Македонија
Андоновски на средба со претседателот на Националниот совет за сајбер-безбедност на ОАЕ

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски оствари билатерална средба со Н.Е., д-р Мохамед Хамад Ал Куваити, раководител на сајбер безбедноста за Владата на Обединетите Арапски Емирати и претседател на Советот за сајбер безбедност на ОАЕ.
Соговорниците разговараа за заштита во областа на сајбер безбедноста, меѓународната соработка во справувањето со хибридни напади и сајбер закани.
Ал Куваити е познат по тоа што ја доведе ОАЕ во првите 5 најзаштитени земји од сајбер напади. Д-р Ал Куваити води и бројни иницијативи кои донесоа Гинисови рекорди за подигање на свеста за сајбер безбедноста и организирање на најголеми сајбер безбедносни вежби, со што значително ја зголеми отпорноста на нацијата во сајбер просторот.
„Голем придонес имаат разговорите со луѓето како господинот ал Куваити, со кои разговараме за правците и насоките за тоа како да ја подобриме заштитата од вакви напади“, истакна Андоновски.
„Драго ми е што во напредна фаза е и Меморандумот за меѓувладина соработка во оваа област, кој се надевам дека ќе го потпишеме скоро. Со тоа ќе ја детерминираме нашата соработка во целиот натамошен период“, заклучи Андоновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пријателите и соработниците се простуваат од Панчо од ДНК: „Џуџе мое, многу ќе ми фалиш“

Пријателите и соработниците се простуваат од Владимир Блажев – Панчо кој почина седум месеци по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Џуџе мое, многу ќе ми фалиш“, напиша Перо Антиќ.
„Широко небо Панчо. Не наоѓам зборови џуџе, мислев нема да се дадеш“, стои во пораката на Миа Костова.
„Фала ти за секој совет, фала ти за поддршката што ми ја даваше секогаш во секое време, ќе ни фалиш на сите“, напиша Антониа Гиговска.
Македонија
Обвинителството ќе нареди обдукција по смртта на Панчо од ДНК

Јавното обвинителство ја потврди информацијата за смртта на Владимир Блажев – Панчо од ДНК, кој почина утрово, седум месеци по пожарот во „Пулс“ кој избувна на 16 март.
„Обвинителството ќе издаде наредба за обдукција на лицето за кое постапката беше времено прекината токму заради здравствената состојба“, велат од Обвинителството.
Блажев извесно време бил во кома, а по пожарот се здоби со тешки изгореници на лицето и на рацете. Тој беше и меѓу осомничените за пожарот во Кочани кој избувна од пиротехника на сцената, но постапката за него беше прекината. На лице место загина и неговиот соработник од дуото ДНК, Андреј Ѓоргиески. Животот го загубија и други членови на бендот – професорката и придружен вокал Сара Пројковска, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, музичарите Филип Стевановски и Александар Коларов, фотографот Александар Ефремов и битбоксерот Мартин Атанасовски – Буцо Битбокс. Панчо е 63 жртва на пожарот во кој згаснаа животите на младите луѓе, а ден подоцна од тага загина и возачот на брзата помош, Иле Гочевски од Кочани, кој цел ден и цела ноќ ги пренесуваше повредените низ болниците.
Македонија
Мицкоски: Комплетно реновирано одделение на Клиниката за трауматологија

Комплетно е реновирано одделение на Клиниката за трауматологија, изјави премиерот Христијан Мицкоски кој беше во посета на Клиниката.
„Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам за можноста да бидеме денес тука, да им се заблагодарам на здравствените работници коишто се дел од оваа клиника што работеле и имале трпение во услови коишто биле такви какви што биле, да бидам попрецизен- никакви. Она што ние планираме да го правиме во здравството после завршувањето на локалните избори, ќе бидат озбилни, структурни реформи бидејќи имам чувство дека годишно трошиме околу една милијарда евра, а не го добиваме тоа што граѓаните и пациентите го заслужуваат. Но, исто така и здравствените работници, се разбира“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека има премногу надворешни влијанија кои треба да бидат минато ако сакаме да имаме здравствен систем во којшто ќе имаме задоволни здравствени работници и задоволни пациенти.