
„Кога дезинформациите ја разоруваат јавната доверба, демократиите потешко функционираат, а општествата ја губат кохезијата. Кога синџирите на снабдување со критични технологии стануваат средство за притисок, тогаш суверенитетот станува условен.“
Од перспектива на Република Македонија, како членка на НАТО и држава со јасна евроатлантска ориентација, министерот нагласи дека отпорноста на државите е темелот на секое успешно партнерство.
„Ние сме мала држава, но се наоѓаме на пресек на региони, пазари и стратешки интереси. Знаеме дека сојузништвата се клучни, но исто така знаеме дека силата на секој сојуз зависи од отпорноста на секој негов член“, истакна Андоновски.
Тој нагласи дека сајбер безбедноста мора да се третира како национална безбедност, а не како техничка формалност.
„Сајбер безбедноста не смее да биде додадена на крајот од проектите. Таа мора да биде вградена во начинот на кој функционираат Владите, како се набавува инфраструктурата, како се испорачуваат јавните услуги и како се управува со кризи.“
Во вториот дел од обраќањето, министерот Андоновски се осврна на значењето на дигиталната трансформација за јакнење на јавната доверба.
„Дигиталната трансформација треба да ја направи државата потранспарентна, подостапна и поодговорна. Кога граѓаните добиваат ефикасни услуги, а бизнисите работат во предвидлива и безбедна средина тогаш се зајакнува општествениот договор меѓу државата и граѓаните.“
Министерот истакна дека стратешката соработка мора да биде конкретна и оперативна:
„Тоа значи заедничка борба против сајбер-криминал, измами и рансомвер, споделување на најдобри практики, градење релации за брз одговор на инциденти и јакнење на нормите што го намалуваат ризикот од погрешни проценки и ескалација.“
Во рамки на својата посета на Будимпешта, министерот Андоновски ќе оствари неколку билатерални средби со високи владини претставници, како и посета на Министерството за енергетика на Република Унгарија, при што ќе се разговара за можностите за унапредување на соработката во областа на дигиталната трансформација, сајбер-безбедноста и поврзувањето на енергетските и дигиталните системи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

