Македонија
Андоновски: Шилегов како торнадо опустоши низ Град Скопје
„Го имаме пред нас извештајот за извршување на буџетот и овој извештај ја дава сликата за пустош кој СДСМ го остава во институциите. А, во овој случај сликата за пустошот кој е оставен во Градот Скопје. И ова е поразителна слика на четири изгубени години и 6 потрошени буџети и можеби го гледаме само крајот од таа приказна, крајот од таа поразена слика“, истакна Стефан Андоновски, советник во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на денешната седница.
Андоновски додаде дека има чувство дека на претходниот градоначалник никој не сака да се сеќава, ниту да го спомне. Претходниот градоначалник, како што рече, е како некое торнадо коешто избришало сè од градот и поради тоа граѓаните на Скопје не сакаат на него да се сеќаваат.
„Сепак добро е да видиме што таа администрација има оставено во Градот Скопје и од што се почнува. Затоа што многу е лесно да критикуваме проекти, да бараме објаснувања за некои нови проекти коишто се реализираат или не се реализираат, за долгови коишто ги има или не ги има, но треба да ја знаеме стартната позиција. И за првпат, ова е првиот извештај којшто таа стартна позиција многу чисто ни ја покажува“, појасни Андоновски.
„И највнимателните идеалисти и најголемите поддржувачи на претходниот градоначалник во овој извештај нема да го видат она што беа неговите најкрупни ветувања. Во овој извештај нема средства потрошени за луна парк којшто беше најавуван шест години. Во овој извештај нема фонд за талентирани средношколци и спортисти иако бил предвиден, планиран, дека средношколци и спортисти ќе бидат финансирани. Во овој извештај ги нема парите од Градската куќа, никаде не може да ги најдете каде се потрошени парите коишто се добиени од продажбата на Градската куќа. Инаку, за оние коишто не знаат тоа е домот во којшто требаше да биде сместен Град Скопје, изграден, проектиран, скоро пуштен на употреба од претходниот градоначалник до 2017 година. Но во четири години единствено што овој градоначалник успеа да го продаде, а никаде да ги видиме средствата“, рече Андоновски.
Укажа дека има нула денари реализација на капитални инвестиции во градежни работи. Нула денари, според него исто така има и за Форумот на жени претприемачи нешто што сега се менува. Има нула денари потрошени за Парк-шума на Водно од предвидени 15 милиони денари во делот на Комунални работи.
„Но има интересна работа којашто можете да ја видите, на пример во една од ставките има потрошено 6.000 денари за комунални проекти, но во исто време има 2.000 евра на проектирање на нови проекти, а 70.000 евра на веб-сајт. Веб-сајт којшто никогаш реално не профункционира. Значи 6.000 денари, 100 евра на комунални проекти, но 70.000 евра на веб-сајт којшто никогаш не профункционира“, нагласи Андоновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

