Македонија
Андоновски: Сомнежи за злоупотреба на милиони евра од европски фондови преку Националната агенција за мобилност
ВМРО-ДПМНЕ има сериозни сомненија дека милиони евра од европските фондови се злоупотребуваат преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, рече денеска на прес-конференција претставникот на опозициската партија, Стефан Андоновски.
„Сознанијата што ги имаме укажуваат на тоа дека преку сомнителни одлуки на сомнителни евалуатори, едни исти невладини организации постојано добиваат голем дел од колачот, а не останале со куси ракави и луѓе што биле дел од судската власт. Постојат сомненија дека луѓе инволвирани во целиот процес толку биле охрабрени што дури и преку електронска пошта барале процент од парите што би биле доделени за одреден проект, а како противуслуга ја нуделе нивната помош и посредување. Стотици илјади евра на Агенцијата се трошени и на сомнителни набавки, кои треба да бидат интерес на органите на прогонот“, нагласи Андоновски.
Тој додаде дека наместо Националната агенција да работи транспарентно и отчетно, ги крие податоците за резултатите од добиените грантови.
„Резултатите од првиот рок на аплицирање за проектите од клучна акција (КА105), кој беше до 5, односно 12 февруари 2019 година, Националната агенција во Македонија ги објави на 8 јуни 2019 година. Четири месеци подоцна. На овој начин на апликантите што беа одбиени во првиот рок на аплицирање им беше одземено правото своите проекти да ги коригираат и со нив да аплицираат во вториот рок во април“, обвини претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Андоновски посочи дека директорката на Националната агенција, Лидија Димова, од само на неа познати причини, на нетранспарентен начин ги води сите постапки за доделување средства на невладини организации.
„Време е за одговорност на менаџерите на институциите поради срамот и омаловажувањето што ѝ се случува на Република Македонија, особено во областите што се од интерес на младите, а поддржани од Европската Унија“, рече членот на опозициската партија нагласувајќи дека кон ЕУ не се оди со празни фрази за блескање и исполнување критериуми кога од друга страна има крајно сомничав и нетранспарентен пристап во работењето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.

